Ердоган се подготвува за победа

250

Можеби е наивно да се верува дека на изборите Ердоган може да загуби. Од друга страна, како што покажаа изборите во Ирак, па и изборите во САД, живееме во време кога можеме да го очекуваме неочекуваното. Некаков непредвидлив настан може да направи нешто на што не се надева ни самата турска опозиција, а тоа е да го спречи Ердоган да добие нов мандат

Синан Чиди


Во пресрет на претседателските и парламентарните избори во Турција, актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган има големи изгледи да победи уште во првиот круг од гласањето. Ако се остварат ваквите прогнози, тоа ќе биде големо достигнување, со оглед на економските проблеми на државата, како и проблемите во надворешната политика, вклучувајќи ги падот на турската валута и порастот на инфлацијата, можниот подем на Иран откако САД се повлекоа од нуклеарниот договор и зголемените тензии со Израел. Овие прашања ќе продолжат да ја мачат Турција, без разлика кој ќе победи на изборите. За Ердоган, тие станаа главен фокус во неговата кампања. Тој се обидува да ги убеди турските гласачи дека тој е единствениот што може да ја води државата во вакви бурни времиња.
Ако Ердоган успее и победи со мало мнозинство на изборите на 24 јуни или во вториот круг, тој ќе добие нов мандат, но овој пат со значително проширени ингеренции. Предностите на новото извршно претседателство на Турција ќе му дадат практично неограничена моќ, освен ако опозициската партија, односно партиите во овој случај, освојат повеќе од половина од местата во парламентот. Парламентарното мнозинство на опозицијата ќе го ограничи Ердоган, иако малку, бидејќи претседателот ќе може да издава декрети што ќе имаат правен статус на закони и кои парламентот нема да може да ги оспори. Тогаш прашањето е кои се шансите, ако има такви, на противниците на Ердоган да ја спречат неговата победа.
Кога Ердоган ги најави предвремените избори во април, опозицијата падна во хаос. Партиите сè уште немаа избрано кандидати за изборната трка против актуелниот претседател, а не ги претставија ни политичките програми. По околу еден месец почна да се оформува полето на противкандидати на Ердоган. Републиканската народна партија (ЧХП), главната опозициска партија, може да биде најголемата веродостојна закана за претседателот, со тоа што номинираа кандидат од популистичката фракција, односно Мухарем Инџе.

Инџе, кој е познат по неговиот полемичен ораторски стил, не се плаши да се повика на недоследностите во политичкиот лик на Ердоган. По неговата номинација како претседателски кандидат на ЧХП, Инџе се сврте кон социјалните медиуми и ја покажа својата факултетска диплома за да докаже дека не е тешко да се добие диплома, иако Ердоган постојано одбива да го стори тоа. Кандидатот на ЧХП има широка поддршка кај турските гласачи. Неговиот цврст став за однесувањето на Израел кон палестинските демонстранти ја има поддршката од националистичките гласачи, а со неодамнешната посета на притворениот лидер и кандидат на Народната демократска партија (ХДП) ја освои и поддршката на многу курдски гласачи. Нивната поддршка може да биде доволна за да го помине првиот круг и во вториот круг да се натпреварува со Ердоган.
Ердоган не треба да биде загрижен само за Инџе. Новиот бизнис со изборните коалиции меѓу партиите предизвикува загриженост кај Ердоган и кај неговата Партија за правда и развој (АКП). Во обидот да обезбеди солиден изборен резултат, претседателот ја оформи коалицијата со Партијата за националистичко движење (МХП). Но сега и кај ЧХП се појави спротивен сојуз, поточно Партијата ИЈИ (Добрата партија), Партијата на среќата и релативно непознатата Демократска партија. Коалицијата дури помогна и во полето на игра со Ердоган, благодарение на диверзитетот на нејзините членови. Иако Инџе и ЧХП ги привлекуваат секуларните, образовани, урбани гласачи, Партијата на среќата и нејзиниот кандидат Темел Карамолаоглу ги привлекуваат конзервативците, кои не го сакаат Ердоган.
Карамолаоглу не само што ги застапува ставовите на турскиот верски конзервативен гласачки блок туку исто така тој не е толку агресивен и одмаздољубив како Ердоган. Националистичките гласачи разочарани од коалицијата на МХП, од друга страна, ги поддржуваат Мерал Акшенер од Партијата ИЈИ и Инџе, кои нудат силни националистички платформи.
Поради неодамнешните промени во изборниот закон, гласот за која било партија во коалицијата ќе се брои како глас за целата коалиција.
Некои прогнози покажуваат дека коалицијата АКП-МХП на Ердоган нема да обезбеди мнозинство за да не оди во втор круг, иако партиите во коалицијата на ЧХП поединечно имаат многу понизок рејтинг од АКП и МХП. Втор круг против Инџе е финалето, што Ердоган сака да го избегне по секоја цена. Сепак, вториот круг од изборите би можел да биде токму тоа што е потребно зад еден противник да се обединат сите гласачи што се против Ердоган, без разлика дали се курдски или конзервативни.

Секако, оваа варијанта е можна само ако изборите се слободни и фер. Претстојните избори во Турција нема да бидат такви. Ердоган и АКП ќе ги искористат сите средства за да ја обезбедат нивната победа, главно затоа што сакаат да ја спречат можноста за трансфер на моќта ако изгуби претседателот. Медиумите веќе на големо се фокусирани на Ердоган и неговите кандидати, а опозицијата многу малку се споменува. На денот на изборите сигурно ќе има заплашување на гласачите или злоупотреба на гласачките кутии. Владата ќе наметне процедури за да го ограничи бројот на гласачи што ќе излезат на изборните места во клучните области, а органите за спроведување на законот ќе бидат на самото место за да го спречат броењето на гласовите во спорните места доколку е потребно, сè со цел Ердоган да ја обезбеди победата.
Во момент на неочекувана искреност или можеби збунетост, претседателот неодамна изјави за новинарите дека тој би прифатил пораз „ако народот избере дека му е доста од него“. Неговите противници веднаш на социјалните медиуми почнаа да објавуваат смешни монтажи на фотографии и цинични пораки дека „веќе е доста!“, фраза што беше една од најактуелните на Твитер повеќе од 24 часа.
Но турската јавност можеби наивно верува дека на изборите Ердоган може да ја загуби функцијата. Иако е јасно дека претседателот не е толку самоуверен и е склон кон грешки повеќе од обично како што наближуваат изборите, тој сепак има големи шанси да победи на изборите и можеби уште во првиот круг, со оглед на неговата предност во трката.
Конечно, како што покажаа скорашните избори во Ирак, па дури и последните претседателски избори во САД, живееме во време кога можеме да го очекуваме неочекуваното. Некаков непредвидлив настан може дури и да направи нешто што самата опозиција не може да се надева, а тоа е да го спречи Ердоган да добие уште еден мандат.

Авторот е директор на Институтот за турски студии при Универзитетот во
Џорџтаун, САД