Дали светот го очекува нова студена војна?

240

Обединетите нации ја одбележуваат својата 75-годишнина од постоењето, во моменти кога глобалниот поредок што го создадоа по Втората светска војна е со разнишани темели. Мултилатерализмот е во еден голем хаос, како што забележа поранешниот генерален секретар на ООН, Бан Ки-мун.
Надворешната политика на американскиот претседател Доналд Трамп „Америка на прво место“, е пречка за мултилатералните договори, од Парискиот климатски договор до иранската нуклеарна спогодба. Истовремено, Кина видливо се позиционира како нов поддржувач на Обединетите нации.
Но растечкото кинеско влијание има своја цена и ако Пекинг вложи повеќе пари за финансирање на агенциите на ООН, како Светската здравствена организација, тогаш тој сигурно ќе бара и поголем удел во носењето одлуки.

Генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш зборуваше за клучниот момент со кој се соочува ООН. Како што истакна тој, оние што ги градеа Обединетите нации ја знаеја вредноста на единството, бидејќи тие живееја низ војна и претходна пандемија.
Анксиозноста за тоа што значи ривалството на САД во Кина за глобалната стабилност беше една од главните карактеристики на овој состанок од далечина на светските лидери. Итноста на ова прашање не ја криеше ниту францускиот претседател Емануел Макрон, кој во својот снимен говор порача дека денешниот свет не може да се остави на ривалството меѓу Кина и САД.
Тоа ривалство, според кое двете земји се судираат на сите полиња, од трговија до технологија, станува сè пострашно. Претседателот на САД Доналд Трамп само ја заостри реториката, користејќи ја платформата за да го повика светот да се спротивстави на, како го што нарече тој, кинескиот вирус.
Но на помалку од 40 дена до изборите во САД, обвинувањето на Пекинг за пандемијата е клучно за кампањата на Трамп. Се чини дека во моментот има организирани напори да се пренасочат критиките за начинот на кој претседателот се справи со епидемијата преку критикувањето на Кина дека го „извезла“ вирусот.
Дали еден биполарен свет во кој САД и Кина се борат за превласт на крајот ќе доведе до воен конфликт? Јасно е дека генералниот секретар на ООН е загрижен за она што претстои, предупредувајќи од нова студена војна.

– Се движиме во многу опасна насока. Нашиот свет не може да си дозволи иднина каде што двете најголеми економии ќе го поделат светот во голема фрактура, секоја со свои трговски и финансиски правила и капацитети на интернет и вештачка интелигенција. Технолошката и економската поделба ризикува неминовно да се претвори во геостратегиска и воена поделба. Ние мора да го избегнеме ова по секоја цена – рече Гутереш.
Оваа отворена дискусија за последиците од „големата фрактура“ покажува колку брзо се менува светот и како дипломатите се обидуваат да продолжат со тоа.
Кинескиот претседател Си Џинпинг, на виртуелната општа дебата, всушност изјави дека Кина нема намера да се бори или да влегува во студена војна или во воен конфликт со која било земја.
Таа изјава кажува многу работи. Администрацијата на Доналд Трамп ги зголеми тензиите со Кина до таа мера што постојано се шират шпекулации каде води сево ова.
Искусен дипломат изјави дека општата дебата во ООН секогаш се сметала за креативен хаос. Додека светските лидери се собираа, поздравува и се сретнуваа приватно, зад кулисите се случуваше вистинската дипломатија, вели тој. Истиот тој нагласува дека сега останал само хаосот, прашувајќи реторички кој е главен и кој светски лидер има да понуди нешто повеќе од личен интерес.

Пандемијата ги разобличи неправдите во светот, како што забележа генералниот секретар на ООН. Луѓето се мачат, а планетата гори, рече тој, молејќи се светските лидери да го видат ковид-19 како повик за будење и генерална проба за предизвиците што претстојат.
Сепак, набрзо откако Гутереш изјави дека солидарноста е во личен интерес, претседателот Трамп изјави дека сите светски лидери треба да го следат неговиот пример и да ги стават своите земји на прво место.
Доколку Трамп биде реизбран, неговиот унилатерализам ќе биде поизразен, а Обединетите нации веројатно ќе бидат дополнително маргинализирани од Вашингтон. Дали ќе ослабне и посветеноста на САД кон НАТО? Доколку Џо Бајден биде избран за претседател на САД, тензијата меѓу Вашингтон и Пекинг може да се намали, но фундаменталното ривалство на САД во Кина ќе остане.
Светот гради нови сојузи, а сега се поставува прашањето како се приспособува стариот мултилатерален поредок и кој ќе го предводи.