Европа не сака да воведе оружено ембарго против Саудиска Арабија

38

Европските земји побрзаа да го прекинат извозот на оружје за Турција по нејзината операција во Сирија, но немаа иста реакција против Саудијците,
кои војуваат во Јемен. Во тој конфликт се убиени или ранети најмалку 18.000 луѓе

Неколку европски земји, вклучувајќи ги Британија, Франција и Германија, привремено го запреа извозот на оружје во Турција поради нејзината воена операција во северна Сирија, која резултира со стотици жртви, според Сириската опсерваторија за човекови права.
Но ваквата реакција на европските земји го сврте вниманието кон другите купувачи на оружје од ЕУ, особено Саудиска Арабија, која е вклучена во контроверзна војна во Јемен. Коалицијата предводена од Саудиска Арабија се бори против бунтовниците во Јемен од 2015 година, во конфликт во кој досега се убиени или ранети најмалку 18.000 луѓе, иако се верува дека реалната бројка е многу поголема. Над 24 милиони луѓе во земјата имаат потреба од хуманитарна помош, се вели во извештај на ОН, во кој конфликтот во Јемен се оценува како најтешка хуманитарна криза во светот. Сепак, наспроти ваквите бројки, многу земји од ЕУ или одложено реагираа или воопшто не реагираа кога станува збор за договорите за испорака на оружје за Саудиска Арабија.

Британија не го запре извозот на оружје во Саудиска Арабија до јуни 2019 година, кога Апелацискиот суд на Британија утврди дека дозволите за извоз се незаконски, бидејќи Владата не успеала правилно да ги процени прекршувањата на меѓународното хуманитарно право и ризикот за цивилите. Министерката за трговија, Лиз Трус, во септември изјави дека во меѓувреме имало три „ненамерни“ прекршувања на забраната за оружје, од кои две открила таа во писмо до Комисијата за контрола на извозот на оружје, додека третото е откриено во британскиот парламент.
Франција извезе оклопни возила за Саудиска Арабија, за кои Петер Вецеман, аналитичар од Меѓународниот институт за мировни истражувања од Стокхолм (СИПРИ), вели дека е вид опрема што веројатно ќе заврши во Јемен, на границата со Јемен или ќе се користи во конфликтот со Јемен. Во 2018 година, Саудиска Арабија беше рангирана како втор најголем клиент на Франција со купено оружје во вредност од над една милијарда евра, според извештајот за францускиот извоз на оружје претставен пред парламентот.

Во мај, францускиот претседател Емануел Макрон „призна“ дека Франција ѝ продава оружје на Саудиска Арабија, но земјата била уверена дека „тоа не се користи против цивили“. Француската министерка за одбрана, Флоренс Пали, рече дека Владата неодамна не продавала оружје што се користело во Јемен, иако претходно биле обелоденети документи што го сугерираат спротивното.
Германската влада престана да извезува оружје во Саудиска Арабија во октомври 2018 година по убиството на новинарот на „Вашингтон пост“, Џамал Кашоги, во саудискиот конзулат во Истанбул. Забраната за извоз трае до март 2020 година, што е продолжување на првиот рок, кој истече минатиот месец.
Но наспроти ваквата позиција, со забраната не се опфатени другите членови на коалицијата предводена од Саудиска Арабија, што доведе до критики дека германската влада сепак продава оружје што се користи во војната во Јемен.
Во 2018 година Шпанија објави дека го запира извозот на оружје за Саудиска Арабија, кое би можело „директно да се употреби против цивилно население“.
Шпанската влада ја повлече одлуката само неколку недели подоцна, откако Саудијците се заканија дека ќе укинат градежен договор со кој илјадници луѓе во јужна Шпанија би ги загубиле работните места. Мадрид оттогаш не ја промени одлуката.

Зошто земјите од ЕУ го запираат извозот на оружје за Турција, но не и за Саудиска Арабија од истите причини? Постојат неколку објаснувања за тоа, но главно се сведуваат на две – бизнис и сојузи.
Франција, Германија, Британија, Шпанија и Италија се меѓу првите десет најголеми извозници на оружје во светот, а Саудиска Арабија е најголемиот увозник на оружје во светот. За споредба, Турција е 13-ти најголем увозник на оружје во светот. Од 2013 до 2017 година, најголемиот снабдувач на оружје на Саудијците беа САД (61 отсто). По нив следуваа Британија (23 отсто), Франција (3,6 отсто), Шпанија (2,4 отсто), Швајцарија (1,8 отсто), Германија (1,8 отсто) и Италија (1,5 отсто), според податоците на СИПРИ. Дали државите се двоумат да санкционираат еден од најголемите клиенти поради економски причини? Вецеман вели дека не е секогаш така.

– Може да се запрашате дали Турција е помалку од важен пазар од Саудиска Арабија, но тоа не е така за Германија, за која Турција е важен клиент – вели тој.
Друго објаснување е дека овие земји од ЕУ долго време одржуваат сојузи со Саудијците, но не и со саудискиот непријател во Јемен, односно Хутите. Со операцијата на Турција во северна Сирија против Курдите, во прашање беа доведени два европски сојузи. Турција е членка на НАТО, а Западот за сојузници ги смета и Курдите во борбата против Исламска држава. За Вецеман, ова партнерство со Курдите, дефинитивно имало улога во одлуката на земјите на ЕУ брзо да решат да го запрат извозот на оружје за Турција. Друг фактор е и географската близина на Турција со Европа.
– Борбата против Исламска држава е особено важна за Европа, додека тоа што се случува во Јемен нема непосредно влијание и не води до бегалци или до потенцијални терористи што би дошле во Европа – нагласува тој.

Значаен фактор се и моралните размислувања, но тие имаат различно влијание во различни земји. Според него, хуманитарните размислувања имаат помало влијание од бизнис-интересите во земји како Франција и Британија, а поголемо влијание во земји како Германија, Шведска и Норвешка.
– Германија имаше голема шанса да им продаде тенкови на Саудијците, но на крајот се реши да не го стори тоа – вели Вецеман.