Литиумот произведен во Чиле создава пониски емисии на јаглерод од кои било други извори

На повидок ново решение во процесот на декарбонизација

Производството на литиум има главна улога во одржливата транзиција од фосилни горива, а еден од најголемите светски производители „Сосиедад кимика и минера“ (СКМ), сака процесот на екстракција да го претвори во еколошки, велат од „Политико“

На северот од Чиле, на нешто повеќе од 1.100 километри оддалеченост од главниот град Сантијаго, се наоѓа големата пустина Атакама која е позната по тоа што е една од најсушните места во светот. Но сепак, за обичниот човек е помалку познато тоа што пустината е огромна и има широк спектар на различни клими, почнувајќи од Тихи Океан на запад и до планинскиот венец на Андите на исток. Меѓу пустината Атакама и висорамнината Алтиплано на Андите на 2.300 метри надморска височина се наоѓа Салар де Атакама, кој брои околу 10.000 жители и привлекува подеднакво домашни и странски туристи поради неверојатната природна убавина. Дел од количеството дожд што паѓа во Алтипани се слева западно во басенот Салар де Атакама. Овие уникатни услови придонесуваат да биде дом на една од најпродуктивните солници во светот во однос на екстракција на литиум. Сместени меѓу неверојатните пустински пејзажи на Атакама, што дури и потсетуваат на Црвената планета, од солниците, со кои управува хемиската и минерална компанија „Сосиедад кимика и минера“ (СКМ), потекнува околу 30 отсто од светското производство на литиум. Ако се размисли само колку модерни уреди, како мобилните телефони, лаптопите, апаратите за домаќинство и паметните часовници користат токму литиум-јонски батерии што се полнат, тогаш ќе се сфати колкав е производствениот капацитет на СКМ на овој минерал. Бидејќи сè повеќе литиум-јонски батерии се потребни за напојување на електричните автомобили, што претставува клучен чекор во светскиот процес на декарбонизација, СКМ ги насочи своите напори на предизвикот да се погрижи процесот на екстракција на литиум да биде колку што е можно поодржлив, бидејќи производството треба да одговори на новата побарувачка.

Капацитетот на литиумот

Литиумот е високо реактивен алкален метал кого го претпочитаат производителите на батерии заради неговиот електрохемиски потенцијал. Со капацитет да чува големи количества енергија и неверојатно лесен по природа, многу лесно може да се заклучи зошто овој минерал им стана фаворит на производителите на батерии кои служат за напојување на уредите кои ги произведуваат едни од најголемите технолошки компании во светот. Покрај тоа што литиумот доминира во уреди чија цел е да го забрзаат нашиот живот и да ги направи поефикасни, сепак иронијата е во тоа што процесот на екстракција на овој минерал е неверојатно бавен и тежок.

Тајните на процесот на екстракција

Солите на литиумот генерално се наоѓаат во глина, минерална руда и наоѓалишта на подземни солени води, што значи дека процесот на екстракција речиси секогаш мора да опфаќа и ископување. Секој процес на ископување има различно влијание врз животната средина. Според „Роскил“, литиумот што се произведува од чилеанските солени води создава пониска емисија на јаглерод за разлика од други извори. Солниците во Салар де Атакама располагаат со седум пати повеќе сол од морската вода и се протегаат на 1.600 квадратни километри. Откако ќе се направи екстракција на солената вода, следната фаза во производствениот процес е природно да испари течноста во соларните езерца при што останува концентратот на литиум-јон. Ваквиот процес обично може да трае и повеќе од една година. Варијацијата на концентрација на литиум во солената вода во сите различни извори во басенот значи дека термодинамичкиот процес кој е неопходен за негова екстракција не може да се хомогенизира. Екстракцијата на литиумот може да се одрази на локалниот екосистем и во минатото беше цел на критики поради можните ефекти врз животната средина.

Зголемување на побарувачката

Во согласност со заложбите на Европската Унија (ЕУ) во нејзиниот Европски зелен договор, кој утврдува насоки за апсолутна декарбонизација на континентот и рок до 2050 година за да се постигне ова, се очекува дека седум милиони електрични возила ќе треба да се произведуваат локално. Во моментов, континентот зависи од Азија за увоз на батерии за електрични возила. За префрлување на целиот синџир на снабдување кон Европа ќе биде потребно значително количество литиум. За таа цел, на крајот на минатата година ЕУ објави нацрт-регулатива за батерии во која се поставуваат очекувања дека „сите батерии пласирани на пазарот на ЕУ се одржливи и безбедни во текот на нивниот животен век“. Според „Ес-енд-пи глобал“, побарувачката за литиум се очекува да се зголеми тројно до 2025 година, што претставува огромен поттик за фирми како СКМ да ги прошират своите операции за да ја искористат оваа деловна можност и да се осигурат дека ќе ги исполнат своите обврски за одржливост. Ако можеме литиумот да го направиме целосно зелен ресурс, тој ќе има клучна улога во обезбедувањето на поодржлива иднина за планетата и притоа ќе го олесни напредокот во многубројни области во процесот на декарбонизација.