Брисел очекува да биде пофален поради забраната за увоз на руски кавијар, иако рускиот увоз во рамките на ЕУ е речиси незначителен, пишува Виктор Џек за „Политико“

Со одлуката за забрана за увоз на кавијар од Русија, Брисел се пофали дека „удрил“ врз клучната руска индустриска гранка, но реалниот удар веројатно ќе биде само капка во океанот. Европската комисија ја промовираше оваа забрана како дел од поширокиот петти по ред пакет санкции од почетокот на месецот, кој има за цел да ја казни Москва заради нејзината воена операција во Украина, а беше делумно поттикнат од извештаите за наводните случувања во градот Буча. По претходното воздржување од забраната за увоз на луксузни стоки како кавијар и вотка, тие беа вклучени во новиот текст, во кој се наведува дека рестрикциите ќе ги погодат „стоките кои генерираат значителни приходи за Русија“.

Мал увоз на руски кавијар во ЕУ

Русија во суштина произведува многу мали количества кавијар за европскиот пазар, а уште помалку за глобалниот. Иако кавијарот традиционално се добива од Касписко Море и се продава од страна на Русија и Иран, претераното ловење на есетрата, која ги снесува јајцата, доведе до глобална забрана за див риболов, што поттикна голем број продавачи да развијат свои сопствени аквакултури. Според Организацијата за храна и земјоделство, денес Русија многу малку учествува во глобалното производство на кавијар, па така во 2019 година произведе само 52 тони од овој гурмански специјалитет, во споредба со 688 тони произведени во светот. Згора на сè, според податоците од едно неодамнешно истражување на Европската Унија (ЕУ), Русија има генерално затворен пазар, што значи дека во текот на 2020 година таа извршила извоз на само еден тон од својот произведен кавијар додека водечкиот извозник Кина успеала да извезе 123 тони. Во текот на истиот период, членките на ЕУ произвеле 164 тони кавијар.
Освен тоа, увозот на рускиот кавијар во ЕУ е релативно мал. Во 2021 година, Унијата увезе кавијар од Исланд во вредност од 38,3 милиони евра, а од Русија само во вредност од 3,4 милиони, што ја прави Москва нејзин седми најголем трговски партнер кога се работи за оваа елитна храна. Исто така, Русија често се поврзува со еден од најскапите видови кавијар во светот – „осетра“ – несен од критично загрозената риба есетра. Меѓутоа, исто како и преостанатите видови кавијар, сега тој може легално да се произведува само од посебно одгледувана есетра во специјални аквакултури. Вработен во „Петросијан“, еден од најпознатите европски дистрибутери на кавијар, во изјава за „Политико“ потврди дека нивниот кавијар „осетра“ не е увезен од Русија. Токму затоа одредени компетентни лица во оваа индустрија тврдат дека забраната на ЕУ за увоз на руски кавијар е повеќе симболична.

Реалниот ефект од санкциите

Беноа Томасен, претседател на Комисијата за есетра во рамките на Федерацијата на европски производители на аквакултури, вели дека ова се прави само за да им се покаже на луѓето дека ЕУ сепак прави нешто и дека не ѝ се на мета сиромашните. Од постапката реално нема да има ефект и тие се свесни за тоа. Полесно е да се направи ваков вид санкција одошто да се запре увозот на руска нафта и гас“, рече тој.
Во текот на честите консултации со Генералниот директорат за поморство и риболов, кој функционира во рамките на Комисијата, Томасен им нагласил на претставниците на Унијата дека оваа мерка ќе има ограничено влијание. Сепак, тој призна дека не знае дали оваа информација била пренесена до релевантниот оддел за санкции. Оттука, и новите санкции лесно би можеле да бидат избегнати.
Според Конвенцијата за меѓународна трговија со загрозени видови дива флора и фауна (ЦИТЕС), чија цел е трговијата со одредени стоки да не претставува закана за загрозените животни и растенија, трговците со кавијар се задолжени да ја означат својата стока со посебна шифра која вклучува детали за земјата на потекло. Меѓутоа, Томасен рече дека во рамките на своите поголеми пратки, продавачите често прикриваат мали количества кавијар што потекнува од други земји, користејќи ја притоа сопствената национална ЦИТЕС шифра за вкупната пратка. Тој додаде дека некои од нив веројатно дури и поткупуваат службеници на граничните контроли.