Норберт Ретеген

Наместо да чекаат Трамп да си замине од Белата куќа, САД и Европа треба да направат значајни напори. Американците треба да сфатат дека не смеат да ги загрозуваат сојузниците. Европејците треба да развијат заедничка надворешна и безбедносна политика и да ги зголемат воените буџети. Ако двете страни си ја завршат работата, новиот трансатлантски однос би можел да биде уште посилен

Кога американскиот потпретседател Мајк Пенс зборуваше на годинешната безбедносна конференција во Минхен, изгледаше како да не ѝ се обраќа на публиката пред себе, лидерите и претставниците на важни сојузници на САД од целиот свет. Напротив, неговата реторика „Америка на прво место“ се чинеше како да е наменета за неговиот шеф во Белата куќа, американскиот претседател Доналд Трамп. Обраќањето на Пенс во Минхен беше само одраз на актуелната состојба на трансатлантските односи. Реториката на САД кон Европа на највисоко ниво претставува еден вид постојана игра напред-назад меѓу молкот и острите вербални напади. Конструктивниот дијалог, соработката за заедничките интереси и посветеноста кон заедничките вредности полека исчезнуваат.

Штетата можеби нема да биде долготрајна, но не може едноставно мирно да се чека да си замине актуелната администрација на САД. Реперкусиите од мандатот на Трамп ќе го надминат неговиот престој во Белата куќа. За да се спаси трансатлантскиот сојуз, двете страни мора да направат значајни напори. САД треба да разберат дека обвинувањето и загрозувањето на сојузниците и повлекувањето од мултилатерални договори не обезбедуваат основа за соработка и доверба. Европа, од своја страна, треба да развие заедничка надворешна и безбедносна политика, а тоа, во најмала рака, ќе бара вистински инвестиции во одбранбените капацитети. Ако двете страни го сторат своето, односот што ќе се изроди од актуелната криза може да биде побалансиран и посилен.

Трамп драматично го промени начинот на кој САД се справуваат со меѓународните партнери. Тој покажува мал интерес за отворен дијалог на еднакво рамниште. Напротив, тој очекува другите земји да ги следат неговите наредби, дури и ако тоа значи кршење на меѓународните договори што САД некогаш помогнале да се склучат. Ако таканаречениот партнер се осмели да донесе независна одлука, Трамп се заканува да наметне санкции. Овој тренд се интензивира со текот на времето, како што кругот околу Трамп се зголемуваше и стануваше похомоген, додека дисидентите беа маргинализирани. Заминаа советници што учествуваа во конструктивен дијалог со нивните европски партнери, како што е поранешниот секретар за одбрана Џејмс Матис.

Промената не се однесува само на јазикот и стилот. Фундаменталните несогласувања околу политиката, исто така, станаа почести. Трансатлантските односи секогаш осцилирале, но минатите несогласувања главно беа ограничени на поединечни прашања, како што беше војната во Ирак. Денес, САД и Европа се длабоко поделени во однос на голем број прашања.

Конфликтите во и околу Блискиот Исток се еден конкретен пример. Во однос на Иран, САД и ЕУ делат исти цели. Двете се обидуваат да го запрат влијанието на Иран во регионот и да го спречат развојот на нуклеарно оружје. Трамп се обидува да ги постигне овие двојни цели преку изолирање на Иран и уништување на неговата економија. Овие тактики нема да функционираат. Иран е најнаселена земја на Блискиот Исток и е водечка регионална сила. Ако се загрозува опстанокот на нејзините лидери, тоа само ќе го дестабилизира соседството, како што е случај во изминатиот период. Кон крајот на април, Трамп го зголеми притисокот врз Иран, ставајќи им крај на отстапките за неколку земји што и понатаму можеа да купуваат иранска нафта и покрај санкциите на САД. Иран веднаш реагираше, нагласувајќи дека ако нема олеснување на санкциите, ќе престане да се придржува кон делови од договорот за неговата нуклеарна програма од 2015 година. Трамп беше непопоустлив, па предизвика ескалирање на состојбата, воведувајќи нови санкции против иранската металургија. Жестоката реторика на двете страни покажува колку брзо пристапот на САД со „максимален притисок“ може да доведе до случајна војна, дури и ако воениот конфликт не е во интерес на ниту една страна. Во изминатите недели, дури и американската администрација се доведе во ситуација да ја признае оваа опасност, па порача дека е отворена за разговори со Иран без предуслови.

