Како нов шеф на европската дипломатија, шпанскиот министер за надворешни работи Жозеп Борел ќе има можност да го реформира пристапот на ЕУ кон надворешната политика. Еден од главните предизвици со кои се соочува европскиот блок е зајакнувањето на сопствениот суверенитет и тоа во ера на засилена политика на големите сили

Изминатите пет години не беа наклонети на шансите за надворешната политика на Европската Унија. Новиот натпревар помеѓу големите сили го стави во сенка поредокот основан на меѓународното право, а можностите од глобализацијата – од трговијата до Интернет – повеќе се користат за создавање раздор помеѓу државите наместо нивно обединување. Во меѓувреме, геостратегиското соседство на ЕУ стана огнен прстен.

Овие предизвици главно ја рефлектираат промената во глобалната рамнотежа на моќ, што, пак, фундаментално го измени пристапот на САД во надворешната политика. Како што се наведува во најновиот извештај на Европскиот совет за надворешни односи, глобалниот развој на настаните ги остави земјите од ЕУ сѐ повеќе ранливи на надворешен притисок, спречувајќи ги да си го остваруваат суверенитетот. Таквото изложување претставува закана за безбедносните, економските и дипломатските интереси на Унијата, бидејќи им овозможува на другите сили да ги наметнат своите интереси врз ЕУ. За работите да бидат уште полоши, раководните институции на ЕУ не сторија многу за да се надминат поделбите помеѓу земјите-членки, а истовремено, тие немаа важна улога во одговорот на кризите, како оние во Украина, Сирија и Либија.

Со номинацијата на Жозеп Борел за нов шеф на европската дипломатија, ЕУ има шанса да ја рестартира својата надворешна политика. Една од главните задачи на Борел ќе биде обединување на институциите на Унијата и националните министерства за надворешни работи, зад заедничката надворешна политика на ниво на ЕУ. По ова, тој ќе се соочи со три предизвици. Првиот е да го обезбеди стратегискиот суверенитет на Европа. Уште од првиот ден од мандатот, Борел ќе мора да почне со развивање на стратегии за справување со најитните дипломатски и безбедносни прашања на блокот, почнувајќи од заканите што доаѓаат од Русија и од Кина, па сѐ до потенцијалните „буриња барут“ во Сирија, Африка и на Балканот. Тој исто така мора да исцрта нов курс за напред, без притоа да ги игнорира различните гледишта од земјите-членки, ниту, пак, да прифаќа најлесни решенија, водејќи се од тоа што членките тврдат дека може да прифатат.

За таа цел, Борел би требало да размисли да понуди пакет-договор, сличен на оној што беше договорен од Европскиот совет при номинацијата на новите највисоки функционери на ЕУ. Секој таков компромис би требало да балансира помеѓу строгиот однос кон Русија со креативниот ангажман на јужното крило на ЕУ. На Унијата не ѝ се неопходни нови надворешни политики, но ѝ е потребен нов механизам за имплементирање на својата агенда, како и компетентно лидерство што може да инспирира доверба помеѓу сите земји-членки. Во зацврстувањето на суверенитетот на ЕУ, новиот висок претставник за надворешна политика ќе треба да се справува со најразлични проблеми – од американските секундарни санкции и вооружувањето на доларот, па сѐ до зголемените закани од онлајн-напади и хибридни војни од сите страни на светот.

Вториот голем предизвик за Борел ќе биде реоперационализација на европската одбрана. И додека ЕУ оствари напредок со лансирањето индустриски проекти поврзани со одбраната, нејзиниот операционален капацитет се намали. За да го обезбеди крилото што граничи со Русија, сите земји-членки ќе треба да го зголемат нивното истурено присуство таму. Европејците исто така би можеле да преземат некои воени операции од САД, како што е тоа случајот со мисијата на Косово, каде што Европејците веќе имаат поголем дел од војниците што се распоредени.

Всушност, сега можеби е вистинското време за шефот на европската дипломатија да ја разработи идејата за „Европски безбедносен совет“, која првично беше пуштена во оптек од германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон минатата есен. Такво тело би можело да биде форум за искрени стратегиски дискусии помеѓу земјите-членки, додека истовремено ќе работи и на дипломатско ангажирање со Британија по брегзит.

Третиот предизвик за Борел ќе биде обновување на довербата помеѓу министерствата за надворешни работи на земјите-членки и Европската служба за надворешно дејствување. Тој можеби нема да успее сам да се справи со сите проблеми на надворешната политика на ЕУ, поради што ќе му бидат потребни силен тим и широка поддршка во самата Унија. Со именувањето на неговите заменици, Борел би требало да избере членови на Европската комисија што веќе имаат мандат за покривање на клучните регионални проблеми на Балканот, како и Источното партнерство.

Со усвојувањето на горенаведената широка агенда, Борел може да ѝ помогне на ЕУ да се справи со предизвиците што претстојат и тоа како обединет блок. Негова највисока цел треба да биде обезбедување на европскиот стратегиски суверенитет. ЕУ и натаму е најголем пазар на светот, втора е по нивото на трошење за одбраната и може да го распореди најголемиот дипломатски корпус. Ако овие работи ги искористи за поголемата стратегиска агенда, ЕУ може да стане играч во 21 век, наместо играчка на другите големи сили.