Дали децата предизвикуваат глобално затоплување?

222

Еден хор активисти, научници и новинари сугерираат дека секој би требало двапати да размисли пред да се размножува. Американското радио НПР прашува: „Дали треба да имаме деца во ера на климатски промени?“. Магазинот „Нејшн“ сака да знае: „Како да одлучите да имате бебе кога климатските промени го реобликуваат животот на Земјата?“

Бјорн Ломборг


Во сите култури одгледувањето дете се смета за една од највредните работи што некој може да ја стори. И покрај тоа, еден хор активисти, научници и новинари сугерираат дека секој би требало двапати да размисли пред да се размножува. Американското радио НПР прашува: „Дали треба да имаме деца во ера на климатски промени?“. Магазинот „Нејшн“ сака да знае: „Како да одлучите да имате бебе кога климатските промени го реобликуваат животот на Земјата?“. „Гардијан“ ги советува читателите: „Сакате да се борите против климатските промени? Имајте помалку деца“. А „Њујорк тајмс“ предупредува дека раѓањето дете е најлошиот еколошки потег што некој може да го направи.
Со две деца, хипотетичката американска жена, која користи штедлив автомобил, вози помалку, рециклира, инсталира ефикасни светилки и енергетски штедливи прозорци, ќе направи „штета што е четириесет пати поголема од тоа што го заштедила со таквите постапки“. Минатата година, стапката на наталитет во САД достигна историски ниско ниво.
Веќе го имаме видено тоа. Во 1970-тите, стравот од еколошката деградација и социјален колапс принуди некои луѓе со добри намери да останат без деца. Научниците и лидерите од т.н. Римски клуб погрешно го предвидеа крајот на човештвото, најавувајќи дека планетата ќе остане без алуминиум, бакар, злато, олово, жива, молибденум, природен гас, нафта, сребро, тунгстен и цинк. Тие заговараа запирање на економскиот пораст, намалување на потрошувачката и убедување на луѓето да имаат помалку деца. Некои луѓе во богатите земји го следеа тој совет. Во 1972 година, американски активисти ја основаа Националната организација за неродители, промовирајќи ги бездетните семејства како „политички одговорни“. Истражување од 1976 година истакнува дека стравот од пренаселеност стана „една од причините да се остане без дете“. Се прашувам дали некој од научниците почувствува каење или колку потенцијални родители чувствуваат жалење, кога застрашувачките предвидувања испаднаа дека се обично заплашување.

Исто како и Римскиот клуб, денешните климатски научници се против имањето деца, посочувајќи на еколошкиот товар од зголемувањето на населението на планетата. Повеќето анализи го користат пристапот поставен во научниот труд од 2009 година, подготвен од Пол Муртау и Мајл Шлакс, кои тврдат дека секој родител е одговорен за половина од проектираната емисија на јаглероден диоксид за секое дете во неговиот живот. Но документот не запира тука: вие сте одговорни не само за половина од емисиите на вашето дете, туку и за четвртина од емисиите на вашите внуци, за осмина од емисиите на вашите правнуци и така натаму. Во нивното главно сценарио, Муртау и Шлакс очекуваат дека секое американско дете годишно произведува 20 тони јаглероден диоксид.
Ваквото предвидување е проблематично поради повеќе работи. Прво, тоа количество емисии е 20 отсто повисоко во споредба со денешната реалност. Покрај тоа, САД очекуваат дека личните емисии ќе се намалуваат секоја година за 0,5 отсто, и тоа пред 2050 година.
Второ, пристапот со обвинување на родителите за сите емисии на сите деца во иднината едноставно е лудо. Според таквите мерила, нашите предци – ловци и собирачи – биле многу полоши за планетата отколку некој милијардер со авион денес. Се разбира, одлуката на вашата ќерка по две или три децении да има деца е нејзина сопствена одговорност и избор.
Вистината е дека едно дополнително дете значи можни 90 години емисии на јаглероден диоксид, кои во најлош случај ќе изнесуваат околу 15 тони годишно, колку што е и сегашното ниво. Тоа значи дури 1.350 тони во текот на овој век.
Ако навистина сте загрижени за тие дополнителни емисии, може да ја намалите штетата предизвикана од животната емисија на вашето дете, и тоа за 23.400 долари, преку системот за трговија со емисии во ЕУ. Ако ги купите сертификатите, ќе ги принудите компаниите и преостанатите да емитираат точно 1.350 тони помалку годинава.

Во истиот контекст, американското министерство за земјоделство проценува дека трошоците за одгледување дете од средната класа во САД, и тоа до 17 години, изнесуваат 233.610 долари. Се разбира, вредноста, значењето за родителите да имаат деца е многу, многу повеќе од 233.610 долари. Намалувањето на емисиите на јаглероден диоксид ако се нема дете има вредност не повисока од 23.400 долари. Во строги монетарни рамки, „користа“ од децата многу ги надминува нивните климатски „трошоци“.
И покрај тоа, продолжува заплашувањето на потенцијалните родители. „Њујорк тајмс“ направи интервју со една млада жена, која порача дека знае оти „луѓето се програмирани да се размножуваат, но мојот инстинкт сега ми вели да ги заштитам моите деца од ужасите на иднината со тоа што нема да ги донесам на свет“. Ваквата реторика е погрешна исто како и предвидувањата на Римскиот клуб. Глобалното истражување на сите научни процени за трошоците од климатските промени, кое го спроведе климатскиот панел на ОН, покажува дека глобалното затоплување сега има нето-трошок рамен на нула. (Најпесимистичкото истражување предвидува трошок од 0,3 отсто од глобалниот БДП, а најоптимистичкото очекува нето-корист од 2,3 проценти). Ако не правиме ништо, идните штети се очекува вкупно да бидат 2 отсто од БДП за половина век, а околу 3-4 проценти на почетокот од наредниот век.
Тоа значи дека климатските промени навистина се предизвик со кој мора да се соочиме, а итна е и потребата од дополнително финансирање на истражувањата за обновлива енергија и развој. Но заплашувањето на луѓето да немаат деца ги лишува потенцијалните родители од едно од најдобрите нешта што животот може да ги понуди, со цел да се постигне помалку добро од тоа што можете денес да го купите за 23.400 долари. Постигнувањето толку малку еколошко добро по толку голема човечка цена е лош договор за сите.