Американците гледаат расизам во работењето на полицијата

117
Протести против расизмот и полициската бруталност во САД

Во САД продолжуваат протестите за издигање на свеста за системскиот расизам во полициските оддели во целата земја. Ново истражување покажува дека огромно мнозинство Американци се согласуваат со основната премиса на протестите, дека случаите како смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд се дел од поширокиот институционален проблем со полициските служби во САД.

Според нова анкета на Ипсос и на Еј-би-си њуз, 74 отсто од Американците веруваат дека убиството на Флојд е одраз на пошироки проблеми со третманот на Афроамериканците од страна на полицијата во САД. Ваков став имаат 94 отсто Афроамериканци, но и 70 отсто бели Американци и 75 отсто Латиноамериканци.

Единствената разлика е меѓу политичките партии, при што 92 отсто од демократите и само 55 отсто од републиканците веруваат дека убиството на Флојд е знак на широки проблеми во полициското работење. Од друга страна, 45 отсто од републиканците сметаат дека смртта на Флојд е несреќен изолиран инцидент. Анкетата покажа и дека 66 отсто од Американците не се согласуваат со начинот на кој претседателот Доналд Трамп се справува со протестите. Од друга страна, мнозинството републиканци го одобруваат начинот на кој претседателот реагирал на протестите.