Новите планови за таканаречените „брзи реактори“ ветуваат одржлива нуклеарна енергија, но, од друга страна, претставуваат сериозен ризик за зголемување на нуклеарните арсенали, затоа што можат да произведат големо количество плутониум, велат Виктор Гилински и Хенри Соколски за „Нешенел интерест“

Нов тренд на вградување супермоќни реактори во нуклеарните централи

Изборот на Министерството за енергетика за водечки дизајн на реактори за заживување на изградбата на нуклеарна енергија во САД е толку спротивен со американската политика за нуклеарно неширење што ја изложува Америка на обвиненија за лицемерство. Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден предлага да се користат нуклеарни горива за кои всушност им велат на другите, особено на Иран, да не ги произведуваат. Тоа ќе го отежне постигнувањето на ограничувањата што САД се обидуваат да ги воведат во контролата на пристапот на државите до ураниум и до плутониум како материјал за производство на нуклеарни бомби. Тука станува збор за ентузијастичка поддршка на американското Министерство за енергетика за предложената пробна постројка на „Тера пауер“ за изградба на „брзиот реактор“ на натриум и слични проекти за ваков вид реактори, за кои министерството додели високи грантови и учествува во финансирањето на збогатување, изградба на тест-реактор и програми за рециклирање на потрошено нуклеарно гориво. „Тера пауер“ и Министерството за енергетика очекуваат да изградат стотици брзи реактори за домашна употреба и за извоз.

Нова технологија базирана на стара идеја

За разлика од конвенционалните нуклеарни постројки кои го користат процесот на нуклеарна фисија предизвикана од бавни неутрони, брзите реактори одржуваат нуклеарна верижна реакција со многу поенергични брзи неутрони. Овие реактори се наведени како напредна технологија, но всушност се стара идеја. Првите дизајни на брзи реактори датираат уште од периодот по Втората светска војна. Главната предност на брзите реактори е тоа што можат да произведат големо количество плутониум кој може да се извлече и да се користи како гориво во реакторот, наместо да се ископува и да се користи повеќе ураниум. Ова звучеше толку добро за администрацијата на Никсон што таа постави цел да се префрли електричната генерација на брзи реактори со плутониумско гориво до крајот на векот. Но проектот беше повлечен кога наиде на безбедносни пречки што ги зголемија трошоците. И тогаш зголемената свест за опасностите од користењето на плутониумот, кој е еден од двата клучни нуклеарни експлозиви, во светските комерцијални цели, на крајот доведе до тоа претседателот Џералд Форд да соопшти дека САД нема да се потпираат на гориво од плутониум додека светот не најде начин како да постапува со него.

Меч со две сечила

„Тера пауер“ очигледно е свесна за оваа историја и за замката за односи со јавноста што се создава за овој нацрт-проект. Фирмата инсистира дека нејзиниот реактор на натриум нема да користи плутониум како гориво или ќе бара преработка за негова екстракција. На веб-страницата на компанијата се вели дека „пробната постројка и првиот сет на комерцијални погони ќе работат со високо анализиран нискозбогатен ураниум (ХАЛЕУ). Ваквиот вид ураниум е збогатен под официјалната граница за високо збогатен ураниум, но многу над нивото на ураниумското гориво што се користи во тековните оперативни нуклеарни централи.
Во однос на збогатувањето, тој е речиси на исто рамниште со ураниумот што се користи во нуклеарните бомби. Ова е токму тоа што САД го бара од Иран да не го произведува, бидејќи тврди дека не му треба за гориво во нуклеарниот реактор. Тоа е, исто така, она што американската администрација сакаше да го постигне во напорите да ја обесхрабри Јужна Кореја да започне со ваков потфат (Сеул вели дека сака да збогати ураниум за да го зголеми извозот на реактори и да напојува флота со нуклеарни подморници).
Треба да се истакне дека „Тера пауер“ се обврзува дека ќе користи ваков вид нискозбогатен ураниум за своите први и најверојатно субвенционирани комерцијални постројки. Дали користењето на нискозбогатен ураниум е најевтиниот начин за функционирање на брзите реактори останува нејасно. Американското министерство за енергетика веќе ги заштитува своите влогови за оваа опција, поддржувајќи ги истражувањата за „нови“ технологии за преработка во своите национални лаборатории.

Реакции надвор

Сето ова ќе биде тешко да ѝ се објасни, да речеме на Јужна Кореја, која Стејт департментот се обидува да ја спречи да започне со преработка за да се подготви за градење на брзи реактори со плутониумско гориво, кои јужнокорејските нуклеарни ентузијасти со нетрпение сакаат да ги развијат. Исто така, ќе биде тешко да се упатат жалби за изградбата на кинескиот брз нуклеарен реактор за производство на плутониум и програмите за преработка, за кои американската војска стравува дека може да се искористат за поттикнување на засилените напори на Кина за производство на нуклеарно оружје.Поддржувачите на брзите реактори се свесни за овие точки и знаат дека барем мора јавно да се појават за да ги земат предвид. Таков пример е амандманот на сенаторот Крис Ван Холен за Законот за американска нуклеарна инфраструктура од 2020 година, кој наводно ги штити нуклеарните експлозиви (плутониум и ураниум 233) што овие реактори ги користат како гориво или ги произведуваат, како и технологиите за преработка кои ги извлекуваат. Иако неговиот амандман може да звучи издржано, тој нуди малку повеќе заштита од она што веќе се бара од Нуклеарната регулаторна комисија (НРК) и таа заштита може да се откаже доколку НРК смета дека извозот не е „штетен“ за американските интереси. Практичниот ефект од амандманот нема да биде поголема заштита, туку измазнување на патот за лиценцирање на опасен нуклеарен извоз. Ова е полошо од лицемерство. Откако државите ќе имаат лесен пристап до нуклеарен експлозивен материјал, ниту една инспекција нема да може да ги спречи да направат бомби