Европа блоковски поделена и однатре и однадвор

Додека граничните ѕидови формираат сè подебели штитови околу Европската Унија (ЕУ), нивната симболична порака го дели самиот блок однатре. Со години Унијата јасно беше против градењето ѕидови, презирајќи го пристапот како краткорочен лек кој не одговара на европските вредности. Но, тоа сега се менува. Поттикнати од сеќавањата на мигрантската криза од 2015 година, зголемениот национализам и прашањето за бегалците на белоруската граница почна да се отвора дебата за границите на ЕУ. За многумина се работи за тоа дали Брисел треба да ги финансира граничните бариери, а за други дали тие се најефективниот начин за чување на европските граници. Егзистенцијалното прашање е дали Европа во иднина ќе се претстави како отворен или затворен континент?

Сè посилна поддршка за огради на границите

Во изминатиот период, многу други земји кои не се познати по строгите миграциски политики почнаа да се залагаат за подигање огради. Литванија, која го предводеше писмото на групата од 12 земји до Европската комисија, гради ограда од 508 километри по должина на границата со Белорусија и сака ЕУ да ги плати трошоците во висина од 152 милиони евра. Неколку дипломати рекоа дека ваквата тенденција е дел од поголемото преиспитување на миграцијата што исто така може да го мотивира блокот да ги прегледа меѓународните правила кои забрануваат враќање на азилантите. Досега Комисијата цврсто стоеше на ставот да нема изградба на бодликави жици и ѕидови на границите. Оттаму велат дека има многу средства за поддршка на граничното управување, како и високотехнолошки алатки и камери за надзор. Но се чини дека ветриштата се менуваат во Европарламентот. Еден европски функционер нагласи дека и покрај печатот, бариерите всушност на крајот се преминуваат или заобиколуваат.

Шест берлински ѕидови

Без оглед на финансирањето на Брисел, Европа продолжува да гради ѕидови. Неодамнешниот извештај покажа дека од падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година, европските земји подигнале околу 1.000 километри копнени бариери, што е еквивалентно на шест Берлински ѕида. Бидејќи изградбата се забрза, Комисијата ја омекна својата реторика и дури ја одобри практиката во конкретни случаи. Кога комесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон, ја посети Литванија во август, таа рече дека граничната бариера била „добра идеја“, а една година претходно, претседателката на Комисијата ја пофали Грција дека е „штит“ на Европа.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, неодамна го привлече вниманието, тврдејќи дека е „правно можно“ ЕУ да ги финансира граничните бариери сè додека оградите се управуваат во согласност со европските закони. Почитувањето на законот е причина за несогласување во многу земји на европската периферија. Хрватска и Грција се меѓу неколкуте гранични земји на ЕУ што се обвинети за спроведување повратни мерки кои се незаконски според меѓународните кодекси, како Женевската конвенција. Полска се соочува со слични обвиненија, а Варшава одби да му дозволи пристап на Фронтекс на границата со Белорусија. Еден официјален европски претставник предвиде дека блокот може во иднина да биде принуден да избира меѓу заштита на Женевската конвенција и шенген-зоната. Друг претставник истакна дека ако Европа стане тврдина, сепак мора да има прозорци и мостови.