Курц е иднината на Европа?

407

Коалицира со ултрадесничари, додека неговите сојузници уверуваат дека има проевропски ставови и дека поддржува либерална демократија. Многумина го нарекуваат новиот лидер на ЕУ, но младиот австриски канцелар допрва треба да покаже
како ќе реагира на кризите во Европа

Младиот австриски канцелар Себастијан Курц (31) не престанува да ги бранува европските политички води. Тоа делумно се должи на неговиот стил на конзервативен популизам, односно оригинална синтеза на суров социјален конзерватизам и заложбите за спроведување на редот и законот со традиционалната верност кон докажаните европски институции и економски политики. Откако стана лидер на австриската Народна партија, тој тежнееше да коалицира со ултрадесничарската, антиимигрантска Слободарска партија, која претходно беше отфрлена од конвенционалниот австриски естаблишмент. По преземањето на функцијата канцелар, пак, Курц ја нагласуваше итната потреба да се реши незаконското доселување и да се зачува традиционалната австриска култура.

Курц, кој има големи амбиции, јасно покажа дека има за цел да го прошири австриското влијание преку нејзините граници. Курц веќе е популарен во Германија, каде што младиот Австриец интервенираше во актуелната борба за моќ меѓу конзервативните партии во државата, Демохристијанската унија (ЦДУ) на канцеларката Ангела Меркел и нејзината сестринска баварска партија, Христијанска социјална унија (ЦСУ). Курц ја претпочита втората и нејзините полиберални доселенички политики и тој, заедно со италијанската десничарска популистичка партија Северна лига, сака да формира сојуз против незаконското доселување меѓу Австрија, Германија и Италија. Курц почна и да претседава со Советот на ЕУ, што му овозможува да ја постави политичката агенда на континентот за преостанатиот дел од годината. Не треба да биде изненадување тоа што тој изјави дека обезбедувањето и штитењето на надворешните граници на Европа ќе биде еден од неговите главни приоритети под официјалното мото „Европа што заштитува“. Визијата на Курц веќе е претставена во договорот кој неодамна беше постигнат од страна на лидерите на ЕУ со цел да се зајакнат азилантските политики со формирањето на нови „контролни“ центри за сместување и згрижување на азилантите на доброволна основа во Европа и отворање на мигрантски центри надвор од Европа за да се натераат мигрантите да не поднесуваат барања за азил првенствено таму. Курц играше клучна улога во реализирањето на двата предлози и помогна да се постигне компромис меѓу центристичките и популистичките сили во ЕУ, што ја потврди наводната традиција на Австрија да биде политички мост, што честопати беше пропагирано од страна на владата на Курц. Ова исто така придонесе Курц да го добие статусот на „рок-ѕвезда“ во очите на Ричард Гренел, новиот американскиот амбасадор во Германија на претседателот Доналд Трамп, и да биде пофален од страна на ултрадесничарската партија Алтернатива за Германија како „вистински пријател“.

Среде слабиот четврти мандат на Меркел, Курц веќе се прогласува за најважниот политичар и нов лидер на ЕУ. Но прашањето останува дали конзервативниот популизам на Курц навистина е она што му е потребно на европскиот ослабен естаблишмент. Младиот канцелар на Австрија се чини дека верува дека тој разви проект што другите центристичко-десничарски партии и движења низ Европа можат да го искористат за да го ублажат популизмот додека го одржуваат наследството на европскиот естаблишмент. Но дали ветувањето на Курц за спас на Европа може да се сфати здраво за готово или како бура која најверојатно ќе уништи она што наводно сака да го заштити? Ако Курц е иднината на Европа, тогаш добро би било да се знае дали тој во неа гледа само корист за себе.

Откако стана лидер на Народната партија во мај 2017 година, Курц веднаш почна да ја трансформира во политичко движење чија намера е првенствено него да го промовира. Ронцхајмер напиша дека „за разлика од Емануел Макрон во Франција, тој не се осмели да формира ново движење, туку само ги промени неговите структури“. Иако оваа трансформација во движење не беше целосна барем од структурен аспект, партијата и натаму е предводена од разни децентрализирани подорганизации и регионални партии во австриските покраини, сепак таа игра клучна улога во ширењето на посебната форма на конзерватизам на Курц.

Кампањата на Курц за канцелар беше невообичаена за австрискиот контекст со тоа што тој не ги истакна одредените политики толку многу колку што ги истакна неговата автентичност и карактер. Тој ја сведе неговата политичка програма на неколку често повторувани цели, а тоа се антимиграцијата, антиполитизираниот ислам, лично ориентираната одговорност во економската сфера, без многу политички детали. Сепак, Курц јасно покажа дека неговите политики се конзервативни, насочени кон социјалниот конзерватизам и законот и редот и дека имаше намера да ја повлече неговата партија кон десницата, што е спротивно на ланската кампања на Меркел која првенствено сакаше да ги привлече умерените левичарски гласачи. Курц беше убеден дека Австријците пред сè сакаа нов стил на лидерство со печат на стариот естаблишмент, дури и ако тие не беа сигурни какви политики ќе добијат. Исходот беше јасна победа за Курц на ланските октомвриски парламентарни избори, што доведе до неговата актуелна коалиција со ултрадесничарската Слободарска партија.