Пристапот на ЕУ, пак, е заснован на верувањето дека Западот мора да се соочи со реалноста и да ја прифати позицијата на Иран како водечка сила на Блискиот Исток. Што се однесува до целта за спречување иранско нуклеарно оружје, ЕУ го смета договорот од 2015 година за голем успех. Договорот значително ги ограничи нуклеарните активности на Иран и овозможи големи меѓународни проверки. Прекршувањето меѓународен договор, како што е иранската спогодба, не само што е спротивно на заедничката цел за ограничување на нуклеарните капацитети на земјата туку и го поткопува меѓународниот кредибилитет на САД, а тоа не е во интерес ниту на САД ниту на ЕУ.

Договорот беше само еден важен аспект на сложената врска меѓу Иран и меѓународната заедница, а поддржувачите на договорот првично сакаа да избегнат поврзаност со одделни загрижености во врска со надворешната политика на Иран. Но позициите во Вашингтон и на Техеран сега се толку цврсти што е малку веројатно дека нов договор би се фокусирал исклучиво на нуклеарните активности.

Покровителите на договорот од 2015 година треба да се стремат кон нов, посеопфатен договор со Иран, кој, исто така, ќе одговори на легитимните загрижености околу однесувањето на Иран во регионот. Европа, односно Германија, Франција и Британија, мора да го иницираат овој процес.

Друг критичен момент во односите дојде со ненадејна најава на Трамп лани во декември дека силите на САД ќе се повлечат од Сирија. По бранот реакции од американските сојузници и оставката на секретарот за одбрана Матис, администрацијата на Трамп брзо се премисли, па сега планира да задржи неколку стотици војници во земјата. Цикцак-курсот на Трамп во Сирија илустрира зошто не може да се предвиди сегашната надворешна политика на САД и го нагласува намалувањето на присуството на САД на Блискиот Исток. Вакуумот што следува остава можности за влегување на други играчи, како Иран и Русија. Покрај тоа, одлуката на САД за промена на играта беше целосно изненадување за нивните сојузници, бидејќи Трамп не се консултира со ниеден член од глобалната коалиција против Исламска држава (ИСИС). Ова е спротивно од тоа што го очекуваат Европејците од партнерството со САД. Европските лидери можат само да се надеваат дека САД ќе се воздржат од преземање сличен пристап кон Авганистан, каде што предвремената објава за повлекување би била во корист само на талибанците и би ги поткопала актуелните мировни преговори.

