Демократијата ѝ е најголемиот непријател на планетата

646
Како повеќе да се слушне гласот на младите еко-активисти како Грета Тунберг (во средина)?

Помладите луѓе се чини многу повеќе се грижат за климатските промени од постарите, но многу од нив не можат да гласаат. Како може државите да им овозможат да се слушне нивниот глас ако демократијата сега не им го нуди тоа

Дејвид Рансиман

Во денешната Британија, ретко некоја јавна личност може да ги обедини брегзитерите и антибрегзитерите, конзервативците и лабуристите. Сепак, тинејџерката, активистката против климатските промени, Грета Тунберг, го стори токму тоа за време на посетата на Лондон во април, кога беше опкружена од британски политичари од целиот политички спектар.

Во обраќањето пред парламентот, Тунберг рече дека зборувала во име на децата што биле предадени од политичарите и гласачите што не успеале да ги спречат климатските промени. Таа, исто така, тврди дека зборува за неродените милијарди луѓе што ќе го носат товарот на светот што брзо се затоплува.

– Имам 16 години. Доаѓам од Шведска и зборувам во име на идните генерации. Сега веројатно немаме веќе иднина – рече таа.
Требаше да се појави многу храбар политичар за да ја минимизира строгата морална моќ на оваа порака. Ниту еден нејзин британски соговорник – од лидерот на лабуристите, Џереми Корбин, преку тогашниот лидер на ториевците, Мајкл Гоув, до спикерот на Долниот дом, Џон Беркоу – не се осмели на такво нешто. Наместо тоа, сите ги прифатија обвинувањата изнесени против нив и ветија дека ќе направат подобро.
Забелешките на Тунберг го покажаа длабокиот јаз меѓу помладите и постарите генерации кога станува збор за климатската политика: судир меѓу оние со моќ да дејствуваат и оние што мораат да живеат со последиците ако не го сторат тоа. Климатската криза е проблем што бара долгорочно размислување меѓу генерациите, но изборната политика е насочена кон одговори на актуелните поплаки. Политичарите можат да зборуваат за долгорочни погледи, но без институционални промени во начинот на кој ја практикуваме демократијата, веројатно нема да гледаат подалеку од краткорочните политички придобивки.

Протести на движењето Бунт против истребувањето во Лондон

Младите и старите сè повеќе изгледаат како две различни политички племиња, а разликите се можеби најостри во однос на климатските промени. Неодамнешното гласање во Велика Британија покажува дека за речиси половина од сите гласачи на возраст од 18 до 24 години, глобалното затоплување претставува најголемиот проблем на нашето време. Помалку од 20 отсто од гласачите над 65 години мислат исто. Во САД, само десет отсто од гласачите на возраст од 18 до 29 години ги опишуваат климатските промени како „не многу сериозен проблем“, споредено со 40 отсто од оние над 65 години што го делат истиот став.

Набљудувањето на генерациската поделба во однос на климатските промени е полесно отколку да се зборува за одговорноста. Реториката на Тунберг подразбира дека разликата е прашање на морал. Постарите генерации се чини дека едноставно не се грижат за интересите на помладите. Сепак, не е јасно дека постарите гласачи се помалку загрижени за климатските промени, пред сѐ затоа што тие нема да бидат живи за да ги видат најлошите последици од нив. Постарите гласачи се грижат за многу работи што не ги засегаат директно. На пример, во САД, образованието се рангира речиси исто како и кај постарите од 65 години така и кај помладите од 30 години.
Како и да е, климатските промени станаа натпревар на сфаќања за светот поделени по генерациски линии и тоа е натпревар на кој победуваат постарите гласачи. Тоа не треба да биде изненадување. На крајот на краиштата, тие се повеќебројни и кај нив е поголема веројатноста да гласаат во однос на помладите гласачи. Кога Тунберг зборува за наредните генерации, таа ги има бројките на своја страна – неродените се помногубројни од живите. Но кога станува збор за вистинските гласачи, математиката ги фаворизира климатските скептици или барем луѓето што имаат други приоритети. Нашиот свет не само што се загреваше побрзо во изминатите децении, тој и старееше побрзо.

Фотографијата ја открива суровата реалност од брзото топење на мразот на Гренланд

Ако демократските политичари треба да ги исполнат своите ветувања пред Тунберг и нејзините врсници, една од најголемите препреки на нивниот пат се нивните избирачи. Граѓаните може да бидат поантагонистички настроени кога владите решаваат да воведат нови политики. Справувањето со климатските промени ќе бара значителна промена во однесувањето: во тоа што јадеме, каде живееме и како патуваме. Актуелните модели на потрошувачка на храна и енергија се неодржливи. Ако ние и планетата треба да преживееме, тоа ќе значи помалку месо, помали домови и помалку автомобили.

Постарите, сепак, имаат тенденција да сметаат дека менувањето на нивното однесување оди потешко отколку кај младите. Повторно, ова не е затоа што тие не се грижат за иднината на планетата, ниту едноставно затоа што тие не ќе мора да живеат со последиците од неуспехот да се променат. Тоа е затоа што возраста носи искуство, а искуството носи аверзија кон загубата. Колку сме постари, толку е поголема веројатноста да имаме работи од кои не сакаме да се откажеме. За луѓето што никогаш не возеле автомобил, ќе биде далеку полесно да се справат без него, отколку за луѓето што користеле возило целиот свој живот.

