Европските влади се откажуваат од поддршката за работниците

104
Државите бараат од работодавците да го споделат финансискиот товар

Државните мерки што помогнаа да се зачуваат милиони работни места за време на карантинот предизвикан од пандемијата, полека почнаа да се откажуваат наспроти предупредувањата од синдикатите

Додека економиите во Европа излегуваат од карантин, владите имаат неповторлива порака за работниците, а тоа е дека тие повеќе не можат да сметаат на нивната поддршка.
Владите на ЕУ ги намалуваат нивните програми за поддршка на платите за вонредна состојба, насочени кон зачувување на работни места за време на кризата со коронавирусот, дури и додека пандемијата продолжува да ги замрачува краткорочните економски изгледи, наспроти молбите од синдикатите.
Европскиот модел на социјална заштита беше ефикасен во поддршката на работните места за време на кризата со коронавирусот, бидејќи владите се ангажираа да помогнат во покривањето на платите на огромен број работници. Според Европската конфедерација на синдикати, 45 милиони Европејци во моментот не се на работните места и добиваат барем дел од своите плати преку владините програми за поддршка.
Но овие итни мерки се скапи за државните каса, а владите го чувствуваат притисокот.
– Не можете да ја задржите економијата на стероиди премногу долго, бидејќи тоа не е остварливо и треба да дозволите одредена реорганизација – вели Стефано Скарпета, директор за труд, вработување и за социјални работи во Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Кога земјите се заклучуваа, владите во Европа решија да ги користат програмите и мрежите за поддршка на работниците, проширувајќи ги и за категориите работници, кои инаку не се квалификувани за поддршка. ОЕЦД проценува дека 55 отсто од приватната работна сила во Франција е надвор од работните места, 45 отсто во Италија и 25 отсто во Германија, што се невидени нивоа.
Дури и земји што немале такви шеми за субвенционирање плати, како Ирска, побрзаа да ги создадат. Во суштина, повеќето од нив ја платија целата сметка, додека во нормални времиња, работодавецот придонесува за трошоците за ваквите програми. Среде кризата со коронавирусот, вели Сакрпета, ова беше особено соодветно затоа што беше начин да се зачуваат работни места, кои можеа да се зачуваат, но луѓето едноставно не можеа да работат поради мерките на карантин.

Тоа беше главно успешно. Во споредба со САД, каде што невработеноста се зголеми за 22,2 милиони лица вкупно во март и април, загубите на работни места во Европа за истиот период изнесуваа 638.000, според податоците на Евростат.
– Масовната употреба на краткорочни работи избегна драматично зголемување на невработеноста и загуба на работни места – вели Даниел Терзенбах, директор на Управниот одбор во германската агенција за вработување.
Но откако економската активност почна да се зголемува по ублажувањето на мерките на карантин, владите се обидуваат да ги намалат програмите за помош.

– Со повторното отворање на економијата, не можеме да обезбедиме поддршка за сите фирми без никаква дискриминација и во многу дарежливи услови – вели Скарпета.Во Франција и во Австрија, владите преговараа за заострување на шемите со работничките синдикати и претставниците на работодавците, согласувајќи се да продолжат да плаќаат субвенции за плата, додека истовремено бараа од работодавците да заедно да ги плаќаат трошоците. Во Шпанија, Владата одлучи да ја прекине својата шема за субвенционирање на крајот на септември, иако министерот за бизнис Рејес Марото изјави дека постои „подготвеност и консензус“ да ја продолжи програмата по 30 септември. Во Велика Британија, од 1 август работодавците започнаа да имаат поголем удел во платите на нивните вработени и Владата одлучи да ја прекине шемата во октомври.
– Тоа беше многу успешна шема, но време е да се каже дека сега треба да гледаме кон иднината – изјави гувернерот на Банката на Англија, Ендрју Бејли.
Но повторното оживување на вирусот во одредени региони во Европа, заедно со мрачните економски прогнози во услови на неизвесност дали наредните месеци ќе донесат уште едно заострување на мерките за ограничување, ги остава синдикатите на работниците да бидат збунети од намалената поддршка.

Најновите предвидувања на Европската комисија покажуваат намалување на економската активност низ ЕУ од 8,3 проценти оваа година, со пад од повеќе од десет проценти предвиден за Италија, Шпанија и Франција, пред предвидениот скок во 2021 година.
– Ние инсистираме во сите земји за потребата да се продолжат шемите за краткорочна поддршка барем до крајот на годината. Уште е рано да се отстранат мерките затоа што тоа може да доведе до масовни отпуштања. Да се ​​донесе такво решение сега ќе биде многу, многу контрапродуктивно – вели Лука Висентини, шеф на ЕТУЦ, лоби-група на европските синдикати.
Наесен, владите на ЕУ треба да бидат во можност да пристапат до програмата за заеми од 100 милијарди евра на Европската комисија, за да ги заштитат националните шеми за поддршка на платите. Шпанија веќе објави дека бара заем од 20 милијарди евра.
Но пакетот за обновување на економиите од 1.820 милијарди евра што го договорија владите на ЕУ во јули нема да почне да се префрла во престолнините на ЕУ пред следната пролет, поради долгата процедура што треба да помине.

– Ризикот е дека ќе имаме јаз помеѓу моментот кога ќе завршат овие мерки за итни случаи и моментот кога планот за заздравување ќе биде оперативен. Ако престанете да плаќате со народни пари за да се справите со вонредна состојба, особено ако имате втор бран мерки на карантин, а немате стратегија за заздравување, тогаш што ќе се случи? Ќе добиете структурна невработеност од 45 милиони лица – вели Висентини.
Во Италија, Владата во март усвои голема поддршка за платите и забрана за отпуштање од работа, што треба да истече во средината на август. Неодамна Владата ги продолжи двете мерки за уште 18 недели, или, доколку се користат наизменично, до крајот на годинава. Ова дојде по жестоката борба со синдикатите, која се закани со генерален штрајк ако Владата ги укине порано.

– Доколку Владата не ја продолжи забраната за отпуштање од работа до крајот на 2020 година, ќе преземе целосна одговорност за ризикот од социјален конфликт – порачаа најголемите синдикати во Италија пред продолжувањето на роковите.
Но продолжувањето многумина го сметаат за лек полош од самата болест. Компаниите што не биле во можност да ги реконструираат своите работни сили, ќе го сторат тоа истовремено, создавајќи „многу тежок сообраќаен метеж на пазарот на трудот“ што ќе ги казни оние што ги губат своите работни места во моментов, правејќи ја загубата на работното место социјално поскапа, смета Тито Боери, професор од Милано.
– Почетокот на 2021 година нема да биде добар – предупредува тој.