Раскинете доволно договори и ќе добиете нуклеарна трка како од времето на Студената војна, ама овој пат заедно со Кина

Поминаа неколку генерации откако заврши најстрашниот период од нуклеарната трка што ја карактеризираше Студената војна. Повеќето денешни Американци не знаат како е да се прават воени вежби на часовите во училиште, не знаат за необичните владини планови за нуклеарни скривници, како и плановите за евакуација или, пак, за френетичните дебати за тоа која држава ќе донесе одлука прва да нападне со термонуклеарни оружја и колку ќе биде голем бројот на жртвите.

Уште од пред околу четири децении, Вашингтон и Москва почнаа да го враќаат светот од работ на нуклеарна катастрофа со преговорите за склучување повеќе договори за контрола на оружјето. По одлуката на администрацијата на Доналд Трамп да се повлече од Договорот за елиминирање на нуклеарните ракети со среден дострел (ИНФ), веројатно ќе следи и одлуката за повлекување и од Договорот за намалување на стратегиското оружје (СТАРТ), па светот ќе стане уште помалку безбеден.
Договорот ИНФ потпишан во 1987 година беше клучен за првичните напори да се олеснат тензиите. Со него се стави крај на лесното лансирање на нуклеарни проектили што беа распоредени околу советскиот блок со тоа што двете страни имаа само две минути за предупредување пред крајот на светот. Како што тогашниот американски претседател Роналд Реган изјави, ИНФ беше првиот нуклеарен договор за елиминирање, а не само за ограничување на нуклеарното оружје. САД и Советскиот Сојуз ветија да ги уништат и трајно да се откажат од целото нуклеарно оружје и конвенционалните балистички и крстосувачки ракети со копнено лансирање со дострел од 500 до 5.500 километри.

Сега Вашингтон се повлекува од ИНФ бидејќи, како што вели Доналд Трамп, Русија со години го прекршувала договорот. Заедно со можноста за непродолжување на договорот за намалување на стратегиското оружје, Вашингтон ја отвора вратата за враќање кон страшното минато. Администрацијата на Трамп не само што се заканува да ја врати состојбата на безброј заштити и безбедносни предупредувања, туку исто така свесно да ја обнови трката за вооружување со план за целосна нуклеарна модернизација што може да чини дури до 1.600 милијарди долари во период од 30 години. Русите и Кинезите сигурно ќе реагираат, но со прекинот на инспекциите наложени со договорот, владите нема да имаат информации за тоа што гради другата страна.

– Многу загрижува тоа што воопшто ќе немаме увид во руските стратегиски сили првпат по 40 години. Не постои начин да се дојде до информација освен со реципрочни инспекции. Ова е неверојатен автогол со кој се скратува шансата нашата војска да добие тоа што ѝ е потребно – вели Александра Бел, бивша функционерка во администрацијата на Обама, која сега работи во Центарот за контрола и неширање на нуклеарното оружје

Трамп неделава порача дека ќе ги зголеми американските нуклеарни резерви, вклучувајќи ги и тие против Кина, „додека луѓето не се вразумат“. Тој не прецизираше што тоа значи, но веројатно сакаше да каже дека обновата на нуклеарната закана од Вашингтон ќе покори други држави.

– Ова е закана за кого било. Ги вклучува Русија и Кина, како сите што сакаат да играат оваа игра. Вие не можете да ја играте таа игра со мене – порача Трамп.
Ваквите чекори ќе го втурнат светот во нова трка за вооружување и тоа на различни фронтови. Повеќе не станува збор само за Вашингтон и за Москва. Кина, која во поголем дел од Студената војна беше ситна риба во нуклеарна смисла и останува да важи за многу помала нуклеарна сила од САД или од Русија, сега располага со илјадници проектили, вклучувајќи тактички, крстосувачки ракети со среден и со долг дострел, како и интерконтинентални балистички ракети што можат да се лансираат на различни начини. Арсеналот ја вклучува и ракетата „донгфенг-41“ со мобилно лансирање за која се верува дека има најдолг дострел во светот од над 12.000 километри.

