Враќање на европскиот суверенитет

95

Геополитичките случувања го оспоруваат местото на Европа во светот. Прашањето сега е дали ЕУ може да го врати целосниот суверенитет и да се наметне како сила на глобалната сцена. Но само ЕУ може да го врати европскиот суверенитет во 21 век. Ако задачата ја добијат традиционалните сили како Британија, Франција и Германија, тогаш таа ќе пропадне

Јошка Фишер

Откако американскиот претседател Доналд Трамп неодамна беше на тура низ Европа, која кулминира со неговата неславна прес-конференција со рускиот претседател Владимир Путин, повеќе нема сомнежи дека тој и неговите поддржувачи сакаат да ги уништат меѓународниот поредок и светскиот трговски систем, предводени од Америка.
Сепак Трамп не е синоним за САД. Тој победи на претседателските избори од 2016 година, иако освои три милиони гласа помалку од неговата противничка Хилари Клинтон, а неговиот рејтинг кај народот никогаш не надмина 50 отсто. Но тој е претседател на САД и со тоа е најмоќниот човек во светот. Неговите дела, иако честопати се апсурдни и контрадикторни, имаат сериозни последици во реалниот свет, особено за најблиските партнери на Америка. За време на неговата посета на Британија, Трамп претера кога ЕУ ја нарече „непријателка“.

Со тоа што сака да уништи практично сè што го дефинираше Западот по крајот на Втората светска војна, Трамп го доведе светот до историска пресвртница. Не се ризикува само врската меѓу САД и ЕУ, која и натаму е силна, туку доминантната позиција на Западот на светската сцена. Трамп ја забрзува промената во светската рамнотежа на моќ, која еднакво ќе ги ослаби и Америка и Европа во релативна смисла. Како што приходите и богатството се селат од Западот кон Истокот, Кина сè повеќе ќе може да ги оспорува САД како светска водечка геополитичка, економска и технолошка сила.

Ваквата транзиција нема да помине без проблеми. За Европа, ризиците се најголеми досега. Ребалансот на моќта што веќе се случува би можел да ја одреди судбината на европските демократии, социјалниот систем на државите, независноста и начинот на живот. Ако Европа сама не се подготви, тогаш нема да има друг избор освен да стане зависна од Америка или од Кина, односно од атлантството или евроазиството.
Европејците не треба да се потпрат на постојните сојузи и правила за да понудат заштита за време на овој период. Но не можеме ни да се потпираме на логиката на традиционалните политики на моќ од 19 век. Светот можеби се движи кон ситуација во која нема јасен хегемон, а големите сили постојано се борат за позиција. Но денешните околности се многу различни од оние од ерата на „Големата игра“. Ескалираното непријателство меѓу Кина и Америка нема да му донесе предност на Стариот Континент.


Франција и Британија, исто така две победнички европски сили, зачуваа остаток од суверенитетот како постојани членки на Советот за безбедност на ОН (и подоцна станаа нуклеарни држави). Но со оглед на светската рамнотежа на моќта, ова беше повеќе симболично отколку што беше одраз на нивното вистинско влијание.


За Европејците, 19 век беше под влијание на Француската револуција и Индустриската револуција, додека 20 век беше под влијание на двете светски војни, Студената војна и развојот на нуклеарното оружје. На крајот на Втората светска војна, на сцената се наметнаа двете неевропски сили на двете страни од стариот европски државен систем, САД и Советскиот Сојуз, а Европа стана само уште едно поле на шаховската табла.
Дотогаш Европа владееше со светот, што во најголема мера се должеше на нејзиниот технолошки развој. Но со крајот на Втората светска војна заврши и нејзината доминација. Европа, а особено Германија, потоа беше поделена меѓу две нови сили и европскиот суверенитет ефикасно беше потчинет под американскиот естаблишмент на надворешната политика и на Кремљ.

Во секој случај, Франција и Британија, исто така две победнички европски сили, зачуваа остаток од суверенитетот како постојани членки на Советот за безбедност на ОН (и подоцна станаа нуклеарни држави). Но со оглед на светската рамнотежа на моќта, ова беше повеќе симболично отколку што беше одраз на нивното вистинско влијание.

Потоа дојде крајот на Студената војна, кога цела Европа усвои цврста трансатлантска ориентација. Во однос на безбедноста, Европа остана да зависи од САД. Но на економските и технолошките фронтови, Европејците го вратија нивниот суверенитет. Институционално, ваквата поделба на трудот се манифестира еднакво и во НАТО и во ЕУ. Се работи за договор што успешно функционираше, но сега е под закана од Трамп.
Три развои на настаните особено ѝ дадоа причина на Европа да стравува за нејзината иднина. Прво, Трамп продолжи да ја доведува во прашање американската посветеност на заедничката одбрана според Северноатлантскиот договор. Второ, неговата администрација активно ја поткопува Светската трговска организација, па светскиот трговски систем се потпира врз поголемиот дел од просперитетот на Европа. Трето, подемот на дигитализацијата и вештачката интелигенција сега се заканува да ги наруши светските технолошки хиерархии.

Ваквите развои на настаните го оспоруваат местото на Европа во светот. Прашањето сега е дали ЕУ ќе си го поврати целосниот суверенитет и ќе се наметне како сила на светската сцена или ќе дозволи засекогаш да заостане зад другите. Сега е моментот на вистината и нема да има втора шанса.

Само ЕУ може повторно да го врати европскиот суверенитет во 21 век. Ако задачата ја добијат традиционалните национални држави како Британија, Франција и Германија, тогаш таа ќе пропадне. Повторното враќање на суверенитетот не само што ќе налага огромни напори туку исто така и обединет фронт, како и ново сфаќање за односот меѓу ЕУ и нејзините членки. Европскиот проект ќе продолжи да ги олеснува трговијата и да обезбедува мир, но сега мора да го зачува заедничките суверенитет.
Ако ЕУ успее во задачата, тогаш Трамп ненамерно ѝ направи голема услуга. Историјата понекогаш продолжува на мистериозен начин. Клучот лежи во прифаќањето на актуелната состојба и да нема двоумења кога ќе дојде момент на одлучување.

Авторот е бивш вицеканцелар и шеф на дипломатијата на Германија од редовите на зелените