Германија по Меркел ќе ја промени политиката кон Кина?

205
Меркел сака да покаже оти Пекинг може да и биде партнер на Европа, а не само конкурент и системски ривал, како што го опиша Европската комисија

Сојузниците бараат од Берлин да ги заостри своите позиции кон Пекинг

Една по една, демократските влади во целиот свет го зацврстуваат ставот против Кина. Она што почна во Австралија и во САД, подоцна се прошири во Индија, Канада и во Велика Британија.

Германија е исклучок меѓу глобалните играчи. Берлин честопати избегнуваше да го критикува раководството на Кина, иако Пекинг ги искористи европските поделби во кризата со ковид-19, организира масовен притвор на муслиманските Ујгури и воведе драконски безбедносни закони за Хонгконг.

Германија не само што молчи туку и енергично ја брани таа тишина. Министерот за економија Питер Алтмаер, близок сојузник на канцеларката Ангела Меркел, во интервјуа изјави оти Германија не ја прифаќа улогата да им држи лекции на други земји. Алтмаер рече дека тој сè уште верува во идејата дека поблиските трговски врски ќе ја придвижат Кина кон послободен и поотворен политички систем.
За критичарите на дејствувањето на Кина под водство на претседателот Си Џинпинг и за приврзаниците за европска реакција, ставот на Германија се смета за голема пречка. Сепак, во Берлин се случува фундаментална промена, иако можеби не со толкаво темпо како во Британија. Во текот на изминатата година, гледиштата за Кина се зацврстуваа во германскиот политички спектар. Со оглед на тоа што Меркел треба да ја напушти функцијата идната година и веројатна е промена на коалицијата, се зголемува чувството дека e неизбежен поцврст став од Берлин.
– Откако Меркел ќе си замине, мислам дека ќе забележите брза промена, евентуално драстична – изјави неименуван претставник на Бундестагот, во сојуз со нејзините конзервативци.

Претставник од германската индустрија се согласува, предвидувајќи дека динамиката на јакнење на ставот ќе биде тешко да се запре, и покрај притисокот од бизнис-лобито за одржување на хармоничните односи.

Пристапот на Меркел кон Кина, што му дава приоритет на дијалогот, избегнува конфронтација или критика и ги става во прв план интересите на голем број германски компании, веќе покажува длабоки пукнатини. Канцеларката влезе во 2020 година решена да покаже дека Пекинг може да ѝ биде партнер на Европа, а не само конкурент и системски ривал, како што лани го опиша Европската комисија. Но Пекинг одби да соработува. Наместо тоа, Кина стана попровокативна, како што се развиваше кризата со ковид-19, користејќи ги своите нови безбедносни сили да се задушат продемократските протести во Хонгконг. Надежите на Меркел за потпишување договор за инвестирање меѓу ЕУ и Кина и за потпишување одделни договори за климатска политика и развој на Африка згаснуваат. Самитот на канцеларката со Си и со водачите на ЕУ, првично планиран за средината на септември во источниот град Лајпциг, е одложен на неодредено време.

Не само што Кина одбива да соработува со Меркел, истото тоа го прават и некои членови од нејзиниот кабинет и од широката коалиција во рамките на Бундестагот, во која членуваат нејзината Христијанско-демократска унија (ЦДУ), социјалдемократите (СПД) и партијата на зелените. Висок официјален претставник во Министерството за надворешни работи, предводено од СПД, напиша жесток коментар за Кина во „Шпигел“, кој се протолкува како осуда за пристапот на Меркел.
Оваа група на членови од различни партии е сѐ поуверена дека може да нанесе уште еден удар врз кинеската политика на Меркел годинава со спречување на нејзините планови да му даде дозвола на кинескиот гигант „Хуавеи“ да ја гради 5Г-мрежата во Германија.

