Македонски рецепт на протести и контрапротести во Франција

244

Балканскиот синдром на протести и контрапротести ја зафати и Франција, па по „жолтите елеци“ се појавија и „сини елеци“ и „црвени шалови“, а протестите никако да стивнат. Напротив, се најавуваат уште поголеми демонстрации, додека анкетите покажуваат оти претседателот Емануел Макрон нема одговор на барањата на незадоволните Французи

Сегрегација во ЕУ на балкански начин

Француските демонстранти ископираа балкански модел на протестирање. Тие „се балканизираа“, како што љубат да кажат западњаците, кога зборуваат за нешто што се поделило на повеќе делови што се меѓусебно спротивставени, а понекогаш и насилни едни кон други. Дали тие навистина сметаат дека со балканскиот начин на конфронтации ќе го решат проблемот во своите високоразвиени држави, или во прашање е нешто друго?
Имено, балканскиот синдром на протести и контрапротести сега ја зафати и Франција. По трендот на „жолтите елеци“, сега се појавија и „сини елеци“ и „црвени шалови“, а демонстрациите никако да стивнат. Напротив, прогнозерите најавуваат уште помасовни собири годинава, па дури и класна војна!? Анкетите покажуваат оти францускиот претседател Емануел Макрон не успеал да се справи со барањата на незадоволните граѓани. Кои се различните групи демонстранти и какви се нивните барања?

Илјадници Французи минатата недела маршираа во Париз со црвени шалови во знак на протест против насилствата на протестите на „жолтите елеци“, кои во изминатиот период резултираа со жртви и со големи материјални штети. Движењето на „жолтите елеци“ се роди во ноември како реакција на најавените зголемувања на цените на горивата, по што се претвори во пошироко антивладино движење против социјалната нееднаквост. „Жолтите елеци“ потоа почнаа да се делат на порадикални и поумерени групи. Едни припадници решија и да се кандидираат на европските избори во мај, но се повлекоа откако беа обвинети за предавство на „вистинските цели“ на движењето.

„СТОП ЗА НАСИЛСТВАТА“

Во меѓувреме, се појавија и „црвени шалови“ и „сини елеци“ како реакција на насилствата на „жолтите елеци“, но и тие се поделија во однос на тоа дали да го поддржат францускиот претседател Макрон или да бидат аполитични движења, како што се нарекуваат самите. Движењата на „црвените шалови“ и на „сините елеци“ во почетокот беа ограничени на социјалните медиуми, но како што продолжија насилствата на протестите на „жолтите елеци“ во новата година, двете алтернативни групи ги здружија силите за да го одржат својот прв контрапротест минатата недела во Париз и тоа само еден ден по единаесеттите по ред саботни протести на „жолтите елеци“.

– Ја осудуваме бунтовничката клима што ја создадоа „жолтите елеци“. Исто така ги отфрламе заканите и постојаните вербални малтретирања на граѓаните што не се дел од „жолтите елеци“ – се вели во манифестот на контрадемонстрантите, кои со слогани „Доста е“ и „Стоп за насилствата“ маршираа во Париз.
„Црвените шалови“ се појавија во ноември, прво како фејсбук-група формирана од Џон Кристоф Вернер од јужна Франција. Тој во интервју за локален весник изјави дека ја создал групата бидејќи француските граѓани секојдневно биле малтретирани од припадниците на „жолтите елеци“.

– Денес, многу луѓе се плашат да ги напуштат своите куќи, да ги користат патиштата и да возат до своите работни места – нагласи тој.
На веб-сајтот на групата, повеќе луѓе раскажуваат како биле вербално нападнати зашто не носеле исти рефлектирачки жолти елеци какви што носат антивладините демонстранти, како биле принудени да потпишуваат петиции со кои се бара оставка од претседателот Макрон за да можат да ги поминат барикадите на патиштата и како биле обвинети дека се припадници на буржоазијата зашто не ги почитувале барањата на „жолтите елеци“, пренесува Франс 24.

