Милиони улични животни се борат да избегаат од високите температури и дехидрација. Топлотните бранови веќе предизвикаа големи штети низ Индија, пишува Рошни Маџумдар за „Дојче веле“

Бездомни животни во Индија страдаат од рекордните топлотни бранови

Екстремно врелите летни месеци во Индија не им паѓаат тешко само на луѓето, тие го земаат својот данок и кај кучињата, мачките и другите улични животни. Иако кучињата и мачките долго живеат покрај луѓето и зависат од нив за храна, тие никогаш не биле вистински сметани за важни припадници на општеството. Ваквата состојба делумно произлегува од самата перцепција на населението. Одбојноста на луѓето кон кучињата-скитници е предизвикана од нивната склоност да се борат меѓусебно за храна и од фактот дека можат да пренесат беснило, болеста која и понатаму претставува голем здравствен проблем во Индија. Иако истражувачите дојдоа до сознание дека, генерално гледано, уличните кучиња ретко покажуваат знаци на агресија, луѓето што се грижат за кучињата и мачките со тоа што им обезбедуваат храна и вода, доста често се шиканирани и напаѓани.

Градовите стануваат прежешки за кучињата

Индија повеќе пати достигна рекордно високи температури во април и во мај, при што Њу Делхи во почетокот на јуни беше под удар на температури од 44 степени Целзиусови. И покрај тоа што раното доаѓање на сушните летни месеци во северните и во централните делови на земјата делумно е резултат на океанскиот феномен наречен Ла Нина, урбанологот од Центарот за наука и животна средина Авикал Сомванши рече дека огромна улога одиграле и големите климатски промени. Раџ Маривала, животински бихејвиорист кој живее во Мумбаи, објаснува дека екстремните горештини ги ставаат сите животни во опасност од дехидрација и од топлотен удар. Мукеш Верма, ветеринар вработен во „Френдикоус“, прифатилиште за животни во близина на Њу Делхи, рече дека и животните може да страдаат од низа проблеми, почнувајќи од летаргија, па сè до стомачни проблеми.
Надим Шезад и неговиот брат, основачи на „Вајлдлајф рескју“, невладина организација за спасување птици во Делхи, изјави дека летово веќе се погрижиле за 1.200 птици, главно јастреби. Кланиците и фабриките за преработка на месо во Делхи привлекоа големи популации на птици-грабливки, како што се јастребите. Меѓутоа, недостигот од вода може да ги „приземји“, бидејќи се премногу слаби за да летаат, што ги прави уште поранливи во однос на средината.
Експертите тврдат дека покрај ризикот од дехидрација, станува речиси невозможно животните да се разладат во големите урбани центри. Не само што има недоволен број засолништа за нив, туку и градовите стануваат пожешки од нивната околина, феномен познат како ефект на топол урбан остров, објаснува Сомванши, кој е и архитект. Испарувањата од почвата и листовите на растенијата помагаат да се разлади воздухот во руралните подрачја, но тој ефект се губи во градовите, поради недостигот од зелени површини. Порастот на „ноќните температури е особено проблематичен“, зашто ги става луѓето и животните во поголем ризик, додава Сомванши. Згора на тоа, градовите ја исфрлаат отпадната топлина од автомобилите или климатизерите директно во надворешниот воздух.

Суровоста кон животните е неказнета

Иако во Индија постојат неколку закони против суровост кон животни, земјата не прави многу во однос на казнување на престапниците. Имено, животните во Индија се заштитени со три специјални закони, според кои убивањето или сакатењето животни се третира како сериозно кривично дело кое може да резултира со апсење. Последниот од нив ја криминализира суровоста кон животните што покрива сè, од нивна тортура, па сè до необезбедување соодветна храна и засолниште. Но, соодветните казни не се особено строги, па така, за оние што првпат извршиле прекршок, казните се движат од 10 до 50 рупи (од 0,13 до 0,65 долари). Оние што го повториле прекршокот може да добијат казна затвор во траење до три месеци. Само за споредба, слични престапи со суровост кон животни, во Велика Британија може да резултираат со доживотна забрана за поседување милениче, или, пак, со парична казна во висина до 20.000 фунти.
Во Индија не постојат официјални податоци за бројот на бездомни кучиња или други улични животни, но Маривала и други експерти проценуваат дека во земјата има околу 35 милиони улични кучиња. Многу маалски организации често користат различни начини за обележување на кучињата, како што се вратните ремчиња. Судхир Кудалкар, полициски службеник од Мумбаи, во декември 2020 година формираше група за заштита на животни, која извршува различни активности. Некои од луѓето обезбедуваат храна за уличните животни, додека други се занимаваат со поплаки од хранителите и со други граѓански проблеми. Кудалкар за „Дојче веле“ изјави дека е особено горд што води правен тим чија задача е справување со суровоста кон животните. Дополнителен знак за тоа дека перцепцијата во однос на оваа проблематика се менува беше новоста објавена на почетокот на јуни во источната индиска држава Одиша, со тоа што беше отворена линија за помош на животни како и телефонска ветеринарна служба за заштита на бездомни и напуштени животни.