Во говорот во кој го најави повлекувањето на САД од Парискиот климатски договор во 2017 година, претседателот Трамп порача дека одлуката била донесена со цел „да ја исполни неговата свечена должност да ги заштити Америка и нејзините граѓани“. Мич Меконел, лидерот на мнозинството во Сенатот, потоа го поздрави Трамп затоа што „нанел уште еден значаен удар по нападот на администрацијата на Обама врз домашното производство на енергија и работните места“.
Повлекувањето од договорот наиде на силни критики кај другите светски лидери и експерти за климатски промени. Меркел, Макрон и Џентилони од Германија, Франција и Италија излегоа со заедничка изјава во која порачаа дека „одлуките во Парискиот климатски договор склучен во декември 2015 година се трајни и цврсто стојат на ставот дека за него не може повторно да се преговара, бидејќи е клучен инструмент за планетата, општествата и економиите“.
Сега на ред е претседателот Бајден да ги повлече одлуките на неговиот претходник. Како дел од новите извршни одлуки на првиот ден од неговиот мандат во Белата куќа, Бајден испрати писмо до генералниот секретар на ООН за да го информира дека САД имаат намера повторно да се приклучат во климатскиот договор. Откако ќе помине официјалниот 30-дневен рок за известување, САД повторно официјално ќе бидат вклучени во договорот, покрај преостанатиот дел од светот во остварувањето на климатските цели.