Европската Унија ги удвојува напорите за воведување технолошки законски регулативи, со цел да се наметне како трета светска сила покрај САД и Кина, пишуваат Улрике Франке и Хозе Игнасио Торебланка за ЕЦФР

Геополитика на иднината

Технолошката регулатива генерално се смета за предмет на интерес на правните експерти, но таа постепено почнува да се наметнува и во геополитичката сфера. Технологијата низ историјата не само што ги трансформираше економиите и општествата, туку и беше главна причина за прераспределба на моќта меѓу државите и играше значајна улога во креирањето и менувањето на меѓународните односи. Денес, технологиите можат енормно да зајакнат нечија економија и светското влијание на неа, но и да обезбедат воена предност, па дури и доминација. Производителот е оној кој ги одредува вредностите и стандардите што ги сочинуваат технолошките производи. Европската Унија (ЕУ) почна сè погласно да зборува за „дигитален и технолошки суверенитет“. Европската комисија претстави стратегиска визија или „дигитален компас“, а Европската служба за надворешна акција почна да ги смета технологијата, поврзаноста и протокот на податоци за клучна димензија на европските надворешни односи и партнерски договори. Неодамна Европскиот совет побара „геостратегиски и светски пристап во однос на поврзаноста“, а САД и ЕУ размислуваат да ја зајакнат технолошката соработка.
Технолошкиот суверенитет станува егзистенцијално прашање кога светскиот пазар е преземен од страна на државни актери, мултиполарноста и унилатерализмот го заменија мултилатерализмот, а големите сили ја претворија меѓусебната зависност во слабост во воспоставувањето сфери на влијание. Европските држави и нивните партнери ризикуваат да станат плодна почва на технолошки натпревар меѓу големите сили, кои се обидуваат да ги притиснат да заземат страни. Но не станува збор само за тоа Европа да избере страна во кинеско-американскиот натпревар, туку таа генерално игнорира две прашања. Прво, секоја активност или пасивност на ЕУ во однос на технологијата има последици кои се јавуваат и надвор од блокот. Градењето политики во самата Унија е толку сложен и затворен процес што има многу малку време и простор за проценување на ефектот од европските регулативи за надворешни актери или кои држави или региони би сакале да склучат партнерство со ЕУ за спроведување слични цели. Но самата големина на европскиот внатрешен пазар значи дека надворешните актери мора да ги почитуваат европските правила дури и да не им се допаѓаат. Второ, Унијата не размислува многу за тоа на каков начин внатрешните чекори или нивното отсуство влијаат врз геополитичката моќ. Вештачката интелигенција претставува моќ за земјите како САД и Русија, но не и за Брисел, што делумно се должи на начинот на кој Унијата се гледа себеси. Европската комисија не го гледа светот во однос на моќ, притисок или релативни придобивки, туку како игра за пазарна регулација.

Нова зависност

Државите во светот се насочија кон развивање на вештачката интелигенција, 5Г-мрежите, дополнителни и други нови технологии затоа што нудат значителни економски придобивки. Дел од начините на кои владите ги поддржуваат нивните домашни индустрии веќе предизвикуваат загриженост за протекционизмот и техно-национализмот. Од геополитички аспект, овие економски разидувања се помалку важни од зависностите кои резултираат од одредени држави кои водат во или држат монопол во некои технологии. Таквата доминација им остава простор да нудат или задржуваат технологии, да вршат притисок или да ја користат зависноста за да принудуваат други да ги усогласат или менуваат своите надворешни политики. Членките на ЕУ треба да внимаваат на технолошката зависност од неевропски актери или ќе станат туѓи дигитални колонии. Затоа постигнувањето дигитален суверенитет е од клучно значење за државите кои сакаат да уживаат во автономна надворешна политика.