Трансатлантските трговски односи нудат слична лоша слика. Под водство на Трамп, САД се повлекоа од Транспацифичкото партнерство и го поткопаа авторитетот на Светската трговска организација со воведување нелегални царини за увоз на алуминиум и челик, вклучувајќи го и увозот од партнери како Канада и ЕУ. Во случајот со ЕУ, Трамп се закани дека ќе ги прошири тие царини и за увозот на автомобили. Неговата оправданост, загриженоста за националната безбедност, е навреда за здраворазумското размислување на двете страни од Атлантикот. Овие царини ќе ја погодат Германија, главниот производител на автомобили во ЕУ, но самите САД ќе го преземат најголемиот товар, бидејќи и „БМВ“ и „Мерцедес“ имаат големи производствени капацитети во САД, а стотици илјади американски работни места директно или индиректно зависат од германската автомобилска индустрија.
Трамп предизвика големи штети врз трансатлантските односи. Но Европејците исто така имаат одговорност за нив. Конкретно, Европа треба да ги зголеми своите воени буџети, прашање за кое се пожали и претходникот на Трамп, Барак Обама. Во 2014 година, Германија, заедно со другите сојузници на НАТО, вети дека ќе го зголеми својот буџет за одбрана на два отсто од БДП до 2024 година. Германската влада набргу ја намали својата заложба на само 1,5 отсто, но таа нема да ја оствари ниту таа цел. Според актуелните планови за буџетот за одбраната на земјата, трошоците за одбрана ќе изнесуваат само 1,25 отсто од БДП до 2024 година. Неподготвеноста на Берлин да плати доволно за да ги задоволи потребите на одбраната на Европа и НАТО е неприфатлива, а германските партнери со право критикуваат. Германската канцеларка Ангела Меркел барем се посвети на остварување на целта од 1,5 отсто.
Пристапот на Германија кон воените трошоци треба да се промени. НАТО е неопходно за безбедноста на Европа, па затоа е фер европските членки на Алијансата да го платат својот дел. Освен тоа, Европа не може да бара еднакви услови од САД ако не е подготвена да преземе дел од товарот. За да го стори тоа во иднина, Европа ќе треба да одигра многу поголема улога во гарантирањето на сопствената безбедност, вклучувајќи ги и сопствените одбранбени способности, дури и ако гаранциите од САД останат неопходни. На долг рок, за да се оствари тоа, ќе биде потребно создавање армија на Европејци, која ќе биде дизајнирана не да ги замени националните армии туку да ги дополни.

Проектот за гасоводот „Северен тек 2“, кој ќе пренесува руски гас во Германија преку Балтичко Море, стана уште еден камен на сопнување во трансатлантските односи. Засега голем дел од гасот наменет за тој гасовод се транспортира преку Украина. Ако Москва не зависи од Украина како транзитна земја за нејзиниот гас, Украина ќе биде уште поподложна на агресивните политики на Русија.
САД, заедно со неколку европски земји, одамна критикуваат за нафтоводот и се во право. Но запирањето на проектот е тешко, бидејќи сите релевантни европски држави веќе ги издадоа потребните градежни дозволи, со исклучок на Данска. Уште поважно, германската влада останува силен поддржувач на „Северен тек 2“. Берлин еднаш се обиде да го претстави нафтоводот како чисто економско прашање, но сега ги признава политичките импликации од проектот за Украина, додека канцеларката Меркел вети дека ќе се залага за континуиран транзит на гас преку Украина.

Трамп, од своја страна, би можел да биде помалку заинтересиран за енергетската безбедност на Украина отколку за зголемување на извозот на американски гас во Европа, но без оглед на неговите мотиви, критиките за „Северен тек 2“ и за позицијата на Германија се оправдани. Меѓутоа, тоа што не е оправдано е обидот на Трамп да се меша во европската енергетска политика, заканувајќи се со санкции, како што направи во 2018 година. Трамп, се разбира, е добредојден да ја изрази својата загриженост и да даде релевантни аргументи – Европејците го прават тоа доста често за одлуките во надворешната политика на САД. Но, на крајот, Трамп мора да ја прифати одлуката на суверените европски држави и не треба да се обидува да им ја наметнува својата волја на партнерите.

