Битка за саудискиот трон

229
Принцот Бин Салман сака да го обезбеди престолот додека е на власт неговиот сојузник Трамп, сметаат експерти

Неодамнешните апсења на високи членови на саудиското кралско семејство ги отворија прашањата дали престолонаследникот, принцот Мохамед бин Салман, сака да се ослободи од сите потенцијални ривали во кралскиот двор

Притворањето на високи членови во кралското семејство месецов во Саудиска Арабија отвори многу прашања за тоа што ја предизвика чистката и дали таа е последица на пуч во саудискиот кралски дворец.
За многу набљудувачи, притворот се чини е најнов обид на принцот Мохамед бин Салман да ја консолидира моќта, пресметувајќи се со двајца од највлијателните членови на кралското семејство, принцот Ахмед бин Абдул Азиз, најмладиот брат на кралот Салман и Мухамед бин Наиф, бившиот престолонаследник и министер за внатрешни работи.

По објавата на веста во американските медиуми, саудиските власти не дадоа официјален коментар. Саудиските експерти и набљудувачи, меѓу кои се и извори во кралската палата, велат дека засега е нејасно дали има заговор против Бин Салман. Но она што беше очигледно е дека принцот Мохамед, кој се зацврстуваше на власт откако беше прогласен за престолонаследник во 2017 година, се чувствуваше повеќе од загрозено од неговите двајца главни ривали, принцот Ахмед и Мохамед бин Наиф, човекот што тој го замени.

Бидејќи и двајцата се претставија како алтернативни центри на моќ или легитимни наследници на престолот, нивното присуство, и отфрлањето на Бин Салман како иден крал, го натера принцот да се плаши дека и други членови на кралското семејство би можеле да се соберат околу нив.
Саудиските аналитичари се сомневаат во ставот дека се случил пуч, во традиционална смисла на зборот, со интервенција на армијата. Но еден аналитичар вели дека апсењата можеле да бидат резултат на откривање заговор за отстранување на принцот Мохамед во изминатите неколку месеци.

Други укажуваат на староста на кралот Салман и можното лошо здравје како фактор, засилен со претстојните избори во САД и можноста американскиот претседател Доналд Трамп, еден од најголемите меѓународни сојузници на Бин Салман, да не биде реизбран.
Бивш советник на починатиот крал Абдула, вели оти најголемата причина за случувањата е одбивањето на принцот Ахмед да се заколне на верност на принцот Мохамед.

– Принцот Мохамед, пак, смета дека ако не го заземе престолот за време на владеењето на Трамп, тој никогаш нема да ја добие шансата – вели анонимниот советник.
Принцот Ахмед беше еден од тројцата членови на кралскиот совет, кои се спротивставија на назначувањето на Бин Салман за престолонаследник наместо неговиот братучед Мохамед бин Наиф во 2017 година.
Како најмлад брат на кралот Салман, 78-годишниот принц Ахмед се сметаше за легитимен наследник на престолот. Тој јавно ги критикуваше политиките на Бин Салман, меѓу кои и интервенцијата на кралството во Јемен.

Саад ал Факих, саудиски дисидент, го потврдува ова објаснување, велејќи дека принцот Ахмед двапати бил повикан во кралскиот двор во изминатите неколку месеци за да го поддржи Бин Салман, но тој одбил, а веројатно во меѓувреме разговарал и со други членови на кралското семејство.
– Ахмед можеби зборувал со неговите внуци за да го поддржат во одбивањето на Бин Салман. Кралската палата можеби овие разговори ги сметала за пуч или за предавство – вели Ал Факих.

Тој додава дека принцот Мохамед е загрижен дека Трамп можеби нема да победи на изборите, а остатокот од администрацијата не го поддржува. Дури и по обвинувањата дека Бин Салман на еден или на друг начин бил вмешан во атентатот на саудискиот новинар Џамал Кашоги во саудискиот конзулат во Истанбул во октомври 2018 година, Трамп вети оти и понатаму е партнер на Саудијците.

Според Глен Карл, бивш американски разузнавач, ако се промени администрацијата, веројатно ќе се промени и пристапот на Вашингтон кон Ријад.
– Ќе има поголем отворен притисок или евентуална изолација на Бин Салман на меѓународната сцена и промена на политиката за смирување на некои дејства на Саудиска Арабија – смета Карл.

Апсењета предизвикаа шпекулации за здравјето на 84-годишниот крал.
– Ако кралот не е здрав, Бин Салман сигурно е нервозен. Нему му е потребна заклетва на верност од Ахмед додека кралот е жив, зашто тоа е единствениот начин автоматски да стигне до престолот по смртта на кралот – вели еден експерт.
Карл исто така нагласува дека Бин Салман може да биде оспорен по смртта на кралот. Освен принцот Ахмед, кој се смета за легитимен наследник на престолот, Мохамед бин Наиф е уште еден силен противкандидат, кој се смета за сојузник на САД и поборник на „војната против тероризмот“.

– Наиф имаше добри односи во британските и американските разузнавачки служби. За САД и Британија, Наиф беше добар престолонаследник – вели Карл.
Јахја Асири, саудиски дисидент, смета дека отпорот против Бин Салман расте и надвор од Саудиска Арабија.

– Многу во и надвор од земјата не го сакаат Бин Салман. Без разлика дали тоа се членови на администрацијата на САД или претставници на ЕУ, сите се загрижени дека Бин Салман како крал би создал поголема нестабилност во регионот. Тој се смета за избувлив и опасен поради улогата во војната во Јемен, блокадата на Катар и атентатот на Кашоги. Сето тоа ги тера сојузниците да бараат негова замена – нагласува Асири.

Дали принцот се пресметува со можните ривали за престолот?