Независност на 5Г-мрежата и на подводните кабли

Дебатата за 5Г послужи како геополитичко будење за многу членки на ЕУ во размислувањето за технологијата. Некои сè уште одбиваат да донесат тешки одлуки за 5Г или ги прифаќаат кинеските стратегии за поврзување и иницијативи. Куриозитет е тоа што ЕУ има добро развиена 5Г-мрежа и може да биде независна во овој аспект по релативно ниска цена ако распредели дополнителни ресурси.
Од друга страна, подводните кабли се од суштинско значење за функционирањето на сите дигитални сектори со тоа што преку нив минува 97 отсто од сообраќајот на интернет и дневно се остваруваат 10 илјади милијарди финансиски трансакции. Во изминатите неколку години, кинеските и американските компании како „Хуавеи“, „Амазон“, „Мајкрософт“, „Гугл“ и „Фејсбук“ го зголемија нивното присуство на пазарот на подводни кабли, поврзувајќи ги европските и медитеранските земји што не се дел од Унијата со Азија и Африка. Европските компании потоа формираа конзорциуми за да се натпреваруваат со американските или кинеските меѓународни групи. Меѓутоа, на ЕУ ѝ недостига сеопфатна стратегија во секторот во кој индивидуалните влади сè уште се клучни играчи.

Воведување стандарди

Многумина можеби не се запознаени, но во тек е трката кој ќе ги воведе стандардите во дигиталната инфраструктура. Со поделбата во глобализацијата и несогласувањата меѓу САД и Кина се заостри борбата за технолошките стандарди. Ако ЕУ не воведе свои стандарди, ќе биде принудена да усвои туѓи, со чии вредности можеби не е компатибилна.Со развивање на доверлива вештачка интелигенција во блокот, Европа ќе им обезбеди придобивки на сите кои користат вакви системи, а уште подобро би било кога таа би се наметнала како лидер во оваа сфера и би поттикнала други да ги усвојат нејзините регулативи. Воведувањето стандарди е од голема важност и за заштитата на податоци.

Дезинформации и заштита на демократијата

Деловниот модел на компаниите за социјални медиуми што го користат за маркетинг и собирање кориснички податоци ја отвори вратата за економијата на внимание која ги користи емоциите, ја зголемува политичката поларизација и ја поткопува довербата во институциите. Поради недостигот од соодветна регулатива, овие компании се изложени на странско влијание и изборно мешање со цел да се поттикне екстремизмот, да се наруши довербата во политичките институции и да се сузбијат критиките кон авторитарните режими. Проблемите на дезинформациите и употребата на нови технологии за мешање во политичкиот процес ги надминуваат социјалните мрежи. Освен ако демократиите не го спречат странското влијание и изборното мешање, тие ризикуваат граѓаните да ја загубат довербата во политичките институции.

Војска и одбрана

Новите технологии, а особено вештачката интелигенција ќе поттикнат суштински промени во војувањето. Вештачката интелигенција може да овозможи нови видови воени системи од логистика и одржување до сајбер-операции и автономни оружја. Примената на вештачката интелигенција во военото подрачје може да ја промени светската рамнотежа на моќ и да се отвори нов простор за ривалство. Со примена на новите технологии во војувањето и одбраната, ЕУ би можела да ги зајакне капацитетите и да помогне во гарантирањето на безбедноста на своите граѓани. Воено-индустрискиот сектор на Европа би се поттикнал со развојот на најсовремена технологија. Капацитетите за вештачка интелигенција би станале важна сфера на соработка меѓу европските компании, а со тоа би се зајакнала и заедничката европска одбрана. Соработката со сојузниците за подобрување на употребата на вештачката интелигенција во рамките на НАТО не само што ќе гарантира понатамошна интероперабилност туку и ќе ја подобри меѓу сојузничките сили.

Што треба да направи Европа?

ЕУ треба да го подобри својот суверенитет на податоци со усвојување строги регулативи за приватност, кои потоа ќе им се нудат на земји и компании кои имаат пристап до податоците на Европејците. Членките на блокот треба да создадат екосистем во кој помалите 5Г-играчи кои се фокусираат на софтверот и на виртуелноста можат да ги зголемат своите активности и ефикасно да соработуваат со поголеми европски и американски компании. ЕУ треба многу да инвестира во извоз на технологии и практики што ја штитат демократијата и помагаат да се постигне технолошки суверенитет и да учи од искуствата на другите во оваа област. Но, поважно од овие поединечни решенија е подлабока вклученост со надворешните импликации и геополитичките елементи на технологијата. Оваа вклученост има надворешен елемент на пристапување до партнерите и внатрешен елемент за обезбедување тесна соработка помеѓу ЕУ и нејзините членки.