Но иако Курц практикува слаба форма на популизам, неговите ставови не се против естаблишментот ниту се против ЕУ. Народната партија и понатаму ја поддржува европската интеграција. За разлика од ултрадесничарските екстремисти, тој не се сомнева во постојните политички институции или вредноста на независните медиуми, иако неговиот коалициски партнер со децении беше во конфликт со австрискиот национален радиодифузер. Најголемиот дел од неговите ставови се во согласност со традиционалните конзервативни позиции во Австрија и во Германија. Во практика, економските политики на Курц, стана јасно, дека се состојат од познати заштитни знаци на економската либерализација, дерегулација и реформи на австрискиот систем за социјална помош заедно со намалувањето на релативно големиот јавен сектор на државата.

Сепак, ова се застранувања од традиционалните центристичко-десничарски политики. Секако, најважно е што Курц ја позиционираше својата партија поблиску до онаа на унгарскиот лидер Виктор Орбан и до други ултрадесничарски политичари со тоа што зазеде цврсти ставови за државната безбедност, вклучувајќи го доселувањето. Политикологот Петер Филцмаер истакна дека „Курц е прагматичар, а не догматичар во однос на ова прашање“. Повеќето австриски политичари, вклучувајќи ги оние кои добро го познаваат, веруваат дека австрискиот канцелар ги отфрли позициите само за да победи на изборите и веројатно ќе се наврати на истите ако насети политичка корист. Според Филцмаер, во крајна линија, конзерватизмот на Курц е флексибилен и „неговата основна идеолошка ориентација е делумно под влијание на опортунизмот и неговите професионални политички аспирации“.

Австрискиот политички аналитичар Томас Хофер смета дека Курц „е навистина олицетворение на новиот вид политички конзерватизам во Европа“ со тоа што успева да воспостави нова позиција меѓу класичниот европски центристичко-десничарски конзерватизам и десничарскиот популизам. Тој зборува популистички, но на многу попристапен начин отколку десничарските популисти“. Хофер го цитираше ставот за доселувањето и политиките за социјална помош на Курц како примери во кои канцеларот се обидува да најде заеднички јазик меѓу тврдокорните и умерените. Тој наведе дека „како таков, Курц може да служи како пример за други конзервативни партии во Европа кога станува збор за нивната промена на ставовите“. Истовремено, Хофер предупредува дека користењето на стратегијата на Курц во другите држави можеби нема да се покаже успешно, затоа што делумно е поставена врз одличните комуникациски вештини на самиот австриски канцелар и неговата способност да ги привлече незадоволните додека не ги отуѓува оние што се задоволни со непроменетата состојба.

Луѓето блиски до Курц во интервјуа постојано го нагласуваат неговиот проевропски став. Тие исто така постојано ја нагласуваат неговата поддршка за парламентарната либерална демократија и покрај неговата блиска поврзаност со политичари како Орбан, кој прогласи крај на ерата на либералната демократија. Всушност, Матијас Штролц, лидерот на либералната австриска партија НЕОС, во многу дебатираниот говор, го обвини Курц дека ја поткопал парламентарната демократија. Тој изјави дека „целата држава е опиена од неговата изведба и дека луѓето ќе се разбудат со тежок мамурлак“. Штролц е загрижен дека Австријците наскоро може да сфатат дека живеат во нелиберална демократија.

Овој страв делумно е производ на воочената ноншалантност на канцеларот и незаинтересираност за погрешните чекори на неговиот коалициски партнер, Партијата на слободата. Всушност, една од силните политички страни на Курц е што знае кога треба да премолчи во однос на некое специфично прашање. Неговата репутација на добар говорник се заснова повеќе на она што го премолчува отколку на она што го кажува. Канцеларот честопати премолчува на многуте примери за десничарски екстремизам на Слободарската партија. Според едно истражување во Австрија, десничарскиот екстремизам, вклучувајќи го и антисемитизмот, значително се зголемил откако Слободарската партија влезе во владата лани во декември. Курц, со неколку исклучоци се обиде да го избегне коментирањето во јавност на ваквите теми. Кога коментира на политички чувствителни прашања, Курц честопати заобиколува и дава сложен одговор.

Но ако целта на Курц е да ѝ ја одземе главната поддршка на Слободарската партија, тогаш неговата коалиција навистина се чини дека дава големи резултати. Таа мораше да го поддржи планот за економска либерализација на Народната партија и повеќе не може да биде дел од безобѕирниот економски популизам за да ги обедини нејзините главни поддржувачи кои традиционално спаѓаа во работничките гласачи кои протестираа. Имено, целосно спротивно на претходниот став, Слободарската партија беше обврзана да го поддржи сеопфатниот економски и трговски договор, поточно договорот за слободна трговија меѓу ЕУ и Канада, на кој се противеше со години.

