На Стариот Континент се актуализира егзистенцијалното прашање во однос на тоа дали криптовалутите ќе се сметаат за капитал или за платежно средство, истакнува Бјарки Смит-Мејер за „Политико“

Нов повод за несогласувања околу воспоставувањето регулативни тела

Во Европската Унија (ЕУ) секогаш е актуелна играта на тронови, дури и кога станува збор за криптовалутите. Законодавците во Брисел се поделени околу тоа кој финансиски регулатор треба да го преземе водството кога станува збор за надзор на криптокомпаниите. Ако несогласувањето се претвори во политички ќор-сокак и не успее да произведе јасни правила, просечните граѓани што инвестираат во криптовалутите ќе се најдат на удар.
Поделбата лежи меѓу владите на ЕУ во Советот и Европскиот парламент. Преговарачите од двете институции наскоро ќе се состанат за да го финализираат нацрт-законот што има цел да ги регулира европските пазари за криптосредства, наречени МИКА, кој беше предложен пред 18 месеци. Советот е категоричен дека улогата на регулаторно тело на криптовалутите треба да ја добие Европската банкарска управа (ЕБА). Парламентот, пак, е убеден дека Европската управа за хартии од вредност и пазари (ЕСМА) најдобро одговара за оваа работа. Тој што ќе го добие тронот ќе ги заштитува најголемите играчи на пазарот и ќе наплаќа за надзорот. Новиот шеф на секторот, исто така, ќе може да ги казни компаниите што не ги почитуваат правилата и ќе ги надгледува националните власти за да се погрижи дека никој не се обидува да ги избегне новите мерки за транспарентност на МИКА и заштитните мерки за инвеститорите.
Пред само два месеца, европските политичари ја гледаа МИКА како суштинска алатка за надзор на технолошките гиганти, како што е компанијата „Мета“, бидејќи тие сакаат да издаваат непроверени криптовалути за милијарди корисници на социјалните мрежи – сценарио што на крајот може да ги поткопа националните пари. Таа закана се намали во јануари, откако „Фејсбук“ и неговите партнери се откажаа од плановите да издадат своја дигитална валута, наречена дием. Но таа вест не помогна да се намали поширокиот интерес за криптовалутите, чија популарност вртоглаво порасна во текот на пандемијата и стана пазар од илјадници милијарди долари.

Без потребните проверки на транспарентноста и заштитните мерки, инвеститорите на пазарот би можеле да изгубат сè поради пазарните промени, лажните ветувања и измамите.
Коренот на несогласувањето меѓу европратениците и владините претставници се нивните фундаментално различни гледишта за тоа како да се третираат криптовалутите. Парламентарната верзија на МИКА наведува дека општата работа за надзор на дигиталните средства „најмногу личи на надзорните задачи што ги исполнуваат супервизорите на пазарите на хартии од вредност“, а тоа е надгледување на шпекулативните средства како акции и обврзници. Затоа ЕСМА треба да биде задолжена за таа задача, според европратениците.
Но европските национални влади се убедени дека технолошките компании сакаат поамбициозно да ги користат криптосредствата, како алтернатива на конвенционалната готовина. Бидејќи дел од надлежноста на ЕБА е да ја одржува безбедноста на плаќањата низ целиот блок, таа исто така треба да ги надгледува најголемите компании што издаваат криптовалути додека националните власти внимаваат на општиот пазар. Претставниците на Советот, парламентот и комисијата се убедени дека таквите спротивставени ставови сигурно ќе се судрат. Советот, исто така, веројатно нема да попушти. Беа потребни месеци за владите на ЕУ да се договорат за пакет-договор за надзор на МИКА и за друг предлог-закон, чија цел се компаниите за складирање податоци преку интернет.
Тристраните разговори секогаш имаат елемент на компромис. Функционерите се прашуваат дали парламентот би можел да се откаже од својот став за надзорот во замена за новите мерки што зелените и левичарските европратеници ги подготвија за да се намалат огромните јаглеродни емисии што ги генерира криптопазарот. Ако тоа не е доволно, Советот може да ја искористи и желбата на европратениците да воведат нов законодавен режим за уникатни токени (НФТ), чиј пазар лани доживеа бум.