Министерот за внатрешни работи Хорст Сехофер, кој е одговорен да подготви закон за безбедност на 5Г, им сигнализира на противниците на „Хуавеи“ дека не сака да се бори со нив. Според висок функционер во Министерството, тоа значи дека нацрт-законот што Министерството ќе го достави до парламентот наесен ќе предвидува превисоки безбедносни стандарди, кои „Хуавеи“ ќе може да ги исполни.
Додека Британија, Франција, Италија, голем дел од Источна Европа и од Скандинавија се подготвуваат да го истиснат „Хуавеи“, на Меркел, која постојано зборуваше за потребата од заедничка позиција на ЕУ кон 5Г, ќе ѝ биде тешко да ја одведе Германија во друг правец.

Новите контроли на извозот на САД што го ограничуваат пристапот на „Хуавеи“ до напредни чипови отворија дополнителни прашања во врска со доверливоста на компанијата како снабдувач на 5Г и им дадоа дополнителна муниција на противниците на „Хуавеи“ во германскиот парламент.

Позицијата на Меркел би можела дополнително да биде поткопана ако Доналд Трамп биде поразен на ноемвриските претседателски избори во САД од демократскиот противкандидат Џо Бајден. Бајден, кој засега ужива удобно водство во повеќето анкети, сигнализира дека има намера да соработува со сојузниците во однос на кинеската политика. На Берлин ќе му биде тешко да каже „не“.

Ништо од ова не значи дека политичарите од Берлин одеднаш ќе почнат да звучат како нивните колеги од Вашингтон. Но тоа значи дека, на долг рок, тие ќе бидат принудени да им дадат приоритет на пошироки стратегиски размислувања за индустриските интереси при обликувањето на политиката кон Кина.

Берлин ќе продолжи да разговара со Пекинг за области од заеднички интерес, но може да се предвиди и свет по Меркел во кој ќе заземе поцврсти ставови, да им се спротивстави на економските закани од Пекинг, да постави црвени линии и да преземе конкретни активности, во координација со сојузниците, кога Кина ќе ги премине. Германската поддршка за мерките на ЕУ како одговор на безбедносната акција на Кина во Хонгконг, дури и ако тие не одат толку далеку колку мерките на САД, е знак за тоа што ќе се случува.

Последната загатка од процената на идните односи на Германија со Кина е кој ќе ја замени Меркел како канцелар. На нешто повеќе од една година до следните федерални избори нема јасна слика за тоа кој ќе биде нејзиниот наследник, каква влада ќе предводи тој и што може да значи тоа за политиката на Берлин кон Пекинг.
Но по повеќе од една деценија „голема коалиција“ на власт во Берлин, се чини дека најверојатно изборите ќе дадат нова политичка констелација во која ќе бидат вклучени зелените, кои во изминатите години се појавија како германска партија што најмногу ја критикува Кина.

Зелените го поддржуваат она што тие го нарекуваат „етичка надворешна политика“ со човекови права во нејзиниот центар и, бидејќи нивниот главен двигател е борбата против климатските промени, нивниот став кон Пекинг веројатно нема да биде под влијание на германската автомобилска индустрија и нејзината зависност од Кина, или барем не до толкава мера како Меркел.

Од главните претенденти за наследник на Меркел како канцелар, шансите се променија во изминатите месеци во корист на Маркус Зедер, водачот на сестринската партија на ЦДУ, баварската Христијанско-социјална унија (ЦСУ). Како премиер на Баварија, Зедер ги брани интересите на домашните германски производители на автомобили, како БМВ и „Ауди“. Но како канцелар, тој би бил под притисок да покаже дека работи за сите Германци.

Зедер е повеќе политички прагматичар отколку идеолог. Тој драматично го смени ставот во однос на климатските политики во изминатите 18 месеци, зашто имаше смисла да го стори тоа и би се соочил со значителен притисок да го смени ставот и кон Кина, ако треба да коалицира со зелените и се соочи со нова администрација во Вашингтон што ги поттикнува своите сојузници на поголема соработка.

Германија можеби сега е различна од другите демократски држави, но позицијата на Меркел кон Кина се чини дека е неодржлива. Мала е веројатноста таа да ги преживее политичките промени што претстојат.