Движењето на „сините елеци“, пак, е основано од 36-годишниот правен експерт Лоран Сени и тоа се појави на Твитер во ноември во знак на протест поради „блокадите, насилството, неоправданите ограничувања на слободата на движење, нападите врз слободата на мислата (ако не си припадник на ’жолтите елеци‘ тогаш си богат или уште полошо)“. Сени, кој тврди дека има месечна плата пониска од 1.650 евра и живее во социјален стан, вели дека ја создал групата зашто иако живеел во слични услови како и многу поддржувачи на „жолтите елеци“, тој не можел да се идентификува со нивните методи и барања.

„НЕ НАРЕКУВАЈ МЕ БОГАТАШ“

На протестите минатата недела им се приклучи уште едно движење, кое исто така почна како фејсбук-група „СТОП, сега е доволно“. Групата во декември е формирана од 51-годишниот инженер Лоран Сули од југозападниот град Тулуз и тоа, како што вели самиот, за да им овозможи на Французите конечно да го изразат своето мислење. Тој во интервју за АФП изјави дека групата ја создал откако видел дека насилните протести на „жолтите елеци“ не се смириле, иако Владата направила отстапки и прифатила некои од нивните барања.

Учесници на контрапротестот на „црвените шалови“ порачаа оти им е доста од безредијата за време на протестите на „жолтите елеци“

– Имам куќа што треба да се фарба, возам ист автомобил веќе 12 години и внимавам како на крајот на месецот да не завршам со минус на сметката – вели тој, нагласувајќи дека му е доста од етикетирањето дека е „богаташ“.

Каролин Гарсин, поранешна медицинска сестра од јужниот град Монпелје, која живее со надомест за инвалидитет бидејќи е глува, за АФП изјави дека решила да им се приклучи на „црвените шалови“ зашто била малтретирана од „жолтите елеци“ бидејќи не го носела истиот рефлектирачки елек.

– Се почувствував сосема сама во свет полн со омраза – нагласи таа, додавајќи дека откако се приклучила кон „црвените шамии“ открила една нова просветлена и мирна Франција, полна со почит.

Гарсин вели дека го разбира чувството за социјална и фискална неправда на припадниците на „жолтите елеци“, но дека одбива да биде нивен заложник. За неа, како што вели самата, се неприфатливи повиците „за линчување или за убивање полицајци“.

МАКРОН ЌЕ ПРОФИТИРА?

Дека француската јавност е поделена околу протестите и околу политиките на власта покажуваат и најновите испитувања на јавното мислење. Една анкета на „Ифоп“, објавена неделава по протестите и контрапротестите во Франција, покажува дека повеќето Французи се согласни дека Макрон не одговорил соодветно на барањата од „жолтите елеци“, но веднаш се појавуваат големи разлики во нивните ставови ако се земат предвид политичките определби. Така, поддржувачите на крајната левица и на крајната десница сметаат дека Макрон воопшто не ги променил економските и социјалните политики, додека приврзаниците на неговата партија сметаат дека тој соодветно реагирал на барањата на незадоволните граѓани. Поделби има и меѓу самите прогнозери и аналитичари. Додека едни прогласуваат „политички крај“ за Макрон, други оценуваат дека „жолтите елеци“ се всушност своевиден подарок за претседателот, кој засега се мачи со низок рејтинг. Според вторите, Макрон на крајот би можел и да профитира од движењето, бидејќи тоа повеќе им штети на неговите политички противници (крајната левица и десница), кои во моментот го поддржуваат, отколку на него или на неговата партија, која има мнозинство во парламентот и може да ги спроведува реформите. Каков и да биде конечниот исход, француската политичка сцена динамично се балканизира, а завојуваните страни засега не покажуваат преголема волја за дијалог или компромис. Европа го копира Балканот, комично зарем не?