Талибанското отфрлањето на Владата во Кабул поддржана од Западот ги инспирира џихадистичките групи во светот

Отсекогаш било тешко да се воведе прецизна дефиниција за тероризмот, а новите закани што се шират, како и домашниот тероризам, уште повеќе го отежнуваат процесот, пишуваат Дијана Даскалу и Бен Вилкинсон за „Нешенел интерест“

Реформи во политиките на глобалниот безбедносен сектор

Сè повеќе се зголемуваат доказите што посочуваат дека десничарскиот тероризам е во подем во Западна Европа и во САД. Десничарските групи стануваат сè повеќе транснационални, поттикнати од лесниот пристап до дигиталните технологии додека се хранат од глобалните грижи и неправди, како што се миграцијата и климатските промени. Ова им овозможува да допрат до пошироката јавност и да го зголемат своето влијание.
Покрај тоа, успешноста на талибанците во отфрлањето на Владата во Кабул поддржана од Западот ги инспирираше и ги охрабри џихадистичките групи насекаде во светот. Ова е загрижувачка слика за владите и за јавноста. Ако терористичките чинови станат почести, од суштинско значење е домашните антитерористички политики да бидат во чекор со променливата природа на заканата за западните држави да можат соодветно да одговорат. Сепак, западните носители на политики и одлуки сè уште се борат како да ги дефинираат чиновите на тероризам и кога е соодветно да поднесат обвиненија за тероризам.

Мутациите на идеологиите ја отежнуваат задачата

Една скорашна студија на РАНД во Европа покажа дека постои континуирано несогласување меѓу експертите за темата околу тоа како треба да се класифицираат различни чинови на екстремистичко насилство, особено тероризам. Овој недостиг од консензус, како на меѓународно така и на национално ниво, е загрижувачки. Тој може да открие јаз во борбата против екстремизмот и антитерористичките политики.
Одамна постојат тешкотии во дефинирањето што претставува еден чин на тероризам. Тие проблеми денес се влошени од голем број фактори, вклучувајќи ги мутациите во „традиционалната“ десничарска идеологија, кои ја усложнуваат способноста на владите да ги препознаат десничарските чинови на насилство како тероризам. Овие мутации се потпомогнати од суштинските карактеристики на платформите на социјалните медиуми, како што е анонимноста, леснотијата со која информацијата се објавува и се шири, широките народни маси до кои може да стигне и вродената тешкотија да се следи изворот на информацијата. Еден таков пример е неодамнешниот инцидент што се случи во Плимут, Велика Британија, кога на 13 август вооружен маж отвори оган и им го одзеде животот на пет лица. Иако доказите укажуваат дека тој бил поттикнат од идеологијата поттикната од говорот на омраза на интернет, сепак чинот сè уште не е класифициран како тероризам, покрај тоа што гласно се протестираше дека така треба да биде третиран.

Законодавни проблеми со класификацијата

Други земји се борат со истиот проблем како да се категоризираат чиновите на екстремно насилство. Во Канада, промената може да се забележи во изминатите години во однос на припишување обвиненија за тероризам за сите релевантни случаи, покрај можните поврзани тешкотии во судското гонење. На пример, во февруари 2020 година се случија два инцидента, од кои во едниот еден маж избоде до смрт една жена, наводно задоен од идеологијата на говорот на омраза, а во другиот маж усмрти жена со удар на чекан и го поврза чинот со изјава во врска со Исламска држава. Во двата случаја сторителите прво беа обвинети за убиство од прв степен, а потоа за тероризам. Понатаму, еден инцидент што се случи на 6 јуни, во кој маж влета во автомобил во муслиманско семејство и им го одзеде живото на четворица, исто така беше обвинет за тероризам. Тоа беше првпат канадскиот закон за борба против тероризмот да се употреби за кривично гонење за чин на исламофобија.
Слично на тоа, во САД веќе неколку години трае дебата околу тоа што треба да се смета за убиство, злосторство од омраза или тероризам. Ова особено е важно за масовните убиства поврзани со оружено насилство, каде што многу од сторителите се инспирирани од различни аспекти или варијанти на десничарската идеологија, како што се белата надмоќ, хомофобијата или сексизмот.

Неуспешни обвиненија – неточна статистика

Несогласувања за класификацијата постојат кога станува збор за превенција и заштита од терористички чинови. Неподнесувањето обвиненија против сомнителни чинови на тероризам како такви можат да резултираат со погрешна статистика. Ова може да значи дека носителите на политики и одлуки ги занемаруваат клучните терористички активности и на тој начин стануваат несвесни за размерите на проблемот додека тој не се манифестира. Неточната статистика може да влијае и на нивото на ресурси наменети за справување со одредени проблеми што може да се одрази на нивото на заштита што го имаат општествата од терористички закани. Ова е уште порелевантно поради можноста за намалување на државниот безбедносен буџет поради ковид-19.
Неуспехот да се обвинат престапниците за тероризам кога е релевантно може само да ги спречи прекршителите да имаат пристап до соодветни ресурси за дерадикализација. Ова во комбинација со несоодветни процени на ризикот потенцијално може да резултира со помилување или ослободување од затвор додека сè уште лицето претставува закана за општеството. Во сегашниот безбедносен контекст на заживеаните џихадистички групи и постојано растечките варијации на десничарската идеологија, воспоставувањето консензус за дефиниција на тероризмот и ставањето на важноста за соодветно кривично гонење на чиновите на тероризам во центарот на вниманието би можело да биде поважно од кога било.
Начинот за да се постигне овој консензус би можел да вклучува продолжување на поддршката и унапредувањето на комуникациите и консултациите меѓу релевантните лица вклучени во дефинирање и поднесување обвиненија против екстремистичко насилство, како што се владините политичари, полицијата и обвинителството. Ова може да обезбеди перцепциите на овие различни засегнати страни да се развиваат на начин што е конзистентен со нив и со променливата природа на екстремистичкото и терористичкото насилство. Додека оваа конзистентност не се постигне, борбата против екстремизмот и антитерористичките политики може секогаш да заостануваат зад заканата, која постојано еволуира.