Во кинескиот арсенал е и ракетата „донгфенг-41“ со најдолг дострел во светот од над 12.000 км

Досега, Пекинг се воздржуваше да поставува нуклеарни боеви глави на ракетите. Се проценува дека располага со 250-300 боеви глави, колку што има и Франција. Но тоа би можело да се смени ако се зголемат тензиите и не постои договор со кој би имало ограничување.
Како што посочува Кејтлин Талмаџ, безбедносна експертка од универзитетот во Џорџтаун, Кина веќе ги модернизира нуклеарните сили како дел од поголемиот натпревар со САД.

– Очигледно е дека токму овој дел од натпреварот ќе има многу поголема важност од областите како ракетната одбрана, сајбер-просторот, конвенционалните ракети или копнената и поморската војна во која веќе некој период САД и Кина се трудат да се надминат – вели Талмаџ.

Без рестрикции во договорите, трката за вооружување во Пацификот ќе биде непредвидлива, како што беше во случајот меѓу Москва и Вашингтон во екот на Студената војна. Администрацијата на Трамп тврди дека рускиот претседател Владимир Путин е одговорен за пропаѓањето на ИНФ. Во 2007 година, Путин изјави дека договорот повеќе не во интерес на Русија. Оттогаш, Русија го прекрши повеќе пати, тврдејќи дека нејзините ракетни распоредувања се оправдани од американската ракетна одбрана. Дури и тогаш, кршењата беа од мали размери и генерално ја вклучуваа изградбата на 40-50 забранети крстосувачки ракети „ссц-8“, вели Метју Бан, безбедносен експерт од Харвард. Бан посочува дека и САД со своите активности технички го прекршуваат ИНФ:

Дури и некои руски функционери се загрижени за долгорочните последици од отфрлањето на ИНФ. Во периодот по потпишувањето на ИНФ, многу заштитни мерки спречија нуклеарен материјал да падне во раце на терористи.

Единствениот договор што сè уште важи е новиот СТАРТ, а и тој истекува на почетокот од наредниот претседателски мандат во САД, во 2021 година, освен ако не се продолжи за пет години.

– Откако ќе истече и тој, тешко дека Конгресот ќе може да усвои нов вели Бан.
Токму ова е сценариото што го посакува Џон Болтон, советникот за национална безбедност на Трамп, кој направи кариера од уништувањето на договорите за контрола на оружјето и во повеќе наврати најави дека следен е СТАРТ.

Трамп честопати покажува аверзија кон нуклеарното оружје, но сега се чини го следи Болтон. Тој, пак, е дел од тврдокорните противници на договорите за контрола на оружјето, кои сметаат дека таквите самоограничувачки спогодби ги попречуваат САД да создадат супериорна технологија и да доминираат на бојното поле. Агресивните политичари сметаат дека токму јакнењето на воената моќ, а не отстапките и договорите за контрола на оружјето, ја обезбедиле победата во Студената војна, по која Советскиот Сојуз економски колабираше во обидот да им парира на САД во трошењето за одбраната.

Трамп се откажува од договорот меѓу Русија и САД од 1987 г.

Според стратегијата за национална одбрана од 2018 година, Трамп смета дека државата е во слична положба и затоа САД треба да се ослободат од секакви ограничувања. Во стратегијата се вели дека главниот предизвик за американскиот просперитет и безбедност е обновата на долгорочниот, стратегиски натпревар со Русија и Кина и дека е постојано присутна потребата за развивање нови технологии.
Болтон се залагаше за повлекување од ИНФ од 2011 година, уште пред Русите да направат каков било прекршок, нагласува Лин Растен, виска функционерка во администрацијата на Обама. Таа, како и многу други, смета дека е нереална идејата на Болтон САД да распоредат ракети на островите околу Кина.

Претходно, Вашингтон беше тој што бараше да се намалат тензиите со преку нови договори за контрола на оружјето. Сега, САД еднострано се повлекуваат од договорите со што им овозможуваат на Кина и на Русија да прават што сакаат.
– Ова е зеленото светло за почеток на трката за вооружување – вели Растен.