Американскиот претседател Џо Бајден го предложи јунскиот самит во Женева со рускиот претседател Владимир Путин за да се намалат тензиите

Американската загриженост за ризиците од можна војна со Русија и со Кина е сосема основана, со оглед на тоа што САД не се неподготвени за борба дури и за конвенционален воен судир со противниците, пишува Дејвид Т. Пајн за „Нешенел интерест“

Геополитички превирања во сите точки на светот

Во една претходна статија, со насловена „Русија и Кина веќе победуваат во трката за нуклеарно вооружување“, зборував за опасностите по националната безбедност на САД од неверојатниот напредок на Кина и на Русија во проширувањето на големината на нивните нуклеарни арсенали на ниво многу повисоко од сегашниот американски нуклеарен арсенал. Колку повеќе продолжува да расте супериорноста на Русија и на Кина над САД во однос на нуклеарното и другото неконвенционално оружје, како што се суперелектромагнетниот пулс (ЕМП) и сајбер-оружјето, како и во однос на општиот опстанок на нуклеарната војна, толку е поголемо нивното искушение да се вклучат во сè похрабра меѓународна офанзива надвор од нивните граници. Веќе видовме примери за ова со инвазијата на Русија врз Украина во 2014 година, заземањето на спорните острови во Јужнокинеско Море во последните неколку години од страна на Кина и она што се чини дека станува сѐ поблиска кинеска офанзива на Тајван.
Во март и април годинава, наводно, Русија распоредила 100.000-150.000 војници по должината на северната и источната граница на Украина, подготвени за можна инвазија. Како одговор на тоа, САД го подигнаа алармот на трето ниво за состојбата на одбраната (ДЕФКОН), за првпат од 11 септември 2001 година. Покрај тоа, американската европска команда го подигна нивото на подготвеност на „потенцијална непосредна криза“, во страв дека руската инвазија на Украина може да биде проследена со руски обид да ги освои државите на фронтот на НАТО, вклучувајќи ги поранешните советски републики Естонија, Летонија и Литванија. Токму оваа криза го натера претседателот Џо Бајден да го предложи самитот во Женева, кој се одржа во јуни годинава, со рускиот претседател Владимир Путин за да се намалат тензиите и да се подобрат американско-руските односи, кои тогаш беа на најниско ниво од крајот на Студената војна. Уште повеќе загрижува тоа што Русија ги надмина САД во однос на нуклеарниот арсенал, што може потенцијално да ѝ овозможи да ги принуди или уцени американските лидери да постапат по нејзина волја и еднострано да се разоружат или, уште полошо, да почне катастрофален напад врз американска територија со релативно низок ризик од ефикасен возвратен удар од страна на Вашингтон. Таквиот напад во суштина би ги збришал САД од геополитичката карта, како што направија сојузниците со Германија на крајот од Втората светска војна.

Нема стратегија за војна на два или повеќе фронта

Командантот на американската стратегиска команда, адмиралот Чарлс Ричард, сведочеше пред Конгресот во април 2021 година дека САД би можеле да се соочат со војна од два, па дури и од три фронта, доколку Русија ги нападне Украина и/или други држави од Источна Европа, Кина го нападне Тајван, а Северна Кореја истовремено и координирано ја нападне Јужна Кореја. Адмиралот Ричард истакна дека Вашингтон во моментов нема итни планови како да се соочи со две сојузнички нуклеарни суперсили во некаква идна војна. Според тоа, постојат разбирливи сомнежи дали со своите капацитети САД и нивните сојузници ќе успеат да преживеат, а камоли да победат во војна што се води со толку моќно неконвенционално оружје на нивните противници.

Поранешниот помошник-државен секретар за европски и евроазиски прашања Вес Мичел дури предупреди дека таков конфликт би вклучувал национални напори и ризици невидени со генерации, што ефективно ја спротивставува Америка против ресурсите на речиси половина од евроазиската копнена маса. Тоа ќе бара големи жртви од американскиот народ и ќе има далекосежни последици за влијанието, сојузите и просперитетот на САД. Со оглед на високите влогови, избегнувањето војна на два фронта со Кина и со Русија мора да биде меѓу главните цели во современата американска голема стратегија. Сепак, САД бавно ја сфаќаат оваа опасност, а камоли последиците што ги има за американската политика. Многу малку се дискутираше како американската дипломатија треба да се развива за да се избегне војна на два фронта. Во сегашното буџетско опкружување, сепак, најверојатниот исход би можел да биде најлош, со тоа што Америка ќе продолжи да се обидува да ги надвладее сите закани, додека истовремено ќе ги намалува реалните трошоци за одбрана. Ова создава идеален простор за Русија и за Кина, кои сѐ повеќе се зближуваат, за постојано да ја тестираат одлучноста на САД во нивните соседства, а кога условите ќе станат поволни, да извршат истовремени офанзиви, да речеме, врз Тајван и врз некоја балтичка држава.

