Вашингтон може да ѝ вети на Европа што ќе посака таа, но американската домашна политика може да го смени тоа што на крајот ќе се оствари

Американската безбедносна заедница често знае да не забележи како американската домашна политика може да ги поткопа надворешнополитичките цели на САД. Земете ги на пример турата на државниот секретар Мајк Помпео во Европа и напорите на потпретседателот Мајк Пенс на Минхенската безбедносна конференција за добивање поддршка за Вашингтон во посакуваната насока. По сѐ изгледа има голема „слепа точка“ во тоа како аналитичарите на американската надворешна политика го разбираат отпорот на Европа кон напорите на САД за зголемување на притисокот врз Русија и Иран.

Во Унгарија, на пример, Помпео пред своите домаќини во Будимпешта го претстави предлогот за потесно подредување на унгарскиот увоз на енергија со нејзините безбедносни врски со САД. Наместо приклучување кон руските предлози за проширување на рускиот гасовод Турски ток во срцето на Централна Европа, шефот на американската дипломатија ги охрабри Унгарците да сметаат на американскиот течен природен гас за задоволување на енергетските потреби на земјата. Таквиот потег би го намалило руското геоекономско влијание во Европа и ќе скрати дел од приходите што му се на располагање на Кремљ за финансирање на руската војска. Покрај тоа, тоа дополнително ќе ги зајакне основите на НАТО, врз основа на премисата дека сојузниците не само што се бранат меѓу себе, туку тие исто така ги купуваат есенцијалните производи и услуги меѓу себе.

Сепак, предлогот на Помпео наиде на студен прием. Се разбира дека е природно да се укаже на руското софистицирано користење на алатките за влијание, особено финансиските, за да ги задржат владините претставници на линија со руските проекти. Но тоа не е целата приказна. Политичарите во Европа, особено кога станува збор за енергетски прашања, не се многу расположени да ги напуштат постојните, докажани и сигурни снабдувачи со енергија за проектите кои може и да не бидат реализирани.

Исто така, вистина е дека во изминатите неколку години, американскиот извоз на енергија експлодираше на светските пазари, бидејќи новите технологии и методи ја отклучија хидрокарбонската „награда“ што се наоѓа на територијата на САД. И покрај тоа, овие методи не се универзално прифатени од американскиот политички спектар, а очигледното враќање кон зависноста од нафта и гас е критикувано од голем број водечки американски политичари. Уште повеќе, долгата и измачувачка политичка сага околу гасоводот „Кистон“ покажува дека геоекономската стратегија за максимизирање на северноамериканскиот енергетски развој и извоз предизвикува значителен домашен политички отпор.

Претседателот Доналд Трамп додаде нов политички џокер на ова прашање. Насоката на американската политика во изминатите неколку години е таква што политичките противници на Трамп се противат на неговата политичка агенда, па дури и ако тие самите поддржаа некои специфични предлози. Па така, како што зголемувањето на американскиот извоз на енергија станува сѐ повеќе централен дел на политиката на администрацијата на Трамп, така станува сѐ полесно за противниците на Трамп на изборите во 2020 година да се противат на таквите напори.

Замислете дека јас сум бугарски, унгарски или австриски политичар, на кој му е понудено конкретна руска посветеност за продажба и тргување со природен гас. Или пак, замислете дека јас сум германски или француски лидер, кој верува дека, на долг рок, иранските енергетски резерви се од круцијално значење за економскиот развој на Европа. Секоја официјална американска понуда за енергетска алтернатива во суштина зависи или од реизборот на Трамп во 2020 година или, пак, од цврстото ветување на републиканските и демократски ривали дека ќе ги почитуваат преземените обврски на Трамп. Во вакви услови, не е тешко да се види зошто Европејците не брзаат со своите облози. Зошто да сметаат на американското снабдување со течен гас од преку Атлантикот, ако и натаму има голем сомнеж за тоа дали демократскиот наследник на Трамп ќе продолжи со таквите планови?

На Русите исто така им оди во прилог репутацијата на Путин дека ги остварува своите ветувања, без разлика дали станува збор за интервенцијата во Сирија или изградбата на мостот во Керчанскиот Теснец, за кои многу експерти во Вашингтон предвидеа дека никогаш нема да се случат. Со поставувањето на гасоводот низ Црно Море за создавање на нова енергетска транзитна маршрута помеѓу Русија и европскиот дел на Турција, државите од јужна и централна Европа ќе имаат лесен и директен пристап до испораките на руски природен гас. За разлика од Русија, плановите на САД за зголемување на извозот и натаму остануваат само планови, чија реализација е неизвесна.