Некои прашања, конечно, ќе бараат Европа и Вашингтон еднакво да ги менуваат своите политики. Улогата на Кина како растечка глобална сила е едно такво загрижувачко прашање. Заедничките западни напори за заштита на меѓународниот трговски систем заснован на правила, кои и Европа и САД сакаат да ги заштитат од нелојалната кинеска конкуренција, не можат да се потпрат на мерки што ги поткопуваат редот и поредокот, како што е трговската војна на Трамп со Пекинг. Европа, од своја страна, предолго презема малку наивен пристап кон Кина, изграден врз желбата, пред сѐ, да ги заштити европските економски интереси. За да продолжи со извоз на стоки на кинескиот пазар, таа прифати дисбаланс во трговските односи со Кина. Кинеските инвеститори имаат речиси неограничен пристап до европскиот пазар, но истото тоа не важи за европските конкуренти што сакаат да инвестираат во Кина. Сепак, некои неодамнешни иницијативи на ниво на ЕУ докажуваат дека Европа конечно се фати да го решава проблемот и почнува да усвојува реален став.
Наспроти сите актуелни пречки, Европа и САД сè уште можат да го обноват своето партнерство. Трамп и неговиот внатрешен круг не треба да се идентификуваат со политичкиот систем на САД и, секако, не со државата во целина. Двете страни треба да продолжат да соработуваат преку законодавците и граѓанското општество. Програмата за размена на германски и американски пратеници би можела да послужи како плодна почетна точка.

НАТО и воените буџети, Иран, Кина, Русија, гасоводот „Северен тек 2“ и трговијата се едни од најспорните прашања меѓу САД и Европа

Но без оглед колку се креативни двете страни во наоѓањето начини за продолжување на соработката, некои од неодамнешните промени се веројатно неповратни, па и Американците и Европејците ќе мора да се приспособат. Самоперцепцијата на САД драматично се промени, а домашните поделби се продлабочија. Секој наследник на Трамп ќе биде принуден да се фокусира на домашните проблеми и политики, ограничувајќи ја улогата на САД во светот. Оваа празнина ќе ја пополнат други сили, како Кина или Русија.

Европа, се разбира, би можела да биде дел од таа листа, но за да ги промовира европските интереси на меѓународно ниво, таа треба да стане глобален играч што активно ја обликува надворешната политика, наместо само да реагира на кризи. Европа може да ја достигне оваа цел само ако развива заедничка надворешна и безбедносна политика. Тоа нема да биде лесно. Во надворешните и безбедносните прашања, ЕУ може да дејствува само со консензус меѓу сите земји-членки, а постигнувањето договор за заедничка политика меѓу сите 28 земји-членки на ЕУ засега едноставно е нереално.

Наместо тоа, помала група држави треба да го преземат водството и да почнат да соработуваат многу повеќе во однос на надворешната, безбедносната и одбранбената политика. Групата може да ги вклучи Германија и Франција, но и Полска и Британија, дури и во едно сценарио по брегзит. Колективот, секако, ќе остане отворен за да се приклучат и други членки. Пред сè, членките на оваа авангарда треба да развијат заедничка агенда за надворешна политика, која неизбежно мора да вклучи заеднички пристап кон конфликтите на Блискиот Исток, како и кинеските геополитички амбиции. Понатаму, тие треба да промовираат заедничка одбранбена култура со инвестирање во развојот на заеднички системи за оружје, намалување на трошоците и проширување на знаењето. Таква група во никој случај не би се натпреварувала со ЕУ, туку може да ѝ помогне на Унијата секогаш кога ќе заглави во некој ќор-сокак.

За трансатлантските односи, најитниот чекор е едноставен, но многу важен. Како и во секоја долготрајна врска, учесниците треба да зборуваат, да се почитуваат и да се стремат да ги јакнат односите. Тоа е можно само без закани од санкции, укори и без обиди да се наметнат сопствените цели врз партнерите.

На долг рок, сепак, трансатлантскиот сојуз може да преживее само ако улогата на Европа во него биде посилна. Ниту една поединечна европска земја не може да се надева дека ќе постигне паритет со Вашингтон, но обединета и способна Европа може да биде атрактивен партнер што ќе ги остварува многуте заеднички интереси што трансатлантските сојузници и понатаму ги имаат. Опстанокот и здравјето на врските во голема мера зависат од Европа. За да застане на еднакво рамниште со САД, Европа мора да биде многу посилна.