Суперсилите треба да си бркаат своја работа, односно време е да се поддржи една класична идеја што не е во мода веќе долг период, а тоа е државниот суверенитет

Стивен Волт

Која е најглупавата идеја што влијае врз надворешната политика на најголемите сили? Има многу кандидати: теоријата на домино-ефект, митот за кратката, евтина војна, вербата дека одредено божество е „од страната“ на една нација и ќе го гарантира нејзиниот успех итн. Но тука е и верувањето на една земја дека ја нашла магичната формула за политички, економски, социјален и меѓународен успех и дека има право, одговорност и можност да го проповеда ова надалеку и нашироко.

Во некои случаи, овој импулс произлегува од (главно) добронамерни цели. Лидерите на некоја земја искрено веруваат дека ширењето на нивните идеали и институции ќе им донесе корист на другите (па, дури и со сила ако е потребно). Може да има и одбранбени мотиви. Се разбира, овие тврдења едноставно можат да бидат смирувачка приказна што владејачките елити ја пропагираат за да ги оправдаат своите агресивни активности преземени од повеќе себични причини. Без оглед на мотивацијата, ако нивните напори беа успешни, светот постепено ќе се движеше кон еден модел на политички, економски и социјален живот. Индивидуалните национални варијации ќе беа скромни и ќе се намалуваа по важност, ограничени на чисто локални грижи (како што се национални празници, кујна, претпочитани музички стилови итн.). Теоретски, дури и некои од овие карактеристики може да почнат да ги губат своите индивидуални карактеристики со текот на времето.

Ова не се случи. Досега, единствената политичка форма што имаше речиси универзално глобално прифаќање е самата територијална држава, заедно со тесно поврзаната идеја за национализам. Територијалната држава беше само една од неколкуте политички форми кои коегзистираат во раната модерна Европа, а нејзиното евентуално појавување како доминантна политичка форма беше спорен процес кој можеше да испадне поинаку. Многу фактори придонесоа за нејзиниот успех, а еден од нив беше идејата за суверенитет: принципот дека секоја влада мора да управува на начин на кој владетелите (или, конечно, граѓаните) сметаат дека е соодветен. Штом овој принцип се зацврсти, индивидуалните локални варијации беа зајакнати.

Оваа идеја можете да ја додадете на новите идеи за национализам, односно вербата дека различни групи луѓе имаат различни идентитети засновани на јазик, култура, заедничка историја и друго, и дека таквите групи кои се свесни за себе имаат право да се раководат себеси, конечно добивате неколку моќни идеали што заемно се надополнуваат. Народите сакаат своја држава за да можат да се заштитат во несигурен свет, а државите честопати го охрабруваат национализмот за да го обединат населението и да ја зајакнат државната моќ.

Постепеното ширење на овие идеи за национализам и суверенитет има далекосежни и нерамномерни ефекти. Национализмот ги поткопа и на крајот ги уништи империите, а деколонизацијата на крајот ги зголеми Обединетите нации од своите првични педесетина членки на речиси 200 држави денес. На овој начин, територијалната држава стана доминантна политичка форма во современиот свет, но специфичната содржина во рамките на секоја држава сè уште се разликува во голема мера. Демократиите, монархиите, олигархиите, еднопартиските авторитарни држави, воените диктатури, религиозните режими и други, сите овие коегзистираа во рамките на основната рамка на суверената држава, заедно со голем број различни економски системи.

Во текот на овој процес, голем број земји одеднаш се сметаа себеси за модели за преостанатите и тие се обидуваа на различни начини да ги убедат другите да ја усвојат нивната формула. Тоа се случуваше во Европа, на Блискиот Исток и на други места.

Иако Американците првично беа амбивалентни за тоа дали нивната новосоздадена република може да биде модел за другите, вербата дека другите држави ќе имаат корист ако наликуваат повеќе на САД растеше додека земјата се искачи на врвот како најголема сила во светот. Импулсот да се обликува светот според теркот на САД го достигна врвот за време на т.н. униполарен момент, кога се велеше дека либералниот демократски капитализам е неизбежна крајна точка на политичкиот и социјалниот развој, а притоа немаше големи противнички сили кои би можеле да ги спречат САД да ја користат својата огромна економска и воена моќ во служба на либералните идеали.
Не изненадува фактот што во униполарната ера, САД фаворизираа еден пристап за сите. Другите земји можеа да се сметаат за формално суверени, но САД сè повеќе се обидуваа да влијаат (ако не и диктираат) некои од одлуките во националната политика. Во воената област, државите кои бараа оружје за масовно уништување беа санкционирани или нападнати, дури и кога лидерите на САД велеа оти нивниот нуклеарен арсенал е суштински за националната безбедност. На растечките сили, како Кина, им беше советувано да се откажат од „напредните воени способности“ со образложение дека тоа е „застарена патека“ што ќе „оневозможи потрага по национална големина“. (Од некоја чудна причина, Пекинг реши да го игнорира овој пријателски совет). Кога беше можно, САД се обидоа да регрутираат нови држави во безбедносните институции што ги предводеа за да стекнат поголемо влијание врз безбедносните политики на другите држави.

