Дводневниот виртуелен самит што го организираше Белата куќа на Џо Бајден остави голем впечаток, но светот го очекува трнлив пат кон борбата со климатската криза, велат Зек Колман, Мајкл Грунволд и Карл Матајсен за „Политико“

Америка се обврза дека ќе биде предводник во борбата против глобалното затоплување

САД ги собраа најважните светски лидери во обид да ја вратат својата позиција како посредници и креатори на динамиката за еден од најсериозните светски проблеми. Претседателот Џо Бајден знае дека ќе биде екстремно тешко да се натераат другите нации да го поддржат неговиот амбициозен план до 2030 година за намалување на штетните емисии помеѓу 50 и 52 отсто под нивото од 2005 година. Напорите на Бајден дадоа одреден напредок на неговиот виртуелен климатски самит со шефовите на 40 земји, вклучително и новоприклучените Канада, Јапонија, Јужна Кореја и Аргентина. Но другите светски сили како Кина, Индија, Бразил и Русија не покажаа интерес да дадат свој печат. Самитот на САД е само еден настан во преполниот календар што води кон климатскиот состанок во ноември во Глазгов, Шкотска, каде што се очекува другите нации да ги зголемат своите климатски цели со надеж дека ќе го спречат глобалното затоплување.

Колку е сериозно враќањето на САД на сцената?

Светот реши да се бори со климатските промени и покрај тоа што САД претходно се повлекоа под водство на поранешниот претседател Доналд Трамп. Се утврди дека САД сепак се важен играч, а токму самитот на Бајден ја истакна преговарачката моќ на Америка. Преку дипломатијата и нејзината геополитичка моќ, сцената што ја создаде Бајден доведе до нови заложби од големите економии како Канада, Јапонија и Јужна Кореја. Тоа немаше да се случи доколку Бајден не ја искористеше предноста на најголемата светска економија и покрај тоа што САД сочинуваат 13 отсто од глобалните емисии.
Меѓу другото, на самитот беше ветено да се намалат штетните емисии до 2030 година и да се зачува глобалното затоплување на 1,5 степен Целзиусов. Но Бајден не може да контролира дали Конгресот ќе го усвои неговиот предлог-закон за инфраструктура од 2,5 милијарди долари со акцент на екологијата или Врховниот суд ќе му дозволи да го регулира загадувањето со јаглеродот. Тој не може да контролира дали другите нации им веруваат на неговите климатски заложби по четиригодишното американско назадување. Може да ја контролира само неговата извршна власт, а пред светот испрати порака дека има намера да ја претвори целата своја влада во машина за намалување на емисиите.

Кинескиот проблем нема да исчезне

Односите меѓу САД и Кина се на ниско ниво за многу прашања, иако двете земји неодамна ја потврдија својата желба да работат заедно за да се спротивстават на климатските промени, сепак има малку докази дека Пекинг ќе попушти заради Бајден или неговиот климатски пратеник Џон Кери. Кери во последната минута беше испратен во Шангај, потврдувајќи дека премиерот Си Џинпинг барем ќе присуствува на виртуелниот настан, но на крајот кинескиот лидер понуди само да ја намали употребата на јаглен, почнувајќи од втората половина на деценијата. Тоа скромно ветување е далеку од барањата Кина да го зголеми својот удел во постигнувањето на јаглеродна неутралност од 2060 година, а Си порача дека Кина треба да се третира како земја во развој наместо како најголем емитер на стакленички гасови во светот. Кина инсистира дека презема агресивни активности, но започнува од неповолна позиција во споредба со западните земји.

Технолошките фирми на мегдан

Во климатската дипломатија, државите разговараат како да се намалат емисиите на стакленички гасови, а климатската технологија дава одговор како емисиите всушност да се намалат. Значајно беше што вториот ден од самитот на Бајден беше посветен на иновациите, бидејќи ветувањата од првиот ден за намалување на емисиите нема да се остварат без ефективни технологии. Затоа, милијардерите Бил Гејтс и Мајкл Блумберг беа избрани да се обратат на самитот за потребата од подобри батерии, поевтини обновливи извори, зелени ѓубрива, алтернативно месо, одржливи технологии за заробување на емисиите на јаглерод и други иновации во корист на климата.

Бајден и другите светски лидери знаат дека за да ги постигнат своите климатски цели, мора на јавноста да ѝ ја пласираат сликата дека ваквите политики значат идни економски можности, а компаниите и другите влади само ја засилија пораката. Американската секретарка за енергија, Џенифер Гранхолм, најави партнерство на САД со неколку земји-производители на нафта за да работат на стратегии за намалување на емисиите, како и партнерство со Данска за елиминирање на емисиите од глобалната испорака. Дури и рускиот претседател Владимир Путин повика на меѓународна соработка за вакви технологии. Кина веќе вложи огромни државни ресурси за зајакнување на производството на чиста енергија и додаде 72 гигавати обновлив капацитет во минатата година, надминувајќи ги САД со своите 39 гигавати. Индискиот премиер Нарендра Моди истакна дека неговата држава, иако трет најголем загадувач во светот, сака да постигне 450 гигавати обновлива енергија до 2030 година.