Болестите пребрзо се шират во светот и Трамп не може да изгради доволно висок ѕид што ќе може да ги спречи вирусите да влезат во САД, вели Рон Клајн, кој беше советник за ебола во претходната администрација на Обама

Наредната светска епидемија само што не избувнала и никакво американско изолирање од глобализацијата нема да ја спречи епидемијата да пристигне на американската граница. Рон Клајн, кој му беше советник за ебола на претседателот Барак Обама, на една свеченост за здравјето на прво место, организирана од институтот „Аспен“ и од магазинот „Атлантик“, изјави дека постои реална причина за загриженост ако се соочиме со ваква закана додека Доналд Трамп е во Белата куќа. Исто така тој додаде дека „актуелниот претседател е против науката“ и дека „се занимава со теории на заговор“.

Клајн, кој е стар демократски оперативец во владите на Бил Клинтон и на Обама порача дека „сите овие нешта ќе доведат до загуба на многу човечки животи во случај на епидемија во САД каде што јавноста не треба да се занимава со теории на заговор, да не верува во лажни вести, туку да ја почитува научната експертиза“. Тој додаде дека изолационистичкиот став на Трамп ги повлекол САД од нивната лидерска улога во светски здравствени кризи, кои, според него, „ќе бидат сериозна закана по нивната безбедност“. Клајн ги нарече политиките и ставовите на Трамп „ксенофобични, па дури и расистички“ притоа обвинувајќи ги доселениците и странците за проблемите за кои е потребна интервенција од страна на здравствените служби.

Клајн посебно ги цитираше објавите на Твитер на Трамп за време на епидемијата на ебола, кога тој бараше од американските здравствени работници што се заразиле со болеста во Африка, да им биде забранет влезот дома. Трамп тогаш на Твитер објави дека „супер е тоа што луѓето патуваат на далечни места, но мора да се соочат со последиците“.

Подготвеноста на светот за здравствени кризи традиционално е двостран проблем. Клајн ја цитираше многу фалената иницијатива „Пепфар“ на претседателот Џорџ В. Буш, со која САД се обврзаа да имаат водечка улога во спречувањето на ХИВ/сидата во Африка. За време на епидемијата на ебола во 2014 година, Конгресот под контрола на републиканците даде дозвола да се доделат пет милијарди долари за справување со епидемијата.

Клајн вели дека „е потребно лидерство што е фокусирано, кое ја почитува науката, кое не се занимава со заговори и ќе инвестира во вакви нешта, но и дека лидерството не треба да има изолационистички ставови, кои сите би ги изложиле на ризик“.
Тој идентификува неколку сериозни пропусти во американската подготвеност за справување со следната светска епидемија:

– Пропуст во лидерството: Клајн вели дека „во моментот не постои човек во Белата куќа што е задолжен за решавање на овој проблем“.
– Пропуст во финансирањето: Тој вели дека „нема доволно средства и инвестиции за да се направат соодветните подготовки“.
– Пропусти во капацитетите и во обуките: Клајн вели дека имало макотрпна обука за првите медицински лица на терен веднаш по избивањето на епидемијата на ебола во 2014 година. Но постојат други болести за кои тие не се соодветно подготвени. Тој смета дека „обуките мора пак да се воведат, а луѓето мора да бидат квалификувани, особено оние што први ќе бидат испратени на терен и исто така потребни се подобри и повеќе капацитети“.
– Пропуст во науката: Клајн тврди дека „сè уште не се развиени сите вакцини и лекови што се потребни“.
– Пропуст во политиката: Постојат дупки во американскиот закон што мора да се решат за да им се дадат овластувања на медицинските лица што работат на ургентно да можат да работат и во други држави или за да се справат со кризите да го искористат федералниот закон со кој се дава олеснување и итна помош за државата и за локалната власт за време на природна катастрофа.

Но најголемиот пропуст, според него, е во светот. Не може Америка да биде безбедна кога постои ризик од пандемија во светот, затоа што светот е премал. Болестите пребрзо се шират и не постои доволно висок ѕид што може да се изгради за да се спречат вирусите и заканите од болестите во САД. Американците мора да останат поврзани со светот.