Санкциите ја принудија Европа да ги одложи заедничките вселенски проекти со Москва, вели Џошуа Посанер за „Политико“

Украинскиот конфликт се одрази и на вселенските програми

Европската вселенска агенција (ЕСА) ги суспендира плановите за лансирање на мисијата со роверот на Марс со Русија поради инвазијата на Украина, како што неодамна соопшти генералниот директор на агенцијата, Јозеф Ашбахер. Планот беше оваа есен од космодромот „Бајконур“ во Казахстан да се лансира роверот „Егзо Марс“ со цел да се открие дали некогаш имало живот на Црвената планета, но раководството на ЕСА го отфрли тој план по состанокот во Париз.
Ашбахер порача дека била донесена одлука дека ова лансирање не може да се случи со оглед на сегашните околности, особено санкциите наметнати од европските земји-членки, поради што ваквиот план е практично, а и политички невозможно да се оствари.
Тоа значи дека следниот можен термин за лансирање на мисијата на Марс засега останува во 2024 година, иако тоа е исто така малку веројатно со оглед на трошоците и времето поврзани со пронаоѓањето замена за придонесот на Русија.

Во врска со ова, Ашбахер рече дека е очигледно дека поради неможноста за лансирањето во соработка со руската вселенска агенција „Роскосмос“, датумот на лансирање во годинава ќе биде невозможно да се оствари, а тоа нема да биде реално пред 2026 година. Генералниот директор на ЕСА исто така порача дека веќе започнале разговорите со НАСА за да се вклучи да помогне во проектот, а 22-те земји-членки на агенцијата ќе донесат одлука како да тече понатамошната работа кон крајот на оваа година.
Дополнително комплицирајќи ја европската вселенска програма, Русија исто така го повлече својот персонал од космодромот на ЕСА во Француска Гвајана, со што пет сателитски лансирања со ракетниот систем „Сојуз“ беа оневозможени. Тоа го вклучуваше и лансирањето на европската геолокациска сателитска мрежа „Галилео“.