Едно решение за оваа генерациска нерамнотежа може да биде едноставно да се почека, бидејќи помладите генерации ќе ги заменат постарите. Ако генерациските поделби главно се во однос на ставовите и не се материјални, тогаш постои причина да се мисли дека младите луѓе ќе истраат во нивната загриженост за климатските промени додека стареат. На крајот, младите образовани лица од сегашноста ќе станат постари образовани лица во иднина. Климатската криза ќе ја зајакне политичката агенда како што ќе стареат генерациите, кои се сѐ посвесни за климата.
Проблемот е во тоа што климата не може да чека толку долго. Денешните просветлени млади лица нема да стареат доволно брзо. Решавачките чекори треба да се преземат пред 2030 година.

Еден начин да се случи тоа е да се отстрани нерамнотежата директно преку намалување на возраста на гласање. Гледајќи како 16-годишната Тунберг ги построи политичките лидери во Британија, тешко беше да се најде добра причина зошто да не ѝ се дозволи да гласа уште сега. Но, сепак, политички веродостојните предлози, како што е овозможување на ова право на 16-годишниците и на 17-годишниците, не би биле доволни за да се направи одлучувачка разлика. Промените што всушност би можеле да достигнат нумеричкиот баланс, како што е овозможување на правото на глас на сите деца на училишна возраст, се премногу спорни за да бидат практични. Давањето право на глас на децата е малку веројатно да ги намали генерациските поделби околу климатските промени. Тоа би можело да ги влоши овие поделби – и со тоа да се врати напредокот во климатската политика – ако изгледа како очигледен трик за да се намали моќта за гласање на нивните баби и дедовци. Одржувањето на актуелната возрасна граница за гласање, но одземањето на правото на глас на многу постарите лица, веројатно ќе биде исто толку контроверзно. Ако целата работа изгледа како обид да се изигра системот, тогаш дури и најдобрата намера уште повеќе ќе ги подели групите.
Премостувањето на генерацискиот јаз веројатно ќе бара други видови институционална промена. Доказите од климатските политики во изминатите триесетина години сугерираат дека изборната демократија не е соодветна за постигнување консензус за тоа што треба да се направи. Неизбежната партизација на овој вид политика ги зајакнува пошироките социјални поделби. Различни перспективи за долгорочната иднина се претвораат во поларизирани позиции за климатските промени, што го отежнува постигнувањето заедничка перспектива за емисиите на штетни гасови и за обновливите извори на енергија. Партиската политика се задушува во потрагата по заедничка основа.

Горат амазонските дождовни шуми, „белите дробови“ на Земјата

Ако изборната демократија е несоодветна за задачата за решавање на климатските промени, а задачата е најитната со која се соочува човештвото, тогаш итно се потребни други видови политика. Најрадикална алтернатива од сите би било откажување од демократијата. Авторитарниот кинески систем има некои предности кога станува збор за решавање на климатските промени. Еднопартискиот систем значи слобода од изборни циклуси и помалку потреба од јавни консултации. Технократските решенија што ја ставаат власта во рацете на неизбрани експерти може да одземат клучни одлуки од рацете на гласачите.

Но постојат две причини да се сомневаме дека токму тоа е она што му треба на итниот случај со климатските промени. Прво, секоја транзиција од демократски во постдемократски систем би била нарушувачка. Бариерите во начинот на дејствување врз климатските промени се истите бариери и за други форми на радикални политички промени. Ќе има отпор и од постарите генерации. Второ, тоа не би ја задоволило ниту генерацијата на Тунберг. Таа не бара помалку демократија. Таа бара демократија во која ќе може да биде слушната.

Наместо тоа, потребни се демократски реформи, кои се способни да го надминат генерацискиот ќор-сокак во изборната политика. Една алтернатива е поголем степен на т.н. делиберативна демократија, која ќе им овозможи на поединците со различни гледишта директно да комуницираат едни со други, ослободени од партиско претставништво. Можеби нема да се усогласат, но барем ќе зборуваат сами за себе и ќе наидат на нови можности за да постигнат консензус. Во собранијата на граѓани, децата на училишна возраст и генерациите на нивните баби и дедовци би можеле заеднички да учествуваат во политичка дискусија и донесување одлуки, сè додека креаторите на политиките се согласат да ги врзат нивните одлуки за резултатите од овие разговори.
Друга алтернатива би била порадикална директна демократија. Политичарите што не се плашат од изборните закани и граѓаните што инаку се посветени на политиката на статус кво, понекогаш можат да бидат поттикнати на акција од улични протести, особено ако тие траат подолг временски период. Посетата на Тунберг во Лондон се совпадна со масовните протести на групата „Бунт против истребувањето“, која усвои тактики инспирирани од Мартин Лутер Кинг и од американското движење за граѓански права. Тие со граѓанска непослушност блокираа делови од Лондон за да ја издигнат свеста за моралната итност на овој проблем. Некои од оние што учествуваа беа многу млади бидејќи „Бунтот против истребувањето“ има младинско крило. Но, други не беа, вклучувајќи го и Фил Кингстон, кој беше уапсен откако се искачи на покривот на еден воз на возраст од 83 години.

Насочувањето на енергијата кон други облици на демократија, во вид на граѓански собранија или на граѓанска непослушност, наместо на избори и на партиски поделби, може драстично да ја промени политиката. Но можеби тоа е единствениот начин да се осигуриме дека нашата планета нема да се промени засекогаш.

Авторот е професор по политички науки на „Кембриџ“