Пораз и во воените симулации

Загриженоста на САД за ризиците од водење на претстојната војна со Русија и со Кина е сосема основана, со оглед на тоа што се неподготвени да водат дури и чисто конвенционална војна со нив. Во 2019 година, поранешниот заменик-секретар за одбрана на САД, Роберт Ворк, како и Дејвид Окманек, еден од клучните одбранбени планери во Министерството за одбрана, понудија јавен приказ на резултатите од серијата класифицирани симулации на воени игри. Како што резимира „Њујорк тајмс“, „САД загубиле во 18 од последните 18 воени симулации на Пентагон, во кои беше вклучена Кина во Тајванскиот Теснец“. Иако многу американски лидери се заинтересирани да ја бранат секоја нација во опасност од руска и кинеска закана, вклучувајќи ги и подалечните држави, како што се Тајван и Украина, каде што американските противници уживаат огромна воена супериорност, сепак тие треба да усвојат пореална процена на шансите САД да победат во таков конфликт. Во една статија, Едвард Гајст, истражувач на политики во корпорацијата РАНД, забележува дека во ноември 2018 година, Комисијата за национална стратегија за одбрана открила дека „ако САД треба да се борат со Русија во балтичкиот контингент или да војуваат со Кина за Тајван, Американците би можеле да се соочат несомнено со воен пораз. Поточно, американската војска може да ја загуби следната војна во која би се вклучила“.

Неможноста на НАТО за веродостојна одбрана

Иако американските политичари имаат право во последниве години да се фокусираат на заканата од војни со големи сили како Русија и Кина, сепак првенствено американските лидери треба да ги признаат зголемените шанси за пораз во вакви конфликти, за да можат подобро да одредат дали им служи на американските безбедносни интереси да се вклучат во однапред загубени војни со други нуклеарни суперсили, со што би се ризикувале животите на десетици милиони Американци и воопшто самото постоење на државата. Понатаму, американските политичари направија стратегиска грешка во проширувањето на НАТО во Источна Европа кон крајот на 1990-тите години, а потоа и во поранешните советски република Естонија, Летонија и Литванија, бидејќи САД и нивните сојузници немаат доволен воен капацитет да ги бранат своите источноевропски членови против потенцијалната руска закана. Минатиот месец, Стивен Филип Крамер, глобален соработник во меѓународниот центар за научници „Вудро Вилсон“, ја објаснуваше токму неможноста на НАТО веродостојно да ги брани своите членови на источното крило од руска закана. Тој посочи дека Путин склучи сојуз со Кина, пркосејќи им на основните правила на геополитиката. Но Русија и Путин, како и неговите поддржувачи, не треба да се игнорираат. Москва останува да важи за закана поради нејзиниот огромен нуклеарен арсенал и новостекнатите вештини за проектирање на својата ограничена моќ на паметни и непредвидливи начини. Речиси секоја процена за капацитетот на НАТО да се распореди и да се брани од одлучна руска офанзива на Балтикот води до сериозен заклучок дека сегашните капацитети на Алијансата не се соодветни. Според него, Европа не може да се брани од одлучна руска инвазија на Балтикот или некој друг источноевропски сојузник на НАТО. Трошоците за противнапад за враќање и обезбедување на територијата би биле огромни за сите засегнати страни и катастрофални за нациите и луѓето во областите каде што всушност би се случила војна. Покрај тоа, уништувањето на инфраструктурата и другите капацитети, кои се очигледни цели во таква војна, би имало огромно влијание врз двете страни, сето тоа без вклучување на можноста за нуклеарна ескалација.

Кои се ризиците за САД

Овие наоди сугерираат дека, во тешка битка со противник речиси како Кина, американските сили може да бидат поразени дури и ако нивните команданти не направат грешка. За жал, американската стратегија не вклучува посериозни планови за долготраен конфликт меѓу сличните на неа од почетокот на Студената војна. Источна Европа не се сметаше од клучен национален безбедносен интерес на САД за време на Втората светска војна, кога претседателот Франклин Д. Рузвелт и британскиот премиер Винстон Черчил ѝ ја отстапија на Советскиот Сојуз на конференцијата на Јалта, или за време на Студената војна, кога американските лидери ги отфрлија можностите за интервенција воено да ги бранат Унгарија и Чехословачка од советската инвазија. Затоа, САД треба да направат анализа на трошоците и придобивките за да размислат дали ризиците, во однос на потенцијално катастрофалната војна со Русија, од одржувањето на своите безбедносни обврски кон нациите од Источна Европа, ги надминуваат придобивките.