Меркел ужива поддршка за начинот на кој се справува со кризата, што го поттикна „Билд“ да праша „Петти мандат поради корона?“

Пандемијата на коронавирус го смени светот, но и рејтингот на водечките лидери во Европа. Едни добија уште поголема поддршка од јавноста, а други ја загубија

Кога кризата со коронавирусот првпат го погоди континентот во почетокот на годината, европските лидери и нивните советници уживаа значителна поддршка од јавноста, но гласачите сега се понервозни. Разни анкети покажуваа дека јавноста е за национално обединување додека владите се бореа со здравствена и економска криза во обем што не е виден уште од Втората светска војна. Откако јавниот шок беше заменет од потребата од истрајност, гласачите почнаа да поставуваат потешки прашања и да споредуваат како се снаоѓале одговорните за реакцијата на кризата во нивните држави.
Магазинот „Политико“ направи процена за тоа како лидерите се справиле со кризата.

Ангела Меркел

„Петти мандат поради корона?“ Ваков наслов во април објави најголемиот германски таблоид „Билд“. Тоа беше (веројатно) реторичко прашање, затоа што канцеларката Меркел повеќепати отфрли да остане на функцијата откако ќе заврши нејзиниот актуелен мандат во 2021 година. Но тоа беше само доказ колку добро јавноста смета дека таа се справила со пандемијата, поради што таа повторно доминира на германската политичка сцена по неколкунеделните дискусии за нејзиниот наследник.
Меркел во април одржа клучен телевизиски говор во кој на Германците им најави строги карантински мерки што владата требаше да ги спроведе. Но таа останува најпопуларен политичар во земјата.
Најновата анкета на „Политбарометар“ спроведена од јавниот радиодифузер ЗДФ покажува дека таа е омилена кај Германците, веднаш пред премиерот на баварската покраина, Маркус Садер, еден од можните кандидати да ја наследи како канцелар. Анкетата на „Политико“ регистрира поддршка од 39 отсто за нејзината демохристијанска коалиција, што е за 12 отсто повеќе од почетокот на кризата.

Џонсон, кој лично го преживеа ковид-19, не успева најдобро да се справи со кризата, за што е доказ и падот на рејтингот

Борис Џонсон

За разлика од неа, премиерот на Британија не се справува најдобро со кризата. Оставајќи ја настрана неговата хоспитализација во април поради ковид-19, поради што дури и најголемите противници би му попуштиле, Џонсон сепак направи редица несреќни потези во одговорот на кризата.
Имаше одлука да се воведат карантински мерки подоцна од другите земји (а една недела порано можеше да го преполови бројот на жртви, според еден водечки научен советник). Имаше неуспех во обидот да се зголеми бројот на тестирања и да се следат контактите со месеци, што доведе до одлуката да се откаже апликацијата за откривање контакти што владата ја промовираше со недели. Во меѓувреме, имаше експлозија на случаи во домовите за нега на стари лица, пренатрупани со пациенти со коронавирус, кои беа испуштени од болниците без да бидат тестирани. Лошо помина и објаснувањето на Џонсон на планот на неговата влада за излегување на земјата од карантин.
Британија има трагична бројка од над 300.000 регистрирани случаи и над 42.000 регистрирани смртни случаи од ковид-19, што е најлош биланс во Европа и е само зад САД и зад Бразил на глобално ниво.
Наспроти ужасните бројки, британската јавност се чинеше дека можеби е подготвена да му прогледа низ прсти на премиерот поради невидените предизвици со кои се соочи неговата влада. Тоа беше така сѐ додека Џонсон не реши да го брани својот главен советник Доминик Камингс, иако според поголемиот дел од јавноста тој извршил флагрантно кршење на карантинските правила. Како резултат на тоа, водството на конзервативната влада во однос на опозициските лабуристи се намали за осум отсто за само една недела.

Курц ужива поддршка од јавноста за менаџирањето на здравствената криза

Себастијан Курц

Австрискиот канцелар понекогаш беше цел на потсмев поради неговите привлечни описи за ефикасноста на неговата влада за време на кризата.
– Нашиот канцелар ја опишуваше пандемијата како да е скијачка трка, со четворица Австријци на првите три места – се шегуваше австрискиот комичар Јозеф Хадер во мај, алудирајќи на честите јавни настапи на Курц во кои тој го фалеше начинот на кој неговата влада се справила со кризата.
Иако пофалбите за Курц и за неговата конзервативна партија ОВП можеби предизвикаа презир кај опозицијата, гласачите се чини дека се доволно задоволни. Кога канцеларот вети „воскресение по Велигден“ во април, кога мерките за спречување на пандемијата беа најстроги, неговиот рејтинг достигна 55 отсто. Релативно ниската стапка на инфекција во земјата исто така значеше дека карантинските мерки би можеле да бидат олеснети неколку недели порано во однос на преостанатите земји во Европа.

Кога Макрон му објави војна на коронавирусот, неговиот рејтинг се зголеми, но сега повторно се намалува

Емануел Макрон

Францускиот претседател прогласи „војна“ против коронавирусот кон средината на март, кога тој му порача на францускиот народ дека движењето мора да биде строго ограничено.
Потоа беа воведени карантински мерки, а со нив се подобри рејтингот на францускиот претседател, кој минуваше низ тешки политички периоди уште пред здравствената криза. Анкета на „Политико“ регистрира рејтинг на Макрон од 33 отсто на 24 јануари, денот кога беше пријавен првиот случај на коронавирус во Франција. До средината на април, популарноста на Макрон се искачи на 41 отсто. Тоа е и негов најдобар рејтинг во изминатите две години, со што и му се даде признание на претседателот за справувањето со кризата, иако критиките кон вкупните резултати на државата беа многу поголеми.
Сепак, работите сега почнуваат да изгледаат потешко за Макрон. Рејтингот му се намалува додека француските гласачи гледаат преку границата кон Германија, каде што се смета дека Берлин подобро успеал да се справи со пандемијата.