Намалувањето на светските емисии на метанот може да извојува голема победа во борбата со климатските промени и загадувањето, смета Линдзи Мејзленд од „ЦФР“

Нов начин како да се искористат стакленичките гасови во полза на човештвото

Намалувањето на емисиите на метанот е економичен и релативно брз начин да се ограничи зголемувањето на температурата во светот, како што покажува новиот извештај поддржан од Обединетите Нации (ООН). Само во изминатата деценија научниците беа во можност да ги проценат количеството и изворите на овие емисии, што им овозможи подобро да разберат како намалувањето на загадувањето од метанот ќе се одрази врз климатските промени. Метанот е еден од неколкуте стакленички гасови кои ја заробуваат сончевата топлина во атмосферата и со тоа предизвикуваат пораст на просечната температура во светот. Метанот е застапен со околу 20 проценти во светските емисии и е втора најраспространета причина за ефектот на стаклена градина, веднаш по јаглерод диоксидот чиј удел изнесува над 70 проценти. Овој стакленички гас, кој го заработи прекарот „супер загадувач“, е многу пати помоќен од јаглерод диоксидот при заробување на топлината на Земјата, но се распаѓа многу побрзо. Метанот главно исчезнува од атмосферата по една деценија додека јаглерод диоксидот може стотици години да придонесува за глобалното затоплување.

Каков резултат би дале намалените емисии?

Намалувањето на емисиите на метан имаат непосредни придобивки. Тие заедно со напорите за намалување на емисиите на јаглерод диоксид брзо би ги намалиле концентрациите на гасот во атмосферата, што помага да се ублажат некои штетни ефекти од климатските промени во наредните години. Авторите на извештајот поддржан од ООН велат дека намалувањето на емисиите на метан за скоро половина во следната деценија би спречиле пораст на просечната глобална температура од 0,3 степени Целзиусови до 2040-тите. Ваквите намалувања се неопходни за да се постигнат целите од Парискиот климатски договор. Извештајот, исто така, посочува неколку начини како намалувањето на штетните емисии можат да го подобрат јавното здравје. Намалувањето на еден милион тони метан, кое е приближно еквивалентно на годишните емисии на метан во Естонија, би спречило околу 1.430 предвремени смртни случаи, 90 посети во болница и 145.000 тони загуби на посевите секоја година. Во економска смисла, секој тон намален метан ќе обезбеди придобивки од 4.300 долари. Многу технологии за намалување на емисиите на метан веќе се користат во целиот свет. За разлика од скапите стратегии за ограничување на емисиите на јаглерод диоксид, како што се зафаќање и складирање на јаглерод, многу од оние што го намалуваат метанот се економични. Според извештајот, половина од насочените мерки што би можеле да ги преземат емитерите на метан, на крајот ќе бидат исплатливи сами по себе. Стивен Хамбург, кој е главен научник во американскиот Фонд за заштита на животната средина, вели дека „за метанот постои технологија со која може драстично да се намалат штетните емисии, но е потребно тие да се воведат како стандард“.

Промени во индустриите

Земјоделскиот сектор сочинува околу 40 отсто од емисиите на метан што се дело на човекот. Стратегиите за намалување вклучуваат да се спречи горењето на полињата по бербата, да се приспособи добиточната храна за да се ослободува помалку метан и редовно да се одводнуваат оризовите полиња. Индустријата на фосилни горива која зафаќа околу 35 отсто од емисиите има најголем потенцијал за намалување, како што се наведува во извештајот поддржан од ООН. Скоро сите мерки може да се спроведат со ниски трошоци. Тие опфаќаат подобрување на детектирањето и поправка на протекувањето на резервоарите на метан во нафтените и гасните постројки, како и поплавување на напуштените рудници за јаглен од кои истекува овој гас.

Какви обврски имаат државите?

Повеќето земји не го вклучија справувањето со метанот во своите ветувања според Парискиот климатски договор, познати како национално определени придонеси (НДЦ). Но, сè поголем број од нив воведуваат регулативи како што расте свеста за ова прашање. Земјите низ светот спроведоа различни политики, како што се поставување на специфични индустриски стандарди со барања од компаниите да ги пријавуваат и оданочуваат емисиите. Во својот последен петгодишен план, Кина, која има најголеми емисии на метан, за прв пат спомена нивно намалување. Лани, Европската комисија усвои стратегија за метан што сигнализираше дека постои потенцијал за нови политики во Европската Унија.
Во меѓувреме, САД покажаа нов интерес за решавање на ова прашање. Администрацијата на претседателот Доналд Трамп ги укина претходно донесените регулативи, но дел од Конгресот работи на нивно враќање. Администрацијата на Џо Бајден вети дека ќе работи на „намалување на стакленичките гасови кои не содржат јаглерод диоксид, вклучително и метан“.