Поради ова, партијата претрпи жестоки критики во моќните австриски таблоиди кои се традиционално мерило за мислењето на високообразовната класа. Ова незадоволство исто така се одрази во анкетите. Иако речиси две години Слободарската партијата постојано имаше солидно водство пред конзервативците и социјалдемократите, до пред неколку месеци пред парламентарните избори одржани лани во октомври, откако влезе во владата, се зацврсти на третото место веднаш зад другите две партии.
На крајот, амбициите на Курц да биде лидер на политичката мисла во Европа најверојатно ќе пропаднат поради релативно малата Австрија и нејзиниот статус на неутрална држава. Австрија едноставно е економски и политички премала за да стане една од водечките сили во ЕУ на долг рок.

Ова најдобро е прикажано во омилениот проект на Курц, а тоа е затворањето на медитеранската мигрантска маршрута. Со оглед на тоа што е континентална држава, Австрија не поседува поморски сили и нема да може да учествува во запечатувањето на европската тврдина без мал симболичен придонес. Уделот на државата во европската крајбрежна стража е исто така мал, а Виена исто така не покажа интерес за позначително да ги зголеми нејзините финансиски удели во нејзините големи амбиции за побезбедни надворешни европски граници. Всушност, и покрај реториката за правниот поредок на Курц и неговото наводно насочено внимание кон безбедноста, исцрпените воени и полициски сили и натаму нема да добиваат доволно финансии и би биле преслаби за да ги заштитат австриските граници од бегалски бран како оној од 2015 година. Не постојат природни граници за она што Австрија може да го стори и покрај тоа што очигледно целеше повисоко во изминативе неколку месеци. На неа ќе ѝ биде потребна поддршката на поголемите сили од ЕУ за сите нејзини големи планови. Сепак, уште е присутен скептицизмот за Австрија. Ќе треба јасна посветеност за распределувањето на товарот за да се убедат нејзините партнери дека таа повеќе не го има статусот на паразит во безбедносната политика.

Вистинскиот тест за Курц ќе се случи само во време на економска или политичка криза. Засега, во неговиот мандат на канцелар имаше огромна среќа во однос на тој поглед. Австрија покажува стабилни економски стапки на пораст, а невработеноста опаѓа. Државата исто така не беше цел на големи терористички напади досега, а австриската Слободарска партија е политички послаб партнер во владата. Но пред претстојниот брегзит и сè уште нерешената мигрантска политика на ЕУ, кризен момент може набргу да се случи за блокот. Сè уште има време да се види како ќе реагира младиот австриски лидер.


Ја спушти рампата за мигрантите и стана политичка ѕвезда

Курц пораснал во населба во Виена, каде што доминираат Социјалдемократската партија и Слободарската партија, но која секогаш била дом и на гласачи на Народната партија. Неговата приватна резиденција сè уште е во таа населба. По мандатот во градскиот совет на Виена и откако застана на чело на младинскиот разгранок на Народната партија, тој стана државен секретар за интеграција во април 2011 година на само 24 години, улога во која тој се залагаше за забрана на странските финансирања за австриските џамии, но исто така предложи и бесплатни часови по германски јазик за австриските имами.

Многумина жестоко се противеа на неговото назначување на толку млада возраст во Народната партија, а некои членови дури одбија и да се фотографираат со него. Тој беше исмеан во медиумите и од опозицијата, кои тврдеа дека е премлад и неискусен. Курц тогаш главно беше познат по слоганот од неговата кампања во градскиот совет: „Црното возбудува (според тогашната боја на конзервативната партија)“. Еден негов советник вели дека тоа оставило трајна лузна на егото на канцеларот, но и го научило на важноста за контролирање на политичките пораки.

Назначен како најмлад министер за надворешни работи во 2013 година, тој брзо стана најпопуларниот политичар во Народната партија на Австрија. Со отвореното противење на мигрантската политика на Ангела Меркел за време на европската криза од 2015 година и со својот паметен маркетинг, токму тој во 2016 година успеа да ја затвори балканската маршрута преку која сириските бегалци пристигнуваа во Европа, што практично го прослави меѓу конзервативните и ултрадесничарските гласачи низ Европа. Ова особено беше точно во Централна Европа каде што многумина веќе беа длабоко скептични кон либералните мигрантски политики што ги пропагираа Германија и Франција.

Со таквиот потег, тој прв пат целосно ја покажа неговата најголема политичка сила. Курц ја препозна пред другите лидери на центристичко-десничарските партии раширената загриженост за мигрантите и бегалците во Австрија и во Европа. Како што Пол Ронцхајмер пишува во биографијата за Курц, „затворањето на балканската маршрута на крајот го направи Курц политичка ѕвезда во и надвор од Австрија“.