Во политиката, Вашингтон се обидуваше да ја промовира демократијата, со пари или совети за граѓански групи, општо поддржувајќи ги човековите права, или дејствуваа за соборување на режимите кои го привлекоа бесот на Вашингтон. Целта, како што рече претседателот Џорџ Буш, беше „генерација на демократски мир“, а американската моќ можеше да се искористи за да се забрза процесот. Американските напори за промовирање „хиперглобализација“ ги натераа другите држави да ги менуваат своите капацитети и да ги приближат до позициите на САД.

Но во изминатите 15 години полека престана да се спроведува оваа амбициозна визија за еден свет, кој се обединува околу заеднички вредности и слични институции. Напорите да се спречат американските непријатели да стекнат оружје за масовно уништување беа делумно успешни. Клучните држави како Кина не се либерализираа, како што се очекуваше, но сепак напредуваа. Ширењето на демократијата забави, па стопираше, па потоа се сврти во обратна насока и сега состојбите со демократијата се вознемирувачки во самите САД. Дури и пред пандемијата на коронавирус, во ек беше реакција против глобализацијата. Пандемијата ги забрза и ги продлабочи овие тенденции. Заедничкиот именител на овие различни трендови е едноставен.

Желбата на лидерите или народите во различни држави да имаат поголем удел во начинот на живеење, дури и ако тоа значи помалку материјален просперитет. Водачите на кампањата за брегзит можеби беа крајно цинични со многуте лажни тврдења, но поддржувачите кои гласаа „да се врати контролата“ беа крајно искрени. Тие сакаа да одбранат одреден начин на живот од промените што ги сметаа како закани за негуваниот „начин на живот“. Истиот инстинкт лежи и зад напорите да се спречи имиграцијата во многу земји или импулсот на секоја држава прво да бара вакцина за себе, а потоа за другите.

Она што го гледаме е реафирмација на суверената независност од страна на големите и на малите сили. Идејата за суверенитет никогаш не беше дека тој треба да биде апсолутен или неоспорен, но идејата дека поединечните нации треба да бидат (главно) слободни за да го следат својот курс дома е длабоко втемелена и во сегашниот светски поредок. Територијалната држава останува темел на светската политика и, со некои исклучоци, државите денес прават повеќе за да ја зајакнат отколку да ја уништат.

Иако има области од кои нашата иднина зависи од тоа државите да се согласат да ја ограничат сопствената слобода на дејствување и да одговараат на глобалните норми и институции на власт, поголемото почитување на суверенитетот и на националната автономија имаат очигледни придобивки.

Прво, државите кои се мешаат во други држави ретко разбираат што прават, па дури и добронамерните напори честопати успеваат заради незнаење, ненамерни последици или локална огорченост и отпор. Второ, обидот да се наметне единствен модел на други земји неизбежно предизвикува перцепција на закана и го зголемува ризикот од сериозен конфликт меѓу големите сили. Идејата за суверенитет беше создадена делумно за да се реши овој проблем: Наместо да продолжат да се борат за тоа која верзија на христијанството ќе се зафати во различни земји, европските држави се согласија секој владетел да ја утврди верската ориентација на својата територија. Слично на тоа, напорите на една моќна држава за обликување на домашните работи на друга земја неизбежно ќе се сметаат за закана.

Трето, создавање постабилен меѓународен економски поредок, додека се зачувуваат повеќето придобивки од трговијата и компаративната предност, ќе бара модерна трговија и економски аранжмани што овозможуваат голема национална автономија, дури и по цена на пониски стапки на глобален пораст. Не само што ова може да го намали ризикот од глобална финансиска паника, туку овозможувањето на поединечни држави да имаат поголема слобода да ги утврдат условите на нивниот меѓународен економски ангажман, исто така, може да ги намали реакциите против слободната трговија, што во моментот ги разгоруваат скапите трговски војни. Конечно, светот во кој преовладува единствен политички и економски модел е веројатно невозможен, барем во блиска иднина. Да се верува дека една универзална рамка може да ги собере сите, всушност се игнорира огромната разновидност што сè уште постои во светот и моќната тенденција идеите и институциите да се развиваат.

Бидејќи луѓето се бесконечно креативни социјални суштества кои се спротивставуваат на еднообразноста и затоа што ниту еден социјален или политички аранжман не е совршен, дисиденти секогаш ќе има и ќе се појавуваат спротивставени визии без разлика колку жестоко тие се потиснуваат. Институциите создадени од едно место може да патуваат на други локации, но тие ќе мутираат и ќе се развиваат во процесот и ќе изложат различни форми каде и да се вкоренуваат.

Затоа вреди да се поддржи (делумно) суверената држава. Светот составен од противнички национализам не е утопија, со постојана можност за конфликт и војна и многу пречки за меѓусебна соработка. Но обидот да се смести разновидното човештво во една кутија е осуден на пропаст. Дури и ако сметаме дека одредени вредности се свети и сме во искушение да интервенираме кога другите држави ги прекршуваат, континуираното почитување на границите и суверенитетот исто така е норма што може да ги смири ривалствата. Во иднина, само поголемо почитување на националниот суверенитет и помалку напори да се присили целиот свет на еден начин на живеење ќе помогне новите ривалства да се смират и ќе им помогне на земјите со многу различни вредности да соработуваат во однос на оние критични прашања за кои нивните интереси се преклопуваат.

Авторот е професор по меѓународни односи на универзитетот „Харвард“