Дигитална студена војна

116

Натпреварот во развојот на вештачката интелигенција се води во триаголникот Кина-САД-Русија. Кина е насочена кон американската дигитална мрежа, на опциите за контрола или дури и растурање на американскиот воен систем преку „осакатување“ на системот за команда, комуникација и контрола на разузнавачките податоци во воените мрежи на САД. Секоја дигитална мрежа врз која се потпираше американската војска, всушност, е „обележана“ со кинески систем за електронско следење, намерно дизајниран да ја онеспособи Америка во случај на конфликт, се наведува во извештајот на влијателниот Центар за нова американска безбедност

Во најновиот извештај на влијателниот Центар за нова американска безбедност, кој е подготвен од двајца пензионирани функционери на Пентагон (Грег Грант и Роберт Ворк), се наведува дека Кина е многу блиску до постигнување на технолошки паритет со оперативните системи на САД и дека има опасен план за постигнување на технолошка супериорност со која би се ставило крај на американската воена доминација.

И покрај тоа што Кина беше де-факто стратегиски партнер на САД во последните две децении од Студената војна, распадот на Советскиот сојуз ги промени улогите – Америка стана стратегиска закана за кинеските воени стратези. Уште во 1993 година, откако САД ја демонстрираа својата импресивна воена моќ во операцијата Пустинска бура во Ирак, тогашниот кинески претседател Јанг Цемин побара кинеската армија да се подготви за „локални војни во услови на висока технологија“. Потоа, во текот на бомбардирањето на НАТО на Србија во 1999 година, американски бомбардер ја погоди кинеската амбасада во Белград, убивајќи тројца кинески државјани и ранувајќи уште 20. Тоа беше напад врз симболот на кинескиот суверенитет во срцето на Балканот. Кинезите го одбија извинувањето на САД, верувајќи дека американската војска не може да направи толкава грешка во процените.

Тоа беше само уште еден удар, а националното понижување предизвика лутина и гнев на кинеските стратези, поради што тие одлучија да ги забрзаат плановите за надокнадување на воено-технолошка супериорност на САД. И навистина, Кина силно се фокусираше на отстранување на технолошката супериорност на американската војска, а по разгледувањето на тоа што кинеската војска го постигна за нешто повеќе од две децении, и што планира да направи во наредните децении, Ворк и Грант наведуваат дека секоја објективна процена мора да ја земе предвид барем можноста дека американските воени сили се блиску до тоа да станат жртва на намерна, трпелива и голема воено-технолошка стратегија. Поради тоа, во својот извештај тие анализираат клучни делови на кинеската стратегија, која е поделена во три фази.

Во првата фаза, која почна кон крајот на 1990-тите и го опфати почетокот на 2000-та, Пекинг е силно фокусиран на модернизација на кинеската армија, истражувајќи ги методите со кои од позиција на инфериорност сепак може да се спротивстави, па и победи, технолошки понапредниот противник. Втората фаза се однесува на наредниот период, во кој Кина постигна позиција на технолошки паритет во наведуваната муниција, посебно во военото „мрежно војување“, што ѝ овозможи доминација во рамките на регионалната геополитика. Развојот на специјалистичкото оружје, како што се противбродски и суперсонични ракети, ѝ овозможи на Кина контролирање на просторот на Јужно Кинеско Море или Тајван.

Третата и последна фаза веќе е во тек, бидејќи кинеската војска ги надмина САД во смисла на технолошката софистицираност. Ваквата надмоќ му овозможува на Пекинг проекција на сопствените геополитички и геостратегиски интереси глобално на преостанатиот дел од светот. Според извештајот, кинеската војска би можела да постигне технолошки паритет со американската армија на почетокот на 2020-тите, и да ја надмине до 2030 година, ако Пентагон не одговори на предизвикот.

– Кина разви моќни системи за индустриска и техничка шпионажа, благодарение на цивилно-воената фузија. Имено, шпионирањето во Кина стана голем бизнис. Како што земјата троши неверојатни средства за следење, така новите генерации на кинески старт-ап компании се обидуваат да ги задоволат потребите на владата. Технолошките компании и владата се во голема симбиоза, а технолошкиот бум им помага на владините амбиции и обратно. Уште повеќе, кинеските компании на тој начин развиваат глобално конкурентни апликации за препознавање на слика и глас. Тоа е начинот на кој Кина се бори против Силиконската долина, на која полека ѝ го одзема приматот – предупредуваат Ворк и Грант.

Според нив, натпреварот во развојот на вештачката интелигенција се води во триаголникот Кина-САД-Русија. Кина е насочена кон американската дигитална мрежа, на опциите за контрола или дури и растурање на американскиот воен систем преку „осакатување“ на системот за команда, комуникација и контрола на разузнавачките податоци во воените мрежи на САД. Во извештајот се наведува и вџашувачкиот податок, според кој секоја дигитална мрежа врз која се потпираше американската војска, всушност, е „обележана“ со кинески систем за електронско следење, намерно дизајниран да ја онеспособи Америка во случај на конфликт.

Камерите се клучен дел на кинеските шпионски платформи, а ХИКВИЖН израсна од кинеска воено-безбедносна агенција во приватна компанија, во која владата задржа 42 отсто од акциите. ХИКВИЖН на Западот се соочува со обвинувања за шпионирање во име на кинеската влада. Ваквата врвна технологија на Кина ѝ обезбедува многу прецизни информации за ситуацијата низ светот во реално време.
Ворк и Грант истакнуваат дека во Кина е воспоставен постојан протек на информации помеѓу приватните кинески компании, кои се занимаваат со вештачка интелигенција, и државата. Кина се обидува да се постави како земја број 1 за сајбер-шпионажата, а овие камери се клучен дел од таа платформа.

По апсењето на Менг Ванжу, една од директорките на „Хуавеи“ во Ванкувер, кинеската компанија се соочи со обвинувања за шпионажа и закана за американската национална безбедност. Центарот за стратегиски и меѓународни студии предупредува дека „Хуавеи“ дејствува како дел од кинеската разузнавачка служба и има поддршка од кинеската влада поради разузнавачките активности. Предупредување потоа издадоа и Британија, Австралија и Нов Зеланд, кои заедно со САД и Канада се членки на сојузот на разузнавачки служби со име „Пет очи“. Австралија и Нов Зеланд одлучија дека нема да им дозволат на кинеските компании да работат на воведување на мрежата 5Г, а Британија донесе одлука да му дозволи ограничен пристап на „Хуавеи“ за мобилната мрежа од новата генерација.