Постојат повеќе причини зошто Америка треба да спроведе сеопфатен пристап за да биде таа што ќе ѝ стави крај на пандемијата, велат Хелен Гејл, Гордон Лафорџ и Ен-Мари Слотер за „Форин аферс“

Стратегијата за имунизација на САД ќе им ја врати светската доминација

По виртуелниот состанок одржан минатиот петок, лидерите на САД, Индија, Јапонија и Австралија соопштија дека ги здружуваат силите за да испорачаат една милијарда дози на вакцините во Индо-пацифичкиот Регион, што ќе биде директна конкуренција на кинеските напори за испорака на вакцините во тој дел од светот. Договорот ги зближува индиските производители заедно со американската, јапонската и австралиската финансиска, логистичка и техничка помош во имунизацијата на стотици милиони лица до крајот на 2022 година. Во медиумите осамна информацијата дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден се подготвува да фати чекор во дипломатијата со вакцините.
Овие иницијативи се случија во вистински момент. Во борбата против најтешката светска криза што се случува еднаш на сто години, САД досега беа надиграни. Русија и Кина агресивно ги рекламираа и дистрибуираа своите вакцини во другите земји, во голема мера за да ги остварат своите надворешнополитички цели. Русија ја користи вакцината за да си го подобри угледот и инвестициските шанси, но и да посее раздор меѓу членките на Европската Унија (ЕУ). Кина донира свои вакцини за да добие предност во територијалните спорови и да го прошири влијанието во рамките на иницијативата „Појас и пат“. Москва и Пекинг подеднакво успеаја да им нанесат удар на САД со тоа што испратија вакцини токму во соседна Латинска Америка.
Администрацијата на Бајден има право што сака да ја преземе водечката улога во вакцинирањето на светот од повеќе причини во свој интерес и поради алтруизмот. Но не треба да падне во замката во обидот да ги победи Русија и Кина во нивната игра, односно испорака на вакцини во посебни држави врз основа на нивната геостратегиска важност и вниманието кое го добиваат од ривалските сили. Бајден треба да се насочи на еден сеопфатен пристап кој го наметна дома. Неговата влада треба помалку да се фокусира на стратегиската предност, а повеќе на вакцинирање на поголем дел од светското население за пократко време, затоа што на тој начин ќе се концентрира на тоа што е заедничко со другите земји без оглед на природата на нивните влади.

Сè е во игра

САД успешно ги мобилизираа своите и меѓународните ресурси за да одговорат на минатите регионални кризи. Бајден може да ги надмине претходните напори на претседателот Џорџ Буш помладиот, со тоа што ќе дејствува глобално, а веќе презеде чекори кон постигнување на оваа цел. Да замислиме што ќе се случеше ако Вашингтон го третираше ковид-19 како непријател во светска војна или глобална закана. Вашингтон може да предводи мултилатерални напори во кои ќе се вклучат сите сегменти од општеството за да се вакцинира светот преку „Ковакс“. Владата може да ја активира војската и да побара од сојузниците во Г7 и во НАТО поголема операција што ќе ја забрза дистрибуцијата на вакцини и ќе ги зајакне логистичките системи. Како што вети на самитот, американската влада ќе ги искористи Стејт департментот, УСАИД, Центрите за контрола и превенција од болести (ЦДЦ) и други граѓански агенции и развојни програми за да им помогне на државите со нивните програми за вакцинација. Исто така е планирано да се вклучат компании, невладини и граѓански организации за да се асистира во производството на вакцини, собирањето на средства и обезбедувањето на техничка помош за странските партнери.
Американската влада треба да преземе точно вакви напори сега, поточно сеопфатен одговор за сеопфатна глобална кампања за вакцинација.

Таквата кампања ќе ги унапреди американските економски и безбедносни интереси, но и ќе го обнови американското лидерство во светот по неколкугодишниот пад. Американски предводените напори за вакцинација би можеле да го зајакнат новиот мултилатерализам што ќе биде попрагматичен и поинклузивен од меѓународниот поредок во 20 век и подобро ќе може да одговори на глобалните закани од 21 век. Вашингтон во моментов има историска шанса да докаже дека демократијата ќе даде резултати и дека американските идеали навистина се универзални. Со тоа што ќе понуди модел за глобална соработка, што ќе опфаќа поширок спектар на ресурси од која било друга влада што може да понуди, САД можат да ги водат напори за вакцинација кои ќе се темелат на силата на нивното отворено и плуралистичко општество. Претседателот Бајден категорично ќе покаже дека САД не само што ќе се вратат на старите патеки, туку и ќе бидат лидери што ќе гледаат напред кон иднината.

