Додека Европа се бори да ја декарбонизира својата економија и да се одвикне од руската нафта и гас, една од најсончевите и „најсуви“ нации во светот му се наметнува на овој континент, нудејќи решение за неговите проблеми, пишува „Еурактив“

Нови начини за задоволување на енергетските потреби на државите

Делегација од најсушната супсахарска африканска држава тргна на турнеја низ Европа, со цел да ја промовира својата нација како потенцијална централа на чиста енергија. Членови од делегацијата тврдат дека Намибија може да произведе толку многу соларна енергија, што наскоро самата ќе си ги задоволува сопствените потреби за електрична енергија, а до крајот на деценијата таа би можела да стане и извозник на т.н. зелен водород.
Џејмс Мнјупе, економски советник во намибиското претседателство, на почетокот на овој месец го посети Светскиот самит за водород во Ротердам, а неодамна пред да замине за Давос, одржа презентација во Париз. Намибија, која е голема и главно пустинска држава во југозападна Африка, со население од само 2,5 милиони жители, изобилува со сончеви денови и има екстремно сува почва. Поради тоа има совршени услови за изградба на огромни соларни фарми чијашто моќ може да се искористи во производството на водород кој, пак, може да биде користен како погонско гориво или да се претвори во амонијак за правење ѓубриво.
Самото производство на водород подразбира расчленување на водата на нејзините составни делови (кислород и водород) со помош на техниката наречена електролиза. Намибија вели дека таа се наоѓа во единствена позиција за да го направи тој процес чист. Со оглед дека поседува огромно крајбрежје по должина на Јужниот Атлантик, Намибија би употребувала морска вода која би ја десалинизирала и електролизирала, користејќи чисти обновливи извори на енергија. Потоа, преку цевки, водородот би бил пренесуван до терминалот, а потоа извезуван во Ротердам, Германија или во Јужна Африка, но би се користел и за домашни потреби, според Мнјупе.

Европски потреби

Европската Унија планира до 2030 година да произведе 10 милиони тони зелен водород од сопствени ресурси. Сепак, таа смета и на 10 милиони тони од увоз, со кои ќе ги замени нафтата, јагленот и гасот во одредени индустриски и транспортни сектори. Јорго Шацимаркакис, генерален секретар на европската трговска асоцијација за поттикнување на водородната индустрија, е свесен дека Европа сама не може да ги произведе потребните количества водород и затоа нејзин главен партнер е Африка.
Минатиот ноември, три месеци пред да избие конфликтот во Украина и да ја „притисне“ ЕУ да ги диверзифицира своите извори, енергетската врска помеѓу Европа и Намибија направи значаен чекор напред. Намибија го одбра „Хајфен хидроген енерџи“, заедничката инвестиција на германската групација за обновливи извори на енергија „Енертраг“ и инвеститорот „Николас Холдингс“ за реализирање на проектот за изградба на соларна фарма и производство на зелен водород во Цау Хаиб, област во југозападниот дел од земјата. Доколку сè оди според планот, првата фаза од производството на електрична енергија треба да започне во 2026 година. На годишно ниво, на оваа локација би можеле да се произведуваат максимално 300.000 тони зелен водород.

Можен светски гигант во производство на водород

Инвестицијата во Цау Хаиб дава претстава за тоа колкави средства треба да привлече Намибија доколку се надева да стане глобален водороден гигант. На својата интернет страница, „Хајфен“ пишува дека преземениот ангажман на компанијата е во висина од 9,4 милијарди долари. Според статистиките на Светска банка, оваа сума е многу блиску до годишниот БДП на Намибија, кој изнесува 10,7 милијарди долари. Мнјупе истакна и дека има интерес и од кинеските компании, додавајќи дека неговата земја ќе соработува со секој оној кој е „на иста линија со визијата за индустријализација на Намибија“.
Оваа земја се надева дека ќе излезе од колосекот на кој се наоѓаат голем број африкански држави кои се извозници на суровини, наместо на рафинирани производи со повисока додадена вредност. Една од целите на инвестирањето во соларна енергија е да се постигне задоволување на сопствените енергетски потреби, а Намибија увезува околу две третини од вкупната потребна електрична енергија, главно од Јужна Африка.