Политичките обложувачници сметаат дека шансите за брегзит без договор се околу 30 отсто. Но без разлика на несмасните ветувања до конзервативните еврофоби што го направија Борис Џонсон премиер, нормален брегзит со договор ќе биде претпочитана опција за политичките развратници чиј единствен конзистентен принцип е неконзистентноста

Сега откако Борис Џонсон ја оствари животната амбиција да стане британски премиер, трагикомедијата со брегзит се приближува до својата кулминација. И додека преостанатиот дел на Европската Унија на ова гледа со вџашување, сепак има добри и лоши вести во плановите на Џонсон.

Лошата вест е дека повлекување без договор од Европската Унија, што Џонсон го заговараше во трката за лидер на еврофобичната Конзервативна партија, може да предизвика ненадејно запирање на економската активност, слично на катастрофата што следуваше по пропаѓањето на Лиман брадерс во 2008 година. Иако ова бизнис-распаѓање може првично да ги погоди поврзаните трговски бизниси во Британија и да доведе до некаков компромис помеѓу Британија и ЕУ за неколку месеци, во финансиската криза во 2008 година научивме дека дури и кратко нарушување на нормалните комерцијални односи во еден дел од економијата може да предизвикува проблеми повеќе години.

Добрата вест е тоа што Џонсон е многу поитар политичар од неговата претходничка Тереза Меј. Песимизмот за иднината на Британија стана толку распространет, така што секој исход од брегзит, освен излегувањето без договор, сега би било позитивно изненадување, кое ќе предизвика економско воскреснување и тоа не само во Британија туку и низ Европа. Да, Британија е осудена да страда на долг рок од која било верзија на брегзит. Но во секоја верзија на брегзит, освен онаа без договор, краткорочната штета ќе биде надоместена од засилувањето на чувствата кај бизнисите и потрошувачите, бидејќи ризиците од тотален колапс ненадејно се заменети со сигурните изгледи за долг транзициски период во кој британските односи со Европа ќе останат речиси непроменети.

Во ова сценарио, политичките промени на двете страни од Каналот би можеле да ја надминат дури и структуралната штета од брегзит за Британија и нејзините трговски партнери. Британија ќе има корист од циклусните стимули, што Џонсон ги вети во форма на повисока јавна потрошувачка и намалување на даноците. Преостанатиот дел од Европа, особено Германија и Франција, ќе има корист од комерцијалните можности на новите политики на ЕУ, и најверојатно ќе ги истиснат британските конкуренти од единствениот пазар во профитабилните индустрии, како што се финансиите, медиумите, фармацијата, одбраната и автомобилите.

Тогаш, колкава е веројатноста за нормален брегзит и долг транзициски период, наспроти потенцијално катастрофалното излегување без договор? Политичките обложувачници сега прогнозираат дека шансите за брегзит без договор се 33 отсто, а некои финансиски аналитичари сметаат дека изгледите за таков исход се дури 50 отсто. Тоа не е изненадувачки, ако се земе предвид дека најголемиот дел од својата кампања, Џонсон ја посвети на нормализирањето на идејата за брегзит без договор. Сепак, постојат најмалку три причини зошто и натаму брегзит без договор е малку веројатен. Прво, расположението во британскиот парламент во најголем дел е против исход без договор. Сите опозициски партии сега повеќе се обединети против Џонсон отколку што беа против Меј, додека, пак, неговото ефективно парламентарно мнозинство е редуцирано на двајца или тројца пратеници. Па така, во принцип, ќе биде потребно само двајца пратеници да им го свртат грбот на конзервативците, за да падне владата на Џонсон и да бидат распишани парламентарни избори. Доколку изборите бидат предизвикани пред Џонсон да успее повторно да ја обедини неговата партија, нудејќи некаква верзија на брегзит, тогаш тој најверојатно ќе загуби и ќе стане премиер со најкраток мандат во британската историјата. Провоцирањето на бунт помеѓу противниците на брегзит без договор е многу поголем ризик за Џонсон отколку вознемирувањето на еврофобите кои ја саботираа Меј.

Второ, Џонсон има средства за избегнување на брегзит без договор, кои не ѝ беа достапни на Меј. Доколку може да ги убеди лидерите на ЕУ да понудат некои мали козметички промени на договорот за брегзит на Меј, Џонсон речиси сигурно ќе добие „зелено светло“ од парламентот за неговиот „нов“ договор. Во меѓувреме, многу проевропејци во двете големи партии, кои претходно се надеваа дека ќе го спречат брезгит, сега ќе го поддржат речиси секој нов договор само за да го избегнат кошмарното сценарио без договор.

Затоа, главната закана доаѓа од страната на ЕУ. Дали европските лидери ќе направат доволно козметички отстапки пред Џонсон? Одговорот најверојатно е да. Лидерите на ЕУ се речиси исто очајни како и Џонсон да стават крај на сагата со брегзит, а на британскиот премиер навистина му е потребна само една мала отстапка: промена на „ирската граница“, дизајнирана да гарантира отворена граница со Северна Ирска. Бидејќи граничното прашање навистина се однесува на Ирска, ЕУ ќе биде водена од интересите на ирската влада. И тешко е да се замисли зошто ирската влада би претпочитала речиси сигурна директна штета за ирските економски и безбедносни договори во случај на брегзит без договор, наспроти мало омекнување на „ирската граница“, кое ќе гарантира долг транзициски период во кој ништо нема да се промени. Уште подобро, гледано од ирска позиција, во текот на транзицискиот период по редовниот брегзит, Британија ќе сака да постигне постојан трговски договор со ЕУ, кој ќе ја стави Ирска во уште посилна позиција да инсистира на условите за отворена граница.

Тоа води кон третата причина за обложувањето против брегзит без договор: изјавите и политичкиот стил на Џонсон. И додека Џонсон постојано ветува дека ќе ја напушти ЕУ во октомври „со или без договор“, тој исто така смета дека шансите за брегзит без договор се еден на милион, бидејќи тој е убеден во успешни преговори со ЕУ.
Доколку новиот британски премиер се одлучи за брегзит без договор, тогаш тој ризикува со катастрофа, без разлика на тоа што ќе се случи: економски колапс ако успее да ја заобиколи парламентарната опозиција и да го испорача ветеното излегување, и предвремени парламентарни избори доколку парламентот го блокира. Од друга страна, ако тој искрено се обиде да постигне договор за редовно излегување, Џонсон и понатаму ќе може да испорача симболичен брегзит до неговиот рок во октомври, но исто така и да обезбеди транзициски период, кој на Британија очајно ѝ треба.