Причини за сеопфатниот пристап

Пандемијата на ковид-19 е најдлабоката хуманитарна и економска катастрофа во современата историја. Според Светска банка, како резултат на пандемијата околу 124 милиони лица западнаа во екстремна сиромаштија лани. „Економист“ проценува дека две години од пандемијата ќе го чинат светот 10,3 илјади милијарди долари, два пати повеќе од Големата финансиска криза во 2008 година. Единствениот лек за кризата е само вакцинацијата.
Администрацијата на Бајден научи вредна лекција од тогашниот владин одговор, а тоа е да не се плаши да ги искористи сите средства на располагање. Во случајот со вакцинацијата треба да се следи токму овој пример. Сеопфатни напори ќе дадат најбрзи и најголеми резултати во борбата против ковид-19. САД има многу што да добијат од забрзаната обнова на глобалната економија. Истражувањето на групата „Евроазија“ оцени дека со вакцинирање на земјите со ниски и средни приходи ќе се генерира најмалку 153 милијарди долари приход за САД и девет други развиени економии во 2021 година и дури 466 милијарди долари до 2025 година. Дури ако САД го вакцинираат целото свое население, сепак економската обнова ќе тече бавно и пандемијата нема да заврши сè додека нивните економски партнери немаат целосен пристап до вакцините.

Самиот Бајден изјави дека „САД нема да бидат безбедни додека целиот свет не е безбеден“. Покрај тоа оваа пандемија сигурно нема да биде последна. Партнерствата и инфраструктурата во јавното здравство што Америка ги гради за да го имунизира светот од коронавирусот исто така ќе служат како одбрана од следниот смртоносен патоген или друга здравствена закана. Заштитата на нацијата од болеста не смее да се одвои од заштитата на светот. Во 2018 година, САД ја објавија националната стратегија за биолошка одбрана, што се чини дека ја препозна меѓузависноста. Стратегијата апелираше развојните договори и партнерства да им помогнат на странските држави да се подготват и да реагираат на биоинциденти.

Како да се стави крај на пандемијата?

Исклучителен предизвик е ставањето крај на пандемијата и вакцинирањето на целиот свет. Тоа во голема мера ќе зависи од механизмот „Ковакс“ и од алијансата за вакцинација „Гави“, која е негово извршно тело. Целта на нивното формирање беше да се испратат вакцини во сите делови на светот со комбинирање на брзината и флексибилноста на приватните и граѓанските сектори со помош на јавноста.
САД можат да ги искористат импресивните логистички капацитети на војската за да помогнат во напорите за светска испорака на вакцините, вклучувајќи ги и најтешко достапните области. Американската војска е одлично обучена токму за вакви задачи и има развиено светска мрежа на партнерства со држави од Колумбија до Египет и Филипините. Американските сили може да се здружат со странските војски за да ги прошират и спроведат националните програми за вакцинација. Вашингтон може да побара од сојузниците во Г7 и во НАТО да изградат поширока коалиција што ќе ги подели трошоците. САД веќе имаат илјадници граѓански службеници и локален кадар со искуство во операциите со хуманитарна помош и кампањи за имунизација распоредени насекаде во светот преку агенциите УСАИД, ЦДЦ и Стејт департментот. Поради минатите иницијативи, државата има силни јавни здравствени партнерства во десетици земји од ниски и средни приходи.
Во таа смисла, САД треба да соработуваат со држави за да се помогне во развојот и да се зголеми локалниот капацитет за производство на вакцините. Неколку латиноамерикански држави побараа вакцини од Кина и од Русија затоа што не можеа да ги исполнат строгите критериуми за плаќање на западните фармацевтски компании. Токму како што владата на Бајден склучи договор со „Џонсон“ и „Мерк“ за зголемување на производството на вакцините со една доза, така треба да побара и од другите американски компании да склучат соработка со странските производители.
Отворените демократски општества имаат огромни ресурси за да ја мобилизираат вакцинацијата во светот. Сестринските градови, универзитети, корпорации со светски синџири на испорака, добротворни организации и дијаспората може да побараат соработка со партнерите и да остварат свој придонес.

Владата на Бајден има право што дава приоритет на вакцинацијата на секој Американец, но пандемијата не завршува тука, бидејќи ќе мора истото да го стори и надвор од своите граници. Сериозна светска кампања за вакцинација може да го одбележи почетокот на една поинаква ера на американско лидерство. САД ќе го покажат својот капацитет да водат преку светски институции, своите ресурси без разлика дали се јавни, приватни или граѓански. На тој начин повеќе би се фокусирале на народот наместо на игрите за моќ и ќе го вреднуваат својот успех преку спасени животи. Успехот на таков потфат несомнено ќе обезбеди огромна стратегиска предност за САД, но тие ќе ја стекнат таквата предност само со исполнување на универзалните заложби во нивните највисоки идеали со тоа што ќе бидат „моќен и доверлив партнер за мир, напредок и безбедност“ за сите, како што порача самиот Бајден во неговиот инаугурациски говор.