Германија и Франција се скараа за стратегиската автономија на ЕУ

548
Макрон во интервју ја прозва германската министерка за одбрана, која ги критикуваше иницијативите на Париз за стратегиска автономија на ЕУ

Берлин тврди дека Европа и Америка мора заедно да се справуваат со глобалните предизвици

Германија неделава ја истакна својата силна посветеност кон блиските врски со Вашингтон, откако францускиот претседател Емануел Макрон ја критикуваше министерката за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер поради проамериканска колумна. Макрон направи невообичаен чекор да критикува министер на владата на клучниот француски партнер во ЕУ, откако Крамп-Каренбауер повика на „крај на илузиите на европската стратегиска автономија“, во колумна објавена во магазинот „Политико“ претходно овој месец.
– Америка и Европа треба целосно да ги прифатат реалностите на континуираното нуклеарно присуство на САД на европскиот континент. Илузиите за европска стратегиска автономија мора да завршат: Европејците нема да можат да ја заменат клучната улога на Америка како обезбедувач на сигурноста. За САД, ова значи дека треба да ја задржат Европа под нивниот нуклеарен чадор во скора иднина. Германија, од своја страна, мора итно да донесе одлука да остане во рамките на програмата за нуклеарно споделување на ниво на НАТО и брзо да ги додели потребните буџетски и воени средства за да остане сигурен нуклеарен партнер.

Нема сомнение дека на Америка ѝ е потребна Европа. Вредноста на САД како глобална сила во значителна мера зависи од тоа дали нивната улога како заштитник на Европа останува веродостојна. Но Европа мора да им демонстрира на САД дека не е само примател туку и давател. Мора да признаеме дека, во скора иднина, ќе останеме зависни. Но, во исто време, ние исто така мора да сфатиме дека треба да трошиме и да сториме многу повеќе за да го зачуваме мирот, да ја браниме слободата, да ги зајакнеме нашите вредности и да ги зајакнеме правилата за кои веруваме дека треба да бидат во сила во светот – порача германската министерка.
Стратегиската автономија е концепт што го поддржува Макрон, кој тврди дека ЕУ треба да стане помоќна на светската сцена и да може да дејствува самостојно во широк опсег на области, од воени операции до индустриска политика.
– Концептот на европска стратегиска автономија или европски суверенитет е многу силен, многу богат и вели дека сме кохезионен политички и културен простор, дека им должиме на нашите граѓани да не зависат од другите и дека тоа е услов каква било тежина во концертот на нациите денес – вели Макрон во едно интервју што беше објавено неделава.
Тој посочи оти воопшто не се согласува со Крамп-Каренбауер, која тврди дека „Европејците нема да можат да ја заменат клучната улога на Америка како обезбедувач на сигурноста“. Макрон изјави дека ставот на Крамп-Каренбауер е „историско погрешно толкување“ и рече дека канцеларката Ангела Меркел не го дели тоа мислење.

Прашан за овие забелешки на прес-конференција, главниот портпарол на германската влада, Штефен Зајберт, избегна да каже дали Меркел ги дели ставовите на својата министерка за одбрана или на францускиот претседател. Но тој го истакна „основното трансатлантско убедување“ на Владата дека Германија и Европа „мора да се справат со најголемите предизвици на нашето време заедно со САД“ ако сакаат ефикасно да го сторат тоа.
Зајберт се осврна на неодамнешната честитка на Меркел до новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден, во која канцеларката рече дека Европа мора да стори повеќе за својата безбедност и да се залага за своите вредности, но ги претстави овие напори како начин Европејците да преземат поголема одговорност во рамките на трансатлантското партнерство.
Целосно се согласуваме со нашите француски пријатели дека ние во Европа мора да преземеме уште поголема одговорност за нашата безбедност, за нашето соседство. Ја споделуваме желбата со Франција да бидеме уште поспособни да дејствуваме независно како Европејци. Канцеларката рече дека одамна тргнавме на овој пат, но секако дека мора да продолжиме – нагласи германскиот портпарол.