Европа најмногу ќе загуби од војната во Либија

308
Луиџи ди Мајо

Конфликтот во Либија се претвори во индиректна војна, а Европа се најде во средина. Потребно е политичко решение, вели министерот Луиџи ди Мајо

ИНТЕРВЈУ СО ШЕФОТ НА ИТАЛИЈАНСКАТА ДИПЛОМАТИЈА

Сите досегашни обиди за запирање на конфликтот во Либија не успеваа. Германија организираше меѓународна мировна конференција во Берлин. Што е ново овој пат што би можело да направи разлика?
– Германија внимателно го чекаше вистинскиот момент. Таа гледаше подалеку од европските партнери. Средбата меѓу Ангела Меркел и Владимир Путин беше суштинска за смирување на тензиите. Задоволни сме и од САД.

Како дел од подготовките за конференција патувавте во Мароко, Алжир, Турција и во Тунис. Италијанскиот премиер разговараше со лидерите на Египет и на Турција, како и со лидерот на либиската влада во Триполи признаена од ОН, Фаиз ал Сараџ, и со неговиот ривал на Истокот, командантот Халифа Хафтар. Како ја оценувате целата ситуација?
– Италија со месеци се обидуваше да ги убеди сите актери да учествуваат на конференцијата. Многу сум задоволен што во Берлин дојдоа многу владини претставници. Успеавме да ја вратиме ЕУ во централна улога.

Зошто беше толку тешко да се постигне договор?
– Овој долгогодишен конфликт експлодира во април. Двете страни побараа од Европа оружје, војници и дронови. Не сакавме да бидеме дел од тоа. Како што покажа Москва, ниту една земја не може сама да ја реши сложената ситуација во Либија. Тоа се случува само во филмовите. Реалноста е дека сите мора да седнат на преговарачката маса.

Зошто проблемот е толку комплексен?
– Во Либија има повеќе завојувани страни. Инволвирани се и племиња од Тунис и од Алжир. Затоа е толку важно да се работи и со овие земји.

Во минатото, Европа беше поделена во однос на Либија. Затоа ли Русите и Турците имаат толку големо влијание денес во земјата?
– Европа и Италија го изгубија влијанието во Либија од една едноставна причина. Не бевме подготвени да ги снабдуваме со оружје завојуваните страни.

Другите помалку се грижеа за тоа?
– Војната само раѓа нова војна. Во моментот сме сведоци на голема војна со беспилотни летала. Но дури и земјите што не се членки на ЕУ, кои им дадоа поддршка на спротивставените фракции разбираат дека проблемот е поголем од конфликтот во Либија. Тензиите меѓу некои медитерански земји се причина за уште поголема загриженост од граѓанската војна меѓу Бенгази и Триполи. Со оглед на оваа ескалација, многу земји разбираат дека во овој историски момент најдобро е дипломатско решение со Европа, која има изградено единствен став.

Како ги толкувате интересите на неевропските актери?
– Има многу отворени прашања. Обединетите Арапски Емирати се загрижени за нивната битка против Муслиманското братство. Турците сакаат да го спречат Хафтар да го заземе Триполи. Египет е загрижен за заканата од тероризам на неговите граници, која ги мачи и Алжир и Тунис. Либија е полна со актери што сакаат да се позиционираат на боиштето, а берлинската конференција беше пресудна за создавање ред.

Италија и Франција имаат различни интереси. Рим го поддржува Сараџ, а Париз го поддржува Хафтар.
– Досега сме немале проблем со Французите во однос на Либија.

Италија сака Триполи да ги спречува бегалските чамци да пловат кон Сицилија. Франција смета дека Хафтар ќе ги држи терористите понастрана од Сахел. Тука е ривалството меѓу најважните италијански и француски енергетски компании, „Ени“ и „Тотал“. Што е клучно од ова?
– Вистинскиот проблем е што ние во ЕУ им дозволивме на многу други земји да се вклучат во Либија. Но дојде време актерите со различни интереси да работат заедно. Европа се чини дека ќе изгуби најмногу од конфликтот во Либија. Само помислете на 700.000 мигранти во земјата. Ако војната ескалира, хуманитарната криза ќе се влоши и многу ќе дојдат во Европа.

Кој треба да постигне договор за Либија, завојуваните страни или меѓународните поддржувачи?
– Бидејќи сме сведоци на индиректна војна, поентата е сите инволвирани да седнат на преговарачката маса за да нема понатамошно мешање. Испораките на оружје треба да престанат и треба да се спречи да пристигнуваат нови платеници во земјата.

Што ќе се случува по примирјето договорено во Берлин?
– ЕУ ќе има значителна задача да го гарантира сето тоа. Потоа ќе ни треба европска мировна мисија, во договор со Либија и со ОН.

Што значи тоа поконкретно?
– Оружјето во Либија се испорачува по копнен, воздушен и по морски пат. Затоа ни требаат европски мировници со мисија што ќе дејствуваат и ќе се грижат дека договорот за прекин на огнот се спроведува.

Дали Италија би испратила свои војници во такво сценарио?
– Сметам оти ЕУ, а не индивидуалните членки, може да биде неутрален и доверлив актер за таква мисија. Ние сме подготвени да испратиме војници, но со согласност од Либија и од ОН.

Зошто Хафтар би поддржувал примирје кога може да го освои Триполи?
– Дури и по неколкумесечна борба, тој не беше во можност да го заземе Триполи. Дури и ако дојде до Триполи, војната нема да заврши.

Зошто?
– Граѓанската војна би се претворила во крвава урбана војна, што ќе се води по улици и во куќи. Не можете само да подигнете знаме над Триполи и да тврдите дека сте го освоиле градот. Не е толку лесно. Хафтар не може да контролира град од три милиони жители само со 1.000 луѓе. Тој го знае тоа.

Но Хафтар е посилен од владата на Сараџ во Триполи. Дали Италија поддржа погрешен човек во Либија?
– Ние ја поддржуваме владата признаена од ОН, но разговараме и со Хафтар зашто ја разбираме сложеноста на Либија. Италија со векови ја познава Либија.

Дали ќе има една Либија или земјата ќе се подели?
– Либија мора да остане унитарна суверена држава, која е составена од неколку дела. Треба да почнеме процес што ќе овозможи мирен соживот меѓу нив.

Либија мора да остане унитарна суверена држава, вели италијанскиот министер