Кога пандемијата на ковид-19 ги погоди САД во март 2020 година, принудувајќи ги спортските сали да затворат, а јавниот превоз да ја прекине работата, милиони Американци повторно ги открија велосипедите како безбедна форма на физичка вежба и превозно средство, што овозможуваше да се почитува физичката дистанца. Велосипедскиот бум ги фати трговците на мало неподготвени, предизвикувајќи новите велосипеди да станат дефицитарна стока додека глобалното снабдување со ова превозно средство беше исто така ограничено поради пандемијата.
Според бројките објавени од Бирото за економски анализи на САД, Американците потрошиле седум милијарди долари на велосипеди и дополнителна опрема во 2020 година, што е повеќе од 6,1 милијарда долари за претходната година. Трендот продолжи и во 2021 година, кога потрошувачката на велосипеди и дополнителна опрема достигна речиси осум милијарди долари. Гледајќи ги сезонски приспособените квартални бројки, потрошувачката на велосипеди достигна врв лани во вториот квартал, кога потрошувачите купуваа велосипеди и опрема со годишна стапка од 8,3 милијарди долари во споредба со претпандемиските трошоци од околу шест милијарди долари по квартал.
Почнувајќи од третиот квартал во 2021 година, кога потоплото време и зголемените стапки на вакцинација помогнаа во намалувањето на бројот на инфекции и овозможија враќање на нормалниот живот, потрошувачката на велосипеди почна да се намалува. Со годишна стапка од 7,5 милијарди американски долари, потрошувачката останува над нивото пред пандемијата, што ги поттикнува надежите дека индустријата ќе го задржи ова темпо.