Париз им продава оружје на Саудиска Арабија и на Обединетите Арапски Емирати, кои се обвинети дека со француска воена опрема извршуваат злосторства во Јемен и во Либија. Франција, пак, тврди дека продажбата на оружје, одржувањето на опремата и обуката на војниците се во согласност со меѓународното право

Пред два месеци, цела делегација француски европратеници од либералната група Обнова на Европа, освен еден, гласаше против поголем надзор над извозот на оружје. Амандманот беше дел од поголем извештај за оружјето за спроведување на насоките на ЕУ за индустријата тешка милијарди евра, која снабдува со оружје земји како Саудиска Арабија и Обединети Арапски Емирати. Познати како Заедничка позиција на ЕУ, насоките се законски обврзувачки правила кои би требало да гарантираат дека невини луѓе нема да бидат убивани со оружја од европско производство. Правилата се применуваат од националните власти во секоја земја-членка на ЕУ, при што некои тоа го сфаќаат посериозно, а други не.
Европскиот парламент презеде иницијатива за да наметне нова легислатива на ЕУ за да го зајакне надзорот, но загуби со разлика од околу 50 гласа. Хана Нојман, германска европратеничка од Зелените, која подготви извештај за извозот на оружје, вели дека Франција е една од земјите што најмногу ги почитува правилата кога станува збор за следење на Заедничка позиција на ЕУ.
– Во Германија имате владин претставник кој е неутрален кон одбранбената индустрија. Во Франција, одбранбената индустрија седи на маса – вели таа.

Тоа што француските либерални европратеници, повеќето од партијата на претседателот Емануел Макрон, гласаа против поголем надзор на ЕУ не е изненадување. Паскал Дуранд беше единствениот француски европратеник од групата што гласаше „за“ надзор, наведувајќи го како причина неговиот пацифизам.
Франција им продава оружје во вредност од милијарди евра на Саудиска Арабија и на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), а договорите често вклучуваат и одржување на опремата и се повеќегодишни. Обете земји постојано се обвинувани за можни воени злосторства во Јемен, каде што над 12.000 цивили се убиени во напади од почетокот на војната во 2014 година. Борбите во Јемен раселија милиони луѓе и предизвикаа глад за кој се вели дека убил над 85.000 деца во период од три години. Сето ова го поставува прашањето како француската влада може да продолжи да ги снабдува со оружје Саудиска Арабија и ОАЕ, додека истовремено го почитува меѓународното хуманитарно право, според барањата на ЕУ.
Тој диспаритет сега уште повеќе е во фокусот на вниманието поради новите докази кои укажуваат дека француската влада е свесна за ризиците што нејзиното оружје ги претставува врз цивилите, а истовремено ги обучува оние што го користат.
Доказите укажуваат дека француски „мираж 2000-9“ на армијата на ОАЕ во Либија уништил центар за имигранти кај Триполи лани, при што биле убиени десетици лица.
Исто така, се посочуваат и хаубиците „цезар“, произведени од Франција и купени од Саудиска Арабија. Хаубиците се произведени од компанијата „Некстер системс“ во сопственост на француската држава. Армијата на Саудиска Арабија распореди 48 хаубици на границата со Јемен кон крајот на 2018 година. Документ од француската воена разузнавачка агенција ДРМ, предупредува на ризиците што хаубиците ги предизвикуваат за цивилите во Јемен и тоа уште во 2018 година.

Во него се забележува дека на потенцијален артилериски оган се изложени над 436.000 луѓе. Наредната година, артилериски гранати од коалициските сили погодија јеменски пазар во близина на саудиската граница и убија 89 цивили.
И во септември, извештајот на Советот за човекови права на Обединетите нации за Јемен, предупреди дека ваквиот трансфер на оружје помага само да се продолжи конфликтот.
Овие факти веќе јавно се достапни. Но она што е ново е погледот кон невидливата врска помеѓу француската индустрија за оружје и нивните клиенти во Саудиска Арабија. Веќе се појавија докази и дека француски борбени авиони „мираж“ се користат во Либија.
ЕУобсервер, во партнерство со новинарите од „Лајтхаус репортс“ и заедно со „Арте“ и „Медијапарт“, открива како француските компании продолжуваат да тренираат саудиски војници наспроти војната што беснее во Јемен.

Меѓу нив е и ДЦИ Груп, со мнозинска државна сопственост, која спроведува обука за ракување со артилерија за саудиските војници во јужна Франција. Француската мултинационална компанија „Талес“ и францускиот разгранок на швајцарската „РУАГ“ исто така се вклучени во обуката на Саудијците, нудејќи им опрема потребна за ракување со хаубиците „цезар“, со кои може да се извршат напади врз речиси половина милион луѓе во Јемен.
Хаубиците „цезар“ предизвикаа бес кај француската јавност. Минатата година, саудиски товарен брод, за кој постоеше сомневање дека пренесува оружје, беше спречен да се вкотви во француско пристаниште по бурните реакции во јавноста. Медиумите открија дека товарниот брод требало да пренесе муниција за хаубиците „цезар“, како и дека Франција е подготвена да им испорача на Саудијците над 100 хаубици до 2023 година.
Француската влада смета дека ваквиот извоз е внимателно проценет и дека е во согласност со нејзините меѓународни обврски. Портпарол на кабинетот на премиерот рече дека се спроведува анализа од случај до случај за да се осигури дека извозот во Саудиска Арабија се користи само за поддршка на националната безбедност и борба против тероризмот.
– Ризиците против цивилното население систематски се проценуваат, во согласност со француските меѓународни заложби – изјави тој.
Портпаролот истакна дека сите обуки наведени во истрагата не се косат со меѓународните обврски на Франција и се предмет на дополнителни договори за лиценцирање.

Сепак, француската позиција е спротивна со таа на други држави на ЕУ. На пример, Белгија во август ги суспендираше лиценците за извоз на оружје наменети за Саудиска Арабија, поради стравувањата дека ваквото оружје може да заврши во Јемен или дури и за внатрешна репресија. Освен Белгија, Данска, Финска, Германија, Грција, Италија и Холандија исто така воведоа ограничувања за извоз на оружје во различен степен на коалицијата предводена од Саудиска Арабија. И Шведска беше меѓу првите што зазеде построг став, па ги прекина саудиските договори уште во 2015 година.
Но обуката и одржувањето на оружјето се области што не се опфатени со Заедничка позиција на ЕУ. Европратеничката Нојман смета дека тоа треба да се промени.
– Би рекла дека тоа би требало да биде опфатено со Заедничка позиција на ЕУ и секогаш кога ќе побараме ембарго против оружје – вели таа.
Но се чини дека Франција ги тестира и границите на кршење на меѓународните закони за одржување на борбените авиони „мираж 2000“ продадени на Обединетите Арапски Емирати.
Истражителите на ОН го наведоа авионот како најверојатен виновник за смртта на најмалку 53 лица во воздушниот напад близу Триполи минатиот јули. Сателитски снимки од 10 јуни оваа година покажуваат авион со слични карактеристики стациониран во воздушна база во Тобрук, источна Либија. Други снимки од Египет од мај и од август се уште појасни.
Франција им ги продаде авионите на Емиратите во 1990-тите години, но сѐ уште ги одржува преку „Дасо“ и „Талес“, наспроти обвинувањата за можни воени злосторства извршени од Емиратите во Либија. Компаниите не одговараат на новинарски прашања за случаите, додека француската влада тврди дека договорите „ги почитуваат меѓународните обврски“.