Веќе две децении, Европејците придонесуваа повеќе во американски предводените војни

Безбедносни геостратегиски калкулации

„Стратегиската автономија“ не значи само одвојување од САД туку и да се има капацитети за преземање чекори кога Вашингтон нема да сака да го стори тоа, вели Макс Бергман за „Политико“

Трагичниот пресврт на настаните во Авганистан треба да послужи како повик за будење за Европската Унија (ЕУ). Кога САД еднострано одлучија да го прекинат своето присуство во земјата, Европа немаше друг избор освен да го следи нивниот пример. Додека Авганистан брзо падна во рацете на Талибанците, сè што можеше ЕУ да направи беше беспомошно да стои настрана и да набљудува. Лидерите на континентот немаа средства да внесат сили во Авганистан, дури и ако сакаа да го сторат тоа, на тој начин не само што ќе ги изложеа неуспесите на две децениските напори на САД и на НАТО, туку и неуспехот на пристапот на Алијансата во европските одбрани по терористичките напади од 11 септември.

Слабостите на европските воени капацитети

Во последните неколку години во Брисел беа одржани многу големи говори за „геополитичка комисија“ и „европска стратегиска автономија“, а веќе одамна помина времето кога Европа требаше да преземе конкретни чекори во таа насока. Колективно, ЕУ троши исто толку за одбрана како Русија и Кина, а сепак нема основни воени капацитети за одржување на борбените операции во странство без помош на САД. Европа не располага со воздушни танкери за полнење гориво или воздушна и поморска воена логистика на товарни бродови и носачи потребни за распоредување на силите. Таа не располага ниту со капацитети за разузнавање, надзор и извидување (ИСР) што се неопходни во современото војување или огромен логистички удел составен од членови во споредна улога на поддршка, ќе треба да ги поткрепува и одржува борбените сили. Дури и во Сахел, каде што Франција ги предводи силите на ЕУ, САД обезбедуваа критично воздушно полнење на гориво и поддршка за ИСР.
Намалувањето на европската зависност од американската војска може да изгледа непотребно, бидејќи ова е воспоставена реалност повеќе од 75 години. Развивањето на овие капацитети е скапо, одзема многу време и би ги оптоварило можностите на секоја европска земја, поради што беше постигнат мал напредок на овој план во изминатите две децении.

Намален интерес на Вашингтон

Сепак, постои зголемено, но сепак природно одвојување помеѓу Европа и САД. Вашингтон со право се плаши дека Европа не ја сфаќа Кина доволно сериозно. И од своја страна, Европејците со право се грижат дека САД покажуваат недоволна грижа за нивното сè понеизвесно соседство. За време на дебатите за повлекување на Авганистан во Вашингтон, малку или воопшто не се посвети внимание на можното влијание врз Европа, иако претстојната бегалска криза може сериозно да влијае врз неа и нејзините сили на терен. Европејците беа во право кога се чувствуваа омаловажени, но Вашингтон, заморен од војната, знаеше дека Стариот континент нема што да понуди. Ако европските лидери имаа способност да дејствуваат автономно и да се понудат да ја преземат мисијата за поддршка, САД ќе беа воодушевени од таквиот потег.

Европската стратегиска автономија не се однесува на одвојување на Европа од САД, туку станува збор за Брисел којшто може да дејствува кога Вашингтон не е заинтересиран за тоа. Станува сè полесно да се забележат сценарија, без разлика дали се на Блискиот Исток или во Северна или Западна Африка, каде што безбедноста и интересите на ЕУ се загрозени, но САД немаат интерес да дејствуваат.

Европа треба да излезе со конкретен и амбициозен план за одбрана за да ја добие поддршката од Вашингтон

Редефинирање на трансатлантското партнерство

Ова не значи дека САД и Европа се оддалечуваат, или дека НАТО е застарен, туку дека треба одново да го дефинираат трансатлантското партнерство и значењето на поимот „поделба на товарот“. Веќе две децении, поделбата на товарот се однесуваше на Европејците што придонесуваат повеќе во војните предводени од САД. Денес, потребен е нов пристап што се гради врз урамнотежена врска, каде што Европа може дури и повремено да го преземе водството. Всушност, на овој начин ќе се формира европски столб во рамките на НАТО, што ќе бара решавање на огромните структурни проблеми што ја мачат европската одбрана. Најдобар начин да се направи ова е преку ЕУ, каде што суверенитетот е веќе заеднички, а членките можат да ги здружат ресурсите, да ги интегрираат силите и да остварат стратегиски „европски“ придобивки.

Критички, развојот на одбраната на ЕУ ќе помогне блокот да зајакне и да добие нови овластувања, што ќе му овозможи на Брисел подобро да се залага за европските интереси. Исто така, потребен ќе биде и благослов од Вашингтон. Но, на крајот, причината за воената несоодветност на Европа лежи во самата себе. Само поради воената зависност од САД, Вашингтон има ефикасно вето врз одбранбените напори на ЕУ што Американците го искористија за да се спротивстават на иницијативите на европскиот блок и енергично лобираа во име на американските одбранбени компании.

Покрај тоа што администрацијата на Бајден направи малку за да го промени овој пристап, иронијата е во тоа што САД се целосно уморни од состојбата на статус кво, иако упорно дејствуваат да ја спречат ЕУ да го промени. Америка со последиците од две децениската војна ќе биде разбирливо воздржана да интервенира во идни кризи, особено кога американските интереси не се директно засегнати. Време е стратегиската автономија да стане реалност. Трансатлантскиот сојуз ќе биде посилен токму поради тоа.