Еврото станува глобална валута

1279
ЕУ сака да го наметне еврото како доминантна валута на светските пазари

Еден ден пред инаугурацијата на Џо Бајден како нов американски претседател, Европската комисија лансира нова офанзива за да ја промовира употребата на единствената европска валута на светско ниво, со цел да ја намали ранливоста на финансиските пазари што премногу се „потпираа“ на доларот, смета Хорхе Валеро од „Еурактив“

Брисел лансира нова офанзива против доминацијата на американскиот долар

Европската комисија усвои иницијатива за јакнење на еврото на меѓународен план, што официјално се планира да се соопшти во блиска иднина. Имено, според нацрт-документот до кој дојде магазинот „Еурактив“, кој сè уште е предмет на измени, „Комисијата ќе стапи во контакт со третите држави како нејзини партнери за да ја промовира употребата на еврото, да го зачува неговиот статус како меѓународна референтна валута во трговијата, енергетиката и секторот на стоки, но и да го зајакне спроведувањето на политиката на санкции на Европската Унија (ЕУ)“. Ова не е првпат Комисијата да вложи напори во зајакнување на меѓународната улога на еврото. По наметнувањето на американските санкции врз Иран, што се одрази врз европските компании, извршното тело на ЕУ донесе заклучок уште во 2018 година дека треба во иднина да се намали зависноста од доларот во меѓународниот финансиски систем.

„Отворена стратегиска автономија“

Во меѓувреме, влијанието на пандемијата на ковид-19 му даде нова динамика на овој приоритет, бидејќи ЕУ сака да ја зајакне стратегиската автономија во клучните сектори. Во документот се наведува дека „неговата цел е да се постават цели како ЕУ да ја зајакне стратегиската автономија со промовирање на меѓународната улога на еврото, да се зајакнат инфраструктурите на европскиот финансиски пазар, да се подобри спроведувањето на европските режими за санкции и да се зголеми европската отпорност на ефектите на незаконската вонтериторијална примена на еднострани санкции од трети држави“. Новиот обид на Комисијата да го позиционира еврото наспроти доларот се случи еден ден пред инаугурацијата на американскиот претседател Џо Бајден, во време кога ЕУ сака да ги обнови трансатлантските односи по четиригодишниот турбулентен период под власта на Доналд Трамп. Министрите за финансии на ЕУ неодамна дискутираа за иднината на билатералните односи во финансиските и монетарните сфери со поранешниот американски секретар за финансии, Лери Самерс.
– Професорот Самерс зборуваше за своите убедувања дека ние сме на прагот на новата ера на „трансатлантско затоплување на односите“. Дефинитивно верувам дека постои заеднички став во ЕУ и во Вашингтон дека мора да ја искористиме можноста за да ги обновиме и рестартираме трансатлантските односи по неколкуте тешки години – истакна на видеоконференцијата Паоло Џентилони, европскиот комесар за економија.

Петнаесет клучни чекори

Инаку, во новото соопштение на Комисијата се вели дека пандемијата ги изложила „слабостите во меѓународниот финансиски систем во кој доминира доларот“. Понатаму, во нацрт-документот се наведува дека „светските финансиски пазари премногу се потпирале на доларот во ублажувањето на финансиските тензии и ризиците по стабилноста. Падот на процените на европските компании за време на кризата го зголемил ризикот од предаторско преземање од страна на неколку стратегиски европски фирми, со ризик од губење на технолошката експертиза и нарушување на голем број синџири на вредности“.
Комисијата исто така верува дека посилната улога на еврото ќе придонесе за „поголема системска стабилност“, бидејќи го збогатува режимот на светски валути и може да ги намали шоковите поврзани со одлуките во монетарната политика. За да ја зајакне меѓународната улога на еврото и да ја зајакне стратегиската автономија на ЕУ, извршното тело на ЕУ предложи 15 клучни чекори, вклучувајќи долгорочни предлози како што се комплетирање на банкарската унија и постигнување напредок во унијата на капитални пазари.
Како дел од својата офанзива, Комисијата ќе промовира инвестиции во евра и ќе ја олесни употребата на еврото како девизна валута и во наплаќањето на фактурите преку дијалози, работилници и анкети со финансиските партнери, регулатори, институционални инвеститори и други јавни и приватни актери.
Во однос на меѓународниот систем на економски санкции, извршното тело на ЕУ сака да спроведе „детална анализа“ на слабостите на Унијата, особено со акцент на „незаконското вонтериторијално спроведување на едностраните санкции на трети земји“. Овој потег има цел да избегне настани како што беше нарушувањето предизвикано од страна на американските санкции врз Иран, кога СВИФТ одлучи да ги следи во чекор, а со тоа и зајакнување на глобалната улога на еврото.