Светските влади загрижени за моќта на дигиталните валути

Овој потег на Москва е последен во светската акција за спречување на подемот на криптовалутите, бидејќи владите од Азија до САД се загрижени дека приватно управуваните и многу нестабилни дигитални валути би можеле да ја поткопаат нивната контрола врз финансиските и монетарните системи. Русија со години се бореше против употребата на криптовалутите, велејќи дека тие може да се користат за перење пари или за финансирање тероризам. На крајот им даде правен статус во 2020 година, но ја забрани нивната употреба како средство за плаќање.
Во неодамнешниот извештај, руската централна банка рече дека шпекулативната побарувачка првенствено го одредува брзиот раст на криптовалутите и дека тие носат карактеристики на финансиска пирамида, предупредувајќи за потенцијални меури на пазарот, кои ги загрозуваат финансиската стабилност и граѓаните. Банката предложи спречување на финансиските институции да вршат какви било операции со криптовалути и рече дека треба да се развијат механизми за блокирање на трансакциите насочени кон купување или продавање криптовалути за декретни валути. Предложената забрана вклучува и крипторазмена. Од „Бајнанс“ за Ројтерс изјавија дека остануваат посветени да работат со регулаторите и се надеваат дека објавувањето на извештајот ќе поттикне дијалог со централната банка за заштита на интересите на руските криптокорисници. Елизавета Данилова, шефицата на одделот за финансиска стабилност на руската централна банка, рече дека не се предвидуваат рестрикции во поседувањето криптовалути. Банката соопшти дека како активни корисници на криптовалути, Русите имаат годишен обем на трансакции од околу пет милијарди долари.

Русија е трета во светот по ископувањето биткоини, зад САД и Казахстан, кој може да забележи егзодус на рударите поради стравувањата од заострување на регулативите по немирите на почетокот на овој месец. Руската централна банка соопшти дека ископувањето криптовалути создава проблеми за потрошувачката на енергија. Биткоинот и другите криптовалути се ископуваат преку моќни компјутери, кои се натпреваруваат меѓу себе и се поврзани во светската мрежа за да решаваат сложени математички загатки. Процесот троши многу струја и често се користат фосилните горива за напојување. Затоа од банката велат дека најдоброто решение е да се воведе забрана за ископување криптовалути во Русија.
Во август, Русија сочинуваше 11,2 отсто од светското количество на компјутерска моќ што го користат компјутерите поврзани на мрежата на биткоин. Московски „Битривер“, кој управува со центри за податоци во Сибир, каде што се копаат биткоини, рече дека смета дека не е веројатна целосната забрана за криптовалути, очекувајќи дека ќе се развие балансирана позиција откако различни министерства ќе разговараат за предлозите. Централната банка, која планира да издаде сопствена дигитална рубља, рече дека криптосредствата што ќе станат широкораспространети ќе го ограничат суверенитетот на монетарната политика, со повисоки каматни стапки потребни за да се задржи инфлацијата.