Средбата меѓу лидерите на САД и на Кина, Доналд Трамп и Си Џинпинг, е еден од најочекуваните настани на Г20, бидејќи двете сили се заглавени во тешка трговска војна

Хавиер Солана

Јапонија е домаќин на својот прв дводневен самит на Г20, кој почна вчера. Првичниот собир на лидерите на Г20, во ноември 2008 година, се одржа во услови на хаосот што ги зафати глобалните финансиски пазари по колапсот на „Леман брадерс“. Самитот заврши со јасна порака: „Ја нагласуваме критичната важност на отфрлањето на протекционизмот и на изолацијата во време на финансиска неизвесност“. Со други зборови, лидерите на најголемите светски економии се согласија да не ги повторуваат политичките грешки што ја влошија Големата депресија од 1930-тите.

За жал, малку од тој отворен и кооперативен дух останува денес. Дури и пред Доналд Трамп да биде избран за претседател на САД, водечките светски економии им потклекнуваа на протекционистичките искушенија. Но Трамп го доведе проблемот до точка на вриење. Неговото повлекување на САД од Транспацифичкото партнерство (ТПП) беше прва од многуте несовесни трговски мерки, меѓу кои се истакнува и неговата сегашна царинска офанзива против Кина. Нефлексибилноста на Трамп на минатогодишниот самит на Г20 во Буенос Аирес резултираше со прво коминике, што не вклучуваше ветување за спротивставување на протекционизмот. Иако трговската крстоносна војна на Трамп постојано се импровизира и се меша со други точки од американската надворешна политика, таа е одраз на група јасни економски верувања. Во суштина, Трамп ја смета меѓународната трговија како нулта-игра во која земјите победуваат исклучиво ако повеќе извезуваат отколку што увезуваат. За земјите што имаат трговски дефицити, како САД, тој смета дека „трговските војни се добри и е лесно да се победат“. Доволно е, според него, САД едноставно да престанат да тргуваат со земјите со кои имаат голем билатерален суфицит.

Вистината е дека меѓународната трговија воопшто не е нулта-игра. Историски гледано, слободната трговија е поврзана со општото зголемување на просперитетот, а успехот на земјата во глобалната економија не мора да зависи од нејзиниот извоз, кој го надминува увозот. САД лесно го финансираат својот трговски дефицит благодарение на статусот на доларот како главна меѓународна резервна валута – „претерана привилегија“ на која еднаш се осврна поранешниот француски претседател Валери Жискар д’Естен.

Но алергичноста на Трамп на трговски дефицити нема да се излечи со доза ортодоксна економија, главно поради тоа што најголемиот билатерален дефицит во Америка е со Кина, силата што ја загрозува нејзината глобална хегемонија. Трговскиот советник во Белата куќа, Питер Наваро, кој ја напиша книгата „Смрт предизвикана од Кина“, а потоа направи документарец од неа, ја храни администрацијата со идејата за американската ранливост. Применувајќи го истиот недостаток на суптилност како што сугерира насловот на книгата, Наваро ја обвинува Кина исклучиво за исчезнувањето на американските работни места за производство, игнорирајќи ги другите релевантни фактори, како што се повеќе автоматизираните производни процеси. Погрешната дијагноза води кон погрешен лек. Администрацијата на Трамп се обидува да ги врати работните места во САД, со тоа што увозот станува поскап преку царините. Но протекционизмот не може да ги надомести ефектите од автоматизацијата. Понатаму, порастот на глобалните вредносни синџири доведе до спектакуларно зголемување на трговијата со меѓупроизводи. Следствено, зголемувањето на цената на увозот може да го погоди извозот на земјата (на пример, САД увезуваат голем дел од производствените стоки од Кина). Повисоките царини, исто така, доведоа до значително повисоки цени за американските потрошувачи. Затоа, американските производители исто така чувствуваат притисок како и Кина и другите земји што воведуваат одмазднички царини.

Предлозите за повисоки царини кога пазарите на трудот се нарушени може да бидат економски контрапродуктивни, но, како што посочуваат економистите од Харвард, Рафаел ди Тела и Дани Родрик, тие се популарни во САД. Демагошките дискурси уште се попопуларни кога се фокусираат на земји со релативно слаби работни стандарди, како што е Кина. Покрај тоа, погрешната идеја дека отворањето кон Кина ги повреди САД, го одразува дополнителниот фактор: економскиот пораст на Кина е забрзан значително откако земјата се приклучи на Светската трговска организација (СТО) во 2001 година.

Трамп тврди дека Кина ужива поволни услови во СТО (што е точно) и дека механизмите за решавање на спорови во организацијата се пристрасни против САД (што е очигледно неточно). Врз основа на ова размислување, САД го блокираат назначувањето на нови судии во Апелациското тело на СТО, кое како резултат на тоа може да стане нефункционално до декември. Иако другите членки на СТО веќе размислуваат за можни мерки за да избегнат парализа, самата организација треба да преземе проактивен став за да најде трајно решение.
Друга тенденција на американската трговска политика која се заканува да стане хронична, повикува на заштита на „националната безбедност“ за да се оправдаат царините, што претставува злоупотреба на правилата на СТО. Ако другите земји сакаат мултилатералниот трговски систем да ги преживее арбитрарните напади на Трамп, тие ќе треба да вложат значителни напори за затворање на Пандорината кутија. Меѓутоа, ова не е некомпатибилно со реформирањето на СТО, со цел да се затворат неисправните и неодржливи регулаторни дупки кои Кина рутински ги искористи.

САД, најверојатно, ќе продолжат со својот протекционистички налет на самитот во Осака, но другите Г20 земји треба да ја искористат шансата и јасно да се заложат за слободна трговија. На пример, Договорот за економско партнерство помеѓу ЕУ и Јапонија (чија влада, исто така, успеа да го заживее ТПП) стапи во сила пред неколку месеци. Со овој нов договор, две од најголемите светски економски сили успеаја да ја унапредат либерализацијата на трговијата и покрај загриженоста на САД, истовремено вклучувајќи го и промовирањето на амбициозните социјални и еколошки стандарди.

Во контекст на постојаното уценување на Трамп, некои земји можеби дури и размислуваат за драстични мерки. Претседателот на САД не се двоуми да ја искористи хегемонијата на доларот за наметнување екстратериторијални санкции дизајнирани да ја попречат меѓународната трговија, како што е видливо од неговиот обид да го изолира Иран. Разумно би било да се работи на диверзификација на валутите во кои деноминирана е меѓународната трговија. Иронично, ова сценарио, кое е далечно, но не и невозможно, конечно може да му даде на Трамп остварлива формула за намалување на трговскиот дефицит во САД. Колапсот на хегемонијата на доларот може да му користи на извозот на САД во однос на увозот, но исто така ги зголемува долгорочните американски каматни стапки и го намалува геостратегиското влијание на Вашингтон. Едно е сигурно, наместо искрено да им ги објаснува овие компромиси на американските гласачи, Трамп ќе продолжи да ги промовира магичните решенија.

Авторот е бивш генерален секретар на НАТО и шеф на дипломатијата на ЕУ