Брисел треба да одговори на заканите кон Украина, со тоа што ќе го искористи својот најмоќен адут, а тоа е економското влијание. Тој е најдобриот начин што Унијата треба да го примени за да ги убеди големите сили, кои се борат за иднината на Европа, дека и нејзиниот збор треба да биде слушнат, пишува Пјотр Бурас за ЕЦФР

Геополитичка криза на истокот од Стариот Континент

Соочена со ќор-сокакот меѓу Украина и Русија, Европската Унија (ЕУ) почнува да ниже неуспеси. Руското распоредување војска по должината на украинската граница и политичкото условување на Кремљ во однос на НАТО ја претставуваат најопасната безбедносна криза во Европа во овој век. Европската безбедносна архитектура практично и да не постои. Меѓународните договори, кои беа од клучно значење за континентот во ерата по Студената војна, постојат само на хартија. Затоа, ова е одлучувачки момент за Европа, дури и ако европските држави не играат клучна улога во обидот да се намалат тензиите меѓу Украина и Русија. Поради нивните неуспеси, слабости и поделби, Москва не ги смета ЕУ и нејзините членки за еднакви партнери во дискусиите за прашањата што се клучни за нивните интереси. Во однос на контролата на оружјето, воените договори и другите безбедносни прашања, Унијата речиси нема што да понуди.
Тогаш, што може блокот да направи за да ги одбрани своите интереси на најдобар можен начин? Блиската соработка со САД е дел од одговорот, како и обидот да ги обедини членките против заканата. Но тоа само по себе нема да биде доволно. Најважно, Унијата треба да го искористи својот главен адут, а тоа е економското влијание, и тоа во стратегиска смисла. Тој е најдобриот начин што ЕУ треба да го примени за да ги убеди големите сили, кои се борат за иднината на Европа, дека и нејзиниот збор треба да биде слушнат.

Затајува подготвувањето санкции

Не може да се прости тоа што Брисел не успеа да изготви широк пакет санкции за Русија во случај на инвазија на Украина. Американската администрација ја притисна ЕУ да ја забрза работата на санкциите во декември и во јануари, меѓутоа не беше постигнат значителен напредок. Во меѓувреме, како што објави „Ханделсблат“, САД и ЕУ ја отфрлија можноста Русија да се исклучи од меѓубанкарскиот систем СВИФТ. Покрај тоа, постојат отворени поделби во рамките на германската владејачка коалиција во однос на тоа дали да се искористи гасоводот „Северен тек 2“ за да се одврати Кремљ. Но отсуството на германскиот канцелар Олаф Шолц од дебатата во изминатите недели и силните несогласувања околу Русија во неговата Социјалдемократска партија ги поттикнаа сомнежите за цврстина и конзистентноста во пристапот на Берлин.
Многу европски дипломати и политичари веруваат дека е невозможно или неразумно да се планираат санкции врз основа на непредвидени ситуации. Тие тврдат дека, за соодветно насочување на санкциите, треба да се започне со подготовка на мерките само откако ќе биде јасно како и до кој степен противникот ги прекршил меѓународните обврски. Засега, ЕУ само соопштува што не би направила како одговор на Русија. Брисел не само што не успеа да се соочи со Москва со суштински мерки туку и не се вклучи во внатрешните подготовки што ќе му овозможат да постигне консензус за ова прашање. Лани во јуни, Европскиот совет ја задолжи Европската служба за надворешно дејствување (ЕЕАС) да создаде пакет потенцијални рестриктивни мерки за Русија. По шест месеци, нема никаков документ на оваа тема и малку се дискутира за такви мерки меѓу членките на Унијата.

Европа заобиколена во дискусиите меѓу САД и Русија

Ова е поразително обвинување за европската дипломатија во време кога таа е пред најсериозниот тест. Неспособноста на ЕУ да ја подготви единствената најважна алатка за одвраќање и притисок со која располага е во целосна спротивност со нејзините поплаки дека САД и Русија ја заобиколуваат во нивните дискусии за европската безбедносна архитектура. Се зборува за отворање директен канал за комуникација меѓу високиот европски претставник Жозеп Борел и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Предлогот повеќе изгледа како да е наменет за да ја смири вознемирената Унија отколку да ја реши кризата. Тоа што Брисел покажа незадоволство од заобиколувањето во американско-руските дискусии само му даде уште една шанса на Кремљ јавно да се потсмева.
Геополитичката криза на истокот на Европа е најлошиот можен момент за Унијата да се преправа дека практикува стратегиска автономија без да го поткрепи тоа со значајна акција и силно лидерство. Новата германска коалиција е поделена околу Русија, францускиот претседател Емануел Макрон се двоуми да се вклучи во дебатата, Полска е политички дискредитирана во ЕУ, а Борел е без ентузијазам. Постои реален ризик дека ЕУ нема да го реши впечатливото отсуство на одговор пред да биде предоцна. Она што требаше да биде уште една можност за Унијата да стане позрела и посуверена, сега може да се претвори во последен удар врз идејата дека таа може да се развие во независен светски актер. За сите Европејци, ова е најлошиот можен момент да бидат принудени да дојдат до овој заклучок.

Подготвиле: Марјан Велевски, Билјана Здравковска