Економските податоци навестуваат тешка рецесија, додека некои економисти се оптимисти и прогнозираат брзо заздравување. Како е можно да се биде оптимист со толку лоши бројки?

Кога министерот за финансии на Британија, Риши Сунак, ја објави својата економска интервенција на почетокот на карантинот, клучниот збор што тој повеќепати го употреби беше „невиден“. Ова се невидени мерки за невидени времиња, порача тој до британската јавност. Некои од бројките што се користат за објаснување на актуелната финансиска криза навистина се „невидени“. Во вториот квартал од оваа година, американската економија се намали за 32,9 отсто, што е рекорден пад. Франција, Италија, Германија, Шпанија и речиси секоја друга голема економска сила исто така забележаа голем пад на бруто-домашниот производ (БДП) на почетокот на оваа година. Во Британија, само во април, БДП се намали за 20,4 отсто, што е најголем пад за 100 години. За споредба, за време на големата рецесија во 2008 година, БДП на Британија се намали за еден отсто за еден месец. Сепак, некои економисти се оптимисти и предвидуваат брзо закрепнување. Како е можно да се биде оптимист со вакви бројки?
Но БДП не ја раскажува целата приказна. Кога економијата колабира, други работи навистина штетат, малите бизниси пропаѓаат, а со нив и животните заштеди на сопствениците, студентите се збогуваат со соништата и заглавуваат со студентски долгови, луѓето остануваат оптоварени со хипотеки и не знаат како да ги платат сметките. Кога станува збор за вакви човечки судбини, не се еднакви сите рецесии. Рецесијата е „добра“ или „лоша“ според тоа како влијае врз нив.

Во изминатите три децении, рецесија имаше на секои неколку години, според ММФ.
– Рецесиите секогаш демнат – вели Каролин Бентам од Универзитетот во Лидс.
Британија, САД, Франција и Германија имаа по две или три рецесии од почетокот на 1990-тите. Но други економии, како Италија, Јапонија, Португалија и Грција, имаа по десетина „епизоди на рецесија“ во истиот период. На глобално ниво, економиите се во рецесија 10-12 отсто од времето. Сепак, иако се релативно вообичаени, тие тешко се предвидуваат. Извештај на ММФ открива дека економистите од приватниот и од јавниот сектор се еднакво лоши во предвидувањата на рецесиите. Според авторите, причина за тоа е што економистите не се подготвени правилно да ги читаат добрите или лошите вести. Самите економисти, пак, посочуваат дека рецесиите не се исти.
– Рецесијата во 2008 година се однесуваше на пазарот на домување и акциите, која многу повеќе ги погоди групите со повисоки приходи. Во моментот, кризата се чини повеќе ги погодува групите со пониски приходи, како ранливите работници, младите и помалку квалификуваните работници. Ова изгледа како рецесија од времето на крајот на 1970-тите и на раните 1980-ти, која влијаеше на младите и неквалификувани работници. Она што го знаеме за тие работници е дека доаѓањето на пазарот на трудот има тешки последици за ранливите работници, но не толку и за квалификуваните работници. Тоа влијае на целата животна патека на оние неквалификувани работници на пазарот на трудот – вели Керол Пропер, професорка по економија од Лондон.
Значи, додека финансискиот сектор би можел да биде подобро позициониран во оваа рецесија поради научените лекции пред една деценија, лицата со помали приходи би можеле да страдаат многу повеќе.

Постојат и други лекции од 2008 година. Наспроти впечатокот дека рецесијата води до значителни загуби на работни места, не е секогаш така. Луѓето што беа отпуштени во големата рецесија долго време беа невработени, но отпуштањата беа сконцентрирани кај мал број луѓе. Падот на вработувањата беше многу посилен од бројот на отпуштањата, што им отежнува на невработените или на дипломците да најдат работа.
Невработеноста во Британија се зголеми за два отсто, во САД за три отсто и во еврозоната за четири отсто за време на големата рецесија. Во Британија и во САД, процентот на невработеност до 2014 година се спушти под нивото пред рецесијата. Од друга страна, она што е забележливо во врска со оваа рецесија е дека многу повеќе работници ќе бидат доведени во ранлива позиција ако правилата за физичко растојание останат во сила долгорочно. За време на карантинот се очекуваше пад на БДП. Додека продавниците и бизнисите беа затворени, вкупната вредност создадена од стоки и услуги се намали. Ова имаше ефект врз луѓето што се вработени од тие фирми, бидејќи останаа со пониски плати или воопшто без плати. Во еден момент, речиси девет милиони луѓе во Британија, или околу една четвртина од вкупниот број вработени луѓе, останаа надвор од работните места, што значеше дека државата покри 80 отсто од нивните плати. Други земји имаат други програми за субвенционирање на платите на вработените во затворените бизниси. Дополнително, овие програми набрзо ќе завршат, што значи дека работодавците ќе треба да одлучат дали ќе ги плаќаат вработените надвор од работните места или ќе ги отпуштат.

– Никој не вели дека економијата не е погодена, туку дека загубите сè уште не се кристализираат. Луѓето одат на одмори со кредити, а тоа значи дека ги одложуваат загубите. Но тоа ќе ја погоди економијата. Конечно ќе пукне меурот на доверба во финансискиот сектор и повторно ќе видиме вистински превирања. За шест до 12 месеци финансискиот сектор ќе ги почувствува ефектите – вели Бентам.
Друг проблем е драматичниот пад на побарувачката, бидејќи луѓето престануваат да заработуваат пари.
– Во овој случај, стимулирање на економијата е добро зашто проблем е недостигот од побарувачка – вели Вероника Гуериери, професорка по економија од Чикаго.
Ваква тактика се користеше во претходните рецесии.
– Но во моментот проблем не е само недостигот од побарувачка туку тоа е и недостигот од стоки, затоа што бизнисите престанаа да работат. Ова е шок и на понудата и на побарувачката. Значи, ако им дадете на луѓето повеќе пари, бизнисите ќе ги зголемат цените и тоа ќе доведе до поголема инфлација – вели Гуериери.

Пониската инфлација обично е добра за луѓето што работат во рецесија. Тоа ја зголемува нивната куповна моќ. Инфлацијата во земји како Британија и САД е ниска, но таа може да се зголеми со стимулативните мерки, ако тие предизвикаат шокови во понудата. Тоа се случува кога луѓето сè уште имаат пари да трошат, но не можат да го сторат тоа, зашто продавниците се затворени или цените се зголемени. На пример, кога цените на нафтата се зголемуваат, трошоците за производство на производи произведени со нафта се зголемуваат, а тие трошоци се пренесуваат на муштериите.
Бидејќи сегашната рецесија е сложена мешавина од шокови на понуда и побарувачка, предизвикана од суспендирањето на одредени сектори, уште е потешко да се предвиди како ќе функционираат државните интервенции врз основа на претходните рецесии.
Бентам смета дека сега е време да се бараат повеќе социјално фокусирани одговори и да се поправаат делови од економијата што не ни се допаѓаат. На пример, рецесијата може да претставува можност да се преземат значајни активности за климатските промени. Во јуни, Германија објави план за обнова од 130 милијарди евра, од кои една третина е посебно издвоена за зелени инвестиции. Конечно, идејата за зелена економија што закрепнува не е нова.
– Еден од добрите аспекти на зелената економија е што таа претпоставува отворање голем број работни места. Тука не мислам на изградба на ветерници, туку на реновирање куќи и редизајнирање градски центри, што значи многу нови работни места и нови вештини – вели Пропер.
Очигледно има можности да се отстранат грешките при економското закрепнување, прашањето е само како ќе реагираат светските лидери.