Администрацијата на претседателот на САД, Џо Бајден, го претстави својот историски најголем буџет, кој преставува амбициозен економски одговор на негативните последици што ги предизвика пандемијата врз тамошното општество и економијата. Во тој правец, во државната каса за наредната година се одвоени 6.000 милијарди долари, односно пари наменети за инвестиции во економијата, здравството, образованието, борбата против климатските промени, одбраната…

Бајден го претстави најголемиот буџет по Втората светска војна

Џо Бајден, претседателот на САД, го предложи буџетот во висина од шест илјади милијарди долари пред Конгресот за да ја спроведе својата широка економска агенда, која вклучува нови инвестиции во образованието, транспортот и борбата со климатските промени. Документите до кои дојде „Њујорк тајмс“ покажуваат дека во новиот буџет вкупните трошоци ќе достигнат 8,2 илјади милијарди долари до 2031 година.
Растот е поттикнат од дводелната агенда на Бајден за надградба на инфраструктурата на државата и значително проширување на мрежата за социјално осигурување, која е дел од неговиот план за американски работни места и за американските семејства, покрај другите планирани зголемувања на дискрециските трошоци. Предлогот за фискалната 2022 година и деценијата што следува го покажува опсегот на амбициите на претседателот да ја користи владината моќ за да им помогне на повеќе Американци да ги постигнат удобностите на животот од средната класа и да ја зајакнат американската индустрија за да биде поконкурентна на глобално ниво. Затоа тука спаѓаат инвестиции за патишта, водовод, широкопојасен интернет, станици за полнење на електричните возила и напредно истражување за производство. Во планот се вклучени и средства за достапна детска нега, универзални градинки и национална програма за платен одмор. Воените трошоци исто така ќе се зголемат, иако ќе имаат помал удел од целокупната економија.

Бајден планира да ја финансира својата агенда со зголемување на даноците за корпорациите и за оние со највисоки плати, а документот покажува дека буџетскиот дефицит ќе се намали во 2030-тите. Во документот исто така се предвидува дека претседателот и Конгресот ќе овозможат намалување на даноците за Американците што имаат ниски или средни приходи, закон што претходно Доналд Трамп го воведе и ќе истече во 2025 година. Бајден порача дека нема да ги зголеми даноците за лицата што заработуваат помалку од 400.000 долари годишно. Според предлогот на претседателот, дефицитот на федералниот буџет ќе достигне 1,8 илјади милијарди долари во 2022 година, и покрај тоа што економијата закрепнува од пандемиската рецесија. Дефицитот малку ќе се намали во следните години пред повторно да порасне на речиси 1,6 трилион долари до 2031 година. Вкупниот јавен долг ќе надмине повеќе од годишната вредност на економското производство. До 2024 година, долгот ќе достигне највисоко ниво во американската историја, надминувајќи го рекордот од ерата на Втората светска војна. Се предвидува дека економијата ќе расте со нешто помалку од два отсто годишно во поголемиот дел од деценијата. Невработеноста до следната година ќе падне на 4,1 отсто и ќе остане под четири отсто во следните години. Бајден ја постави идејата дека сега е време да се направат големи инвестиции однапред што ќе се плаќаат за подолг временски рок.