САД и Европа се вклучуваат во далечни конфликти за да го спречат создавањето екстремистички конфликти

Сите конфликти не се водат само со јазик, аргументи, конференција или дипломатија, пишува Ен Апелбаум за „Атлантик“

Од сите празни, бесмислени изјави што повремено ги повторуваат западните политичари, ниту една не е празна и бесцелна како „не може да има воено решение за овој конфликт“. Во 2013 година, Бан Ки-мун, тогашниот генерален секретар на Обединетите Нации (ОН), кажа дека „нема воено решение за конфликтот во Сирија“. Џон Кери, тогашниот американски државен секретар, ги повтори истите зборови во многу ситуации. Залмај Халилзад, американскиот специјален претставник за Авганистан, го порача истото на 3 август, односно дека „се верува дека нема воено решение“ во Авганистан, додавајќи и дека „на крајот, за Авганистан да има мир и стабилност, треба да има политичко решение со преговори“. Дури и британскиот премиер Борис Џонсон го повтори ова свечено во јули, велејќи дека „талибанците немаат воен пат до победата“.

Фразата звучи убаво, но не е вистинита. Во многу конфликти, веројатно Сирија и секако Авганистан, постои воено решение, односно војната завршува затоа што победува едната страна. Едната страна има подобро оружје, подобар морал и поголема надворешна поддршка. Едната страна има подобри генерали, подобри војници и поголема издржливост. Или, понекогаш, едната страна е повеќе подготвена да користи насилство, суровост и терор и е поподготвена да умре за да нанесе насилство, суровост и терор врз другите луѓе.

Авганистан покажа дека западните сојузници се уморни од бесконечните војни, но не и талибанците

Преговарачите за мир, експертите за превенција на конфликти, претставниците на ОН и на Европската Унија (ЕУ) и огромен број американски и меѓународни дипломати не сакаат да веруваат дека тоа е вистина, бидејќи не ги одразува вредностите на светот во кој живеат. Тие не познаваат талибански борци, милитанти на Хезболах или руски платеници и не можат да замислат како изгледа светот од нивна гледна точка. Но насилните екстремисти, спротивно на ставот на јавноста, можат да бидат доста рационални. Тие можат да пресметаат што точно треба да направат за да победат во битка или војна, а токму тоа талибанците го направија во Авганистан. Имаше воено решение, а групата чекаше долго да го постигне. Сега ќе го претвори насилниот екстремизам на своето движење во насилна, автократска, тиранска состојба.

Зошто постои либералниот интернационализам?

Потребата да се спречат насилните екстремисти да нападнат места каде што луѓето претпочитаат да живеат во мир и во согласност со владеењето на правото, е токму причината зошто имаме армии, оружје, разузнавачки агенции и разни шпиони, и покрај сите грешки и ужасните работи што понекогаш ги прават. Потребата да се спречат насилните екстремисти да создаваат структури како Ал каеда или непријателски режими со нуклеарно оружје е токму причината зошто Северноамериканците и Европејците се вклучуваат во далечни и тешки конфликти. Затоа САД имаат воени бази во Германија, Јужна Кореја и Кувајт, меѓу другите места. Затоа дури и Холанѓаните беа убедени да формираат база во Авганистан.

Тоа е и причината зошто постои феноменот на либералниот интернационализам или „неоконзервативниот интернационализам“ (иако не ви се допаѓа), бидејќи понекогаш само оружјето може да ги спречи насилните екстремисти да ја преземат власта. Сепак, многу луѓе во либерално-демократскиот свет, дури можеби и повеќето, не сакаат да веруваат во ова. Тие одамна сфатија дека овие алатки се премногу невкусни или премногу скапи. Како Бан Ки-мун и неговите многубројни имитатори, тие понекогаш дури и се преправаат дека овие алатки воопшто не се неопходни, бидејќи конфликтите може да се решат со „разговори“, „дијалог“ и „културна размена“. Тие се преправаат дека секогаш постојат мирни решенија кои некако не биле земени предвид, дека секогаш постои ненасилен одговор кој некако бил игнориран и дека „солидарноста“ со жените од Авганистан, без да се поддржи со физичко присуство, е значајна идеја. Грчкиот економист Јанис Варуфакис на Твитер напиша „држете се, сестри!“ што го прослави падот на „либералниот неоконзервативен империјализам“ и ненамерно покажа колку во заблуда станала антивоената левица. Падот на Кабул го исмејува тој начин на изразување и ги прикажува како будали оние што го користат.

Симболот на падот на Кабул

Многумина ќе се расправаат дека Авганистан всушност не бил американски пораз или пораз на Западот, а во извесна смисла имаат право. САД не се предадоа, туку го загубија трпението и одлучија да заминат. Поранешниот државен секретар Мајк Помпео и поранешниот претседател Доналд Трамп потпишаа договор, најавија повлекување на војниците, а потоа почнаа тоа да го спроведуваат. Претседателот Џо Бајден едноставно ја заврши таа задача. Но сликите од Кабул раскажуваат поинаква приказна, онаа што не се однесува само на одлуките донесени од Бајден или Трамп или воопшто да има врска со американската политика. Приказната е дека теократска, мизогинистичка, милитаристичка организација брзо ги уништува сите елементи на либералното општество, што успеа да се вкорени во Авганистан за време на две децении на „неоконзервативен империјализам“.

Неколку часа по победата на талибанците, на жените им беше кажано да не влегуваат во Универзитетот во Херат, талибанските сили пукаа врз мирни демонстранти, а оние кои работеа со Американци или Европејци во каков било капацитет се криеја или се обидоа да избегаат. На улиците во Кабул мажите почнаа набрзина да варосуваат постери со ликови на жени, кои сега повторно ќе бидат протерани во сенка.
Настаните во Авганистан се дел од многу поголема приказна што ги прикажува со болна јасност. Ретко натпреварот помеѓу „отворените“ и „затворените“ општества, меѓу демократијата и диктатурата, помеѓу слободата и автократијата е толку кристално јасен. Ретко победата на второто над првото била толку брза или толку целосна. На Хуго Чавез или Владимир Путин им се потребни години за да наметнат репресивна контрола врз нивната нација. Талибанците може тоа да го сторат за неколку дена или недели.

Од таа причина, падот на Кабул нужно ќе предизвика некои американски сојузници да се запрашаат дали нивното либерално општество е безбедно. Тие сфаќаат зошто Американците се изморија од Авганистан. Можеби е вистина дека земјата беше премногу далечна, премногу туѓа, за да го оправда постојаното присуство, како што Бајден толку силно го нагласи. Но кои земји се доволно блиски или културно доволно слични за да бидат сигурни во долгорочната американска поддршка? Тие не се во војна во моментов, но сепак, ако американската војска нагло ја повлече воздушната поддршка и логистика од Европа или од јужнокорејскиот полуостров, тогаш многу земји одеднаш може да станат изложени на агресија. Германија не би можела да се брани од ден во ден, ниту Полска, Естонија или Јапонија. Под знак прашалник секако е и Тајван.

Западот немоќен на терен

Падот на Кабул треба да го промени фокусот на Американците во администрацијата, во Конгресот, во раководството на двете страни, но пред сè, обичните Американци низ целата земја за алтернативите што ги очекуваат. Авганистан дава корисен потсетник дека иако САД и нивните европски сојузници се уморни од „бесконечните војни“, тоа не важи за талибанците. Ниту Пакистанците што им помогнаа не се уморни од војните. Ниту руските, кинеските и иранските влади кои се надеваат дека ќе имаат корист од промената на власта во Авганистан. Ниту, пак, Ал каеда и другите групи што можат да го направат Авганистан повторно свој дом во иднина. Дури и ако не сме заинтересирани за ниту еден од овие народи и нивната брутална политика, тие се заинтересирани за нас. Тие гледаат на богатите општества во Америка и Европа како пречки што треба да се исчистат од нивниот пат. За нив, либералната демократија не е апстракција, туку тоа е моќна, опасна идеологија што ја загрозува нивната моќ и треба да се победи каде и да постои, а тие ќе се служат со корупција, пропаганда, па дури и со насилство за да го сторат тоа. Би го сториле тоа во Сирија и Украина, а во рамките на САД, Велика Британија и ЕУ.

Можеби не сакаме ништо од ова да биде вистина. Можеби претпочитаме поинаков свет, каде што секој ќе стои настрана од патот на другиот. Но тоа не е светот во кој живееме. Во реалниот свет, битката за одбрана на либералната демократија понекогаш е вистинска битка, воена битка, а не само идеолошка. Не може секогаш борбата да биде со јазик, аргументи, конференции или дипломатија, или со распоредување организации за човекови права, декларации на ОН и жестоки загрижувачки изјави на ЕУ. Или подобро кажано, може да се обидете да се борите на тој начин, но ќе изгубите.