Кинеските истражувачи развија нов тип соларни панели што се поставуваат на кров на стаклена градина, чија цел е да можат ја разделуваат светлината така што овозможуваат пропуштање на видливиот спектар на светлината додека го претвораат блиското инфрацрвено зрачење во електрична енергија.
Група истражувачи од Институтот за животна средина и одржлив развој во земјоделството, поврзан со Кинеската академија за земјоделски науки, ја развија оваа нова структура за покривање на стаклена градина врз основа на искористувањето на методот за издвојување на одредена светлина од спектарот на сончево зрачење, како што информира „Чајна дејли“. Видливата светлина, која има бранова должина од 400 до 780 нанометри, е од клучно значење за поттикнување на процесот на фотосинтеза на растенијата во стаклената градина, но блиското инфрацрвено зрачење, со бранова должина од 780 до 2.500 нанометри, малку придонесува за растот на растенијата и може да доведе до прегревање на стаклената градина. Тестот кој го спроведе истражувачката група покажа дека новиот соларен панел поставен на кровот на стаклената градина може да ја пренесува видливата светлина со дневна пропустливост од 40 проценти и истовремено да го претвори блиското инфрацрвено зрачење во електрична енергија, обезбедувајќи нормално развивање на растенија во стаклената градина со помала потрошувачка на енергија за ладење. Електричната енергија што ја создава покривот, со целодневна фотоволтаична ефикасност од 6,88 проценти, може да го напојува и секојдневното работење на стаклената градина. Наодот од истражувањето беше објавен во списанието „Енерџи конвержн енд менаџмент“.

Подготвиле: Дејан Србиновски; Билјана Здравковска