На повидок геополитичка катастрофа во Сирија

1750
Турција објави оти жстоко ќе се одмазди за убиството на нејзините војници во Сирија

Хуманитарната криза во Идлиб може да се претвори во вистинска геополитичка катастрофа во Сирија, по убиството на 33 турски војници во сириски воздушен напад, што претставува огромна ескалација

Анкара вчера соопшти дека погодила над 200 цели на сириската армија на Башар ал Асад и дека „неутрализирала“ над 300 сириски војници како одмазда за воздушниот напад во кој настрадаа турските војници.
Русија, која е главен сојузник на Сирија, тврди дека турските војници биле нападнати во Сирија додека дејствувале заедно со џихадистички борци. Според руската армија, нападот бил извршен кога сириската армија реагирала на „голема офанзива на терористичка група поврзана со Ал каеда во Сирија во близината на градот Бехун, во демилитаризираната зона во Идлиб“. Русија исто така негираше дека нејзини сили дејствувале во областа. Сириската армија, поддржана од Русија, во изминатиот период се обидува да ја врати контролата врз последната провинција Идлиб, која засега е во рацете на џихадистичките групи и од групи поддржани од Турција.

– Турците веднаш ги обвинија сириските воздухопловни сили за нападот, иако е јасно дека и руските авиони беа вклучени во некои неодамнешни борби во регионот. Можноста и засега останува само можност, дека воени авиони на Москва погодиле сили на земја на НАТО што дејствува во Сирија, само ја истакна тежината на сето тоа што се случува во земјата – оценува Џонатан Маркус, дописник на Би-би-си.
НАТО вчера требаше да одржи итен состанок по барање на својата членка Турција, а САД изразија загриженост за нападот врз турските војници во Идлиб.
– Стоиме зад Турција, нашиот партнер во НАТО, и повикуваме на итен прекин на нападите од сирискиот режим на Башар ал Асад, Русија и силите што ги поддржува Иран – се вели во соопштението на Стејт департментот.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој одржа итна средба со безбедносните служби веднаш по нападот на турските војници во Сирија, вчера се очекуваше телефонски да разговара со американскиот колега Доналд Трамп.
Инаку, Москва завчера објави дека рускиот претседател Владимир Путин не планира на 5 март во Истанбул да се сретне со турскиот колега Реџеп Таип Ердоган, како што претходно најави самиот Ердоган.

Кремљ, меѓутоа, нагласи дека двете страни продолжуваат да комуницираат на експертско и на работно ниво за ситуацијата во Сирија. Според аналитичарите на Геополитика, Путин со потегот сакал јасно да му стави до знаење на Ердоган дека најновите турски воено-политички потези во Сирија се неприфатливи за Русија.
Вашингтон досега беше набљудувач на ситуацијата во северна Сирија, барем од моментот кога Трамп ги повлече американските сили и даде зелено светло за најновата операција на Турција против сириските курдски сили, кои беа најголеми сојузници на САД во борбата против Исламска држава. Прашањето сега е дали новиот бран бегалци можеби ќе охрабрат некоја нова меѓународно усогласена операција, посочува Би-би-си, додавајќи дека актуелната геополитичка и хуманитарна катастрофа во Идлиб е само ужасно потсетување за актуелната состојба со глобалната дипломатија и со тесните интереси на многу играчи во Сирија.


САД: Турција да научи кои ѝ се вистинските пријатели

САД ја повикаа Турција да научи од судирите во Сирија кои ѝ се вистинските пријатели и да се откаже купопродажбата на руските ракетни системи „с-400“.
Кеј Бејли Хачинсон, амбасадорка на САД во НАТО, изјави оти Турција треба да види „кои ѝ се доверливи партнери, а кои не ѝ се“.
Турција, која е членка на НАТО, купи руски системи „с-400“, поради што САД ја исфрлија од нивната програма за американските ловци „ф-35“, а Анкара подоцна најави дека би можела да купува руски авиони, јави Франс24.
– Се надевам дека турскиот претседател ќе види дека ние сме им сојузник од минатото и за иднината и затоа треба да се откажат од „с-400“. Тие сега гледаат каква е Русија, гледаат што прави таа сега и ако ги напаѓа турските сили, тогаш тоа треба би требало да има поголемо значење од сѐ друго што се случува меѓу Турција и Русија – порача таа.
Русија и Турција се согласија во 2018 година да создадат демилитаризирана зона во Идлиб, во договор што оттогаш пропадна. САД велат дека системот „с-400“ е штетен за НАТО, зашто ќе ѝ овозможи на Русија подобро да ги следи западните авиони. Турција го негира тоа, а турскиот министер за одбрана Хулуси Анкара за Си-ен-ен турк изјави дека Анкара напролет ќе ги активира руските ракетни системи „с-400“. Засега останува нејасно дали навистина ќе се случи тоа по ескалацијата на тензиите меѓу Русија и Турција во Сирија.


Руски бродови пловат кон Сирија

Две фрегати на руската црноморска флота, „Адмирал Макаров“ и „Адмирал Григорович“, од Севастопол запловија кон источниот дел на Средоземно Море, соопшти вчера Канцеларијата за информации на црноморската флота. Таа наведува и дека двете фрегати се вооружени со прецизно оружје, ракетен систем „Калибр-НК“, и дека ќе се приклучат кон постојаната групација на воено-поморската флота во Средоземно Море, пренесе Геополитика.
Третата фрегата, „Адмирал Есен“, е во источниот Медитеран од декември 2019 година. Секоја од нив има по осум системи за лансирање крстосувачки ракети „калибр“, со дострел од околу 2.500 километри, а на нив може да се постават и нуклеарни боеви глави. Првата руска примена на новите ракети „калибр“ во Сирија беше во 2016-та, кога беа лансирани од бродови на касписката флота.


Анкара повеќе нема да ги запира бегалците кон ЕУ

Турција одлучи дека повеќе нема да го попречува заминувањето на бегалците од сирискиот регион Идлиб во Европа, објави Ројтерс. Сите бегалци сега ќе можат слободно да ја минуваат границата со ЕУ, или преку копно или преку море, и нема да бидат спречени од турските власти.
Експертите оценуваат дека Анкара со таквиот потег јасно сака да изврши дополнителен притисок врз ЕУ да бара од Русија да ги прекине сириските воени операции, поведени за ослободување на северозападниот регион Идлиб од радикални исламистички елементи